1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесверот останува на Косово уште една година

НК/АТ/ дв/ дпа/афп/ртр14 мај 2014

Мандатите на Бундесверот во Косово, пред брегот на Либан и во Мали треба да бидат продолжени за една година. Наредните недели за одлуката на владата во Берлин треба да гласа и Бундестагот.

https://p.dw.com/p/1BzW8
Фотографија: DW/Bekim Shehu

„Во моментов ние сме само резерва“, вели портпарол на раководството на мисијата во Косово. Во моментов Косовците самите се грижат за безбедноста. Иако на северот од време на време има инциденти, безбедносната состојба во земјата во моментов е релативно мирна. Околу 700 германски војници се ангажирани во меѓународната КФОР мисија на Косово, кои од крајот на војната на Косово треба да го гарантираат мирот. Тоа е најдолга мисија на Бундесверот во странство. Кабинетот на канцеларката Меркел денеска (14.05.) усвои продолжување на оваа мисија за уште една година. За продолжувањето на мандатот треба да гласа и Бундестагот.

За тоа колку долго ќе трае ангажманот, еден порптарол не сакаше да се изјасни, само толку: Што се однесува до формирањето на сопствена армија на Косово, допрва треба да бидат поставени насоките. Со оглед на жестоките спорови околу формирањето на сопствена армија - српското малцинство го одбива тоа - премиерот Хашим Тачи на почетокот на мај најави предвремени парламентарни избори. Тие би требало да се оддржат во јуни. Вкупно 32 земји учествуваат во мисијата на НАТО, Германија има најголем број војници.

Продолжени мандатите за Мали и Либан

Германската влада денеска исто така усвои продолжување на мандатите на Бундесверот во Мали и во Либан. Во Мали Бундесверот го поддржува воздушниот транспорт на мировната мисија на ОН Минусма со авиони и околу 80 војници.

Во Либан пак Бундесверот учествува во мисијата на ОН Унифил. Таму се стационирани околу 170 германски војници, чија задача е да се спротивстават на нелегалната трговија со оружје. Исто така и за овие два мандата мора да се изјасни германскиот парламент - Бундестагот.

Бундесверот во моментов има 4.700 војници во 15 земји, меѓу нив во Конго и во Јужен Судан. Со оглед на завршување на мисијата во Авганистан бројот на војниците во странство се очекува да се намали и дека по крајот на 2014 година таму ќе останат само лицата надлежни за обука и тренинг, кои треба да им пружат помош на силите за безбедност на Авганистан.