1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бурни реакции во Бугарија по изјавите на Груевски

30 октомври 2009

Пораката на македонскиот премиер Никола Груевски до македонските иселеници во Австралија-никој не смее да ги дели на „Вардарци, Пиринци и Егејци“, од бугарскиот државен врв е сфатена за израз на територијални претензии.

https://p.dw.com/p/KIkH
Седиштето на бугарската Влада во СофијаФотографија: picture-alliance/ dpa

Обвинувања за територијални претензии и неевропско однесување доаѓаат од највисоките бугарски државни претставници на сметка на македонското раководство по посетата на премиерот Никола Груевски на Австралија.

Boyko Borisov
„Македонија да прочита какви се европските вредности“- Бојко БорисовФотографија: AP

Бугарскиот премиер Бојко Борисов, вчера и‘ препорача на Македонија да прочита какви вредности се признаваат во ЕУ и во НАТО.

„Отсекогаш сум им велел на нашите соседи од Македонија, дека откако тргнаа по патот кон членство во Европската унија и во НАТО, треба да прочитаат какви се вредностите кои таму се признаваат. А тие се Европа без граници, Европа на добрососедство, Европа во која проблемите не се решаваат со такви изјави, туку со мир, разбирање, толерантност“, ја коментираше Борисов изјавата на македонскиот премиер.

Груевски: „Има само Македонци“

Страстите во софиските политички кругови ги разгори изјавата на Груевски пред македонските иселеници во Канбера на 25 октомври:

„Јас сум среќен и горд кога ве гледам собрани и сплотени, затоа што не можеме да ја оствариме нашата цел ако сме разединети. Нема Вардарци, нема Егејци, нема Пиринци, има само Македонци“.

Mazedonischer Premierminister Nikola Gruevski
Македонскиот премиер Груевски за време на посетата на АвстралијаФотографија: MIA

На реакциите се надоврза и бугарскиот претседател Георги Прванов, кој деновиве се наоѓа токму во посета на Австралија. Пред новинарите кои ја следат неговата посета тој изјавил дека: „изјавата на Груевски е недозволлива и е израз на територијални претензии“. Бугарскиот заменик- министер за надворешни работи Марин Рајков проценува дека Македонија нема да добие датум за преговори со ЕУ се‘ додека не изгради добрососедски односи. „Таквиот тип изјави се целосно спротивни на нашите очекувања за решавање на проблемите кои Република Македонија им ги создава на своите соседи“.

„Бугарија- земја на блажени“

Бугарските медиуми кои ја следат турнејата на Прванов и Рајков пренесуваат и дека нивните сонародници во Австралија, кои, како што велат, присуствувале и на средбата со Груевски во Канбера, категорично отфрлаат било каков обид за поделби „меѓу народот од Македонија и Бугарија“.

Кон реакциите се придружи и бугарскиот министер без портфељ, надлежен за Бугарите што живеат надвор од татковината, Божидар Димитров. „Очигледно е дека политичките елити во Македонија, за разлика од својот народ, не сакаат да станат членки на ЕУ и НАТО“, изјави Димитров за време на конференцијата „Бугарија- земја на блажени“ која се одржува во Велико Трново. Доказ за тоа, според Димитров, е постојаното отворање нови проблеми од македонска страна, како „случајот Спаска Митрева“, издавањето на енциклопедијата на МАНУ и нерешениот спор за името со Грција.

Бугарскиот премиер Борисов најави дека за изјавата на Груевски ќе дискутира и со албанскиот премиер Сали Бериша, на негово барање.

Автор:БГ/ЖА/ бта/дв