Бундестагот расправа за буџетот во 2009 година
26 ноември 2008На Германија, со оглед глобалната економска криза, и‘ претстојат тешки времиња. До крајот на 2010. година ќе има 700.000 помалку вработени од денес, прогнозира Организацијата за економска соработка и развој, ОЕЦД. Според експертите, економскиот пораст во Германија, во 2009. година, ќе се намали за 1 процент. Моменталниот позитивен развој, поради предбожиќниот период, нема да може да го запре негативниот тренд. Стручњаците и‘ советуваат на Сојузната влада да го намали данокот на додадена вредност, како во Велика Британија. Владата во Берлин одбива, за што доби и критика од опозицијата за време на расправата за буџетот во наредната година, која е во тек во Бундестагот.
Владата во Берлин ги чека резултатите од спроведените мерки
Пред денешната гернерална дебата, министерот за финансии Пеер Штајнбрик им се обрати на пратениците и предупреди: „Мислам дека треба чесно да им кажеме на луѓето, дека политиката може да ги ублажи турбуленциите, да организира работни места, да заштити, но не можеме да ги стопираме сите опасности. Не можеме да ветиме нешто, за што веќе знаеме дека не можеме да го исполниме.“
Германската влада веќе усвои редица мерки за растоварување на граѓаните и поттик на економијата, некои од мерките се‘ уште се во процедура. Но, од Берлин се вели дека сега треба да се почека и да се види како ќе делуваат мерките, пред да се бараат нови.
Опозицијата не е задоволна со конјунктурниот пакет на владата
Сепак, ова не ја сопре опозицијата, за време на дебатата за буџетот во Буднестагот да го стори токму тоа. Зелените побараа значително поголеми инвестиции во образованието, социјалната инфраструктура и пред се’ заштита на климата: „Токму кога состојбата во економијата е лоша, мора да инвестираме во животната средина, бидејќи на тој начин конечно ќе може да ги поврземе работата и животната средина и да креираме нови работни места“, порача Фриц Кун.
Зелените и либералите ја обвинија големата коалиција дека во трите години откако е на власт не го искористила поволниот конјунктурен тренд, и и’ покрај тоа се направени нови задолжувања во буџетот. Пратениците на Левичарската партија и либералите, пак, ја обвинија големата коалиција дека не сторила доволно во справувањето со финансиската криза. Пратениците од големата коалиција ја бранеа досегашната политика на владата во однос на буџетот, како солидна. Во крајна линија, кредитите на државата значително се намалија, подвлече Карстен Шнајдер од СПД: „Дефицитот на јавните буџети, според последните информации од Комисјата на Европската унија изнесува 0,8 проценти. САД годинава имаат минус од 7 проценти од бруто домашниот производ, Велика Британија минус 5 проценти, Французите 3,4 проценти. Ние имаме минус од 0,8“, истакна Шнајдер.
Расправата во Бундестагот продолжува и денеска (26.11.2008), а пред пратениците треба да се обрати и канцеларката, Ангела Меркел.