1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундеслигата не сака електронски фудбалски судија

Кале Копс/Ж. Ацеска24 март 2014

Германската фудбалска лига засега не сака воведување технологија за снимање на гол-линијата. На средбата на 36 фудбалски клубови од двете Бундеслиги мнозинството беше со ваков став.

https://p.dw.com/p/1BUzy
Фотографија: picture-alliance/dpa

Техниката за контрола на гол-линијата во германскиот фудбал останува музика на иднината: 36-те професионални екипи во Франкфурт со мнозинство се изјаснија против воведувањето техничка поддршка за фудбалските судии. За одлуката беше потребно двотретинско мнозинство, што во случајов не беше проблем, а е за изненадување. Само девет клубови гласаа за „револуција на гол-линијата“. Бајерн Минхен уште пред почетокот на средбата најави дека ќе гласа за камери на гол-линијата. Но, побројни беа критичарите според кои трошоците и корисноста на постапката не се во сооднос. Во втората Бундеслига резултатот на гласањето беше дури 15: 3 во корист на противниците.

Со тоа англиската Премиер лига останува досега единствената во која се применува техника за снимање на гол-линијата. ФИФА за Светското фудбалско првенство во Бразил исто така подготвува систем за контрола на преминувањето на топката преку гол-линијата базиран на камери. ФИФА се одлучи за германскиот систем на камери GoalControl. УЕФА пак досега стриктно одбива воведување техничка помош во нејзините фудбалски клубови.