1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бундесверот не може да ги исполни обврските од НАТО

Александар Методијев/дв/ард28 септември 2014

Поради сериозни недостатоци во вооружувањето, Бундесверот во моментов не може да ги исполни обврските во рамки на Алијансата. Министерката за одбрана Урсула фон дер Лајен размислува да изнајмува авиони.

https://p.dw.com/p/1DMM0
Фотографија: picture-alliance/dpa

По извештаите за лошата состојба на воените авиони и хеликоптери во Бундесверот, министерката за одбрана ги стави картите на маса: Германија во моментов не е во состојба во целост да ги исполни своите обврски. Причина за тоа е недостигот од резервни делови за леталата. Според извештај на магазинот „Шпигел“, во случај на евентуален напад на некоја балтичка членка на НАТО, 60-те „Еурофајтер“ авиони пријавени од Германија не се на располагање. Министерката смирува дека сепак Бундесверот може да ги исполни обврските во „тековните мисии, како и во краткотрајни кризни акции на НАТО“.

Во моментов подготвени за употреба се 38 од 89 борбени авиони од типот „Торнадо“ и 24 од 56 транспортни авиони од типот „Трансал“. Податоците ги објави агенцијата Ројтерс од еден извештај на сојузното Министерство за одбрана. Според тие податоци, во моментов само 16 од 83 транспортни хеликоптери од типот „ЦХ-53“ се на располагање за акција, обука и вежбање. Од 109 „Еурофајтери“ само 42 можат да се користат.

Bundeswehr Militär Reparatur Helikopter 24.9.2014
Поправка на хеликоптер од БундесверотФотографија: picture-alliance/dpa/Carsten Rehder

Според зборовите на Фон Дер Лајен, брзо решение за проблемите со вооружувањето не треба да се очекува. Според неа, финансиските средства во минатото биле концентрирани на мисиите во странство, па материјалното сервисирање во Германија отишло во надолна линија. Наоѓањето решение на настанатите проблеми веројатно ќе потрае неколку години, смета германската министерка за одбрана. Таа јасно става на знаење дека на одбранбените сили им се потребни повеќе пари.

BM´in von der Leyen in MES
Урсула фон дер Лајен се соочи со сериозни проблемиФотографија: Bundeswehr/Sebastian Wilke/CC BY-NC-ND 2.0

Урсула фон дер Лајен сака проблемите со леталата на Бундесверот да ги реши со изнајмувањето на дополнителни авиони. Германија за повлекувањето од Авганистан, на пример, користи транспортери од типот „Антонов“ од Украина и Русија. Тие се користат за враќање на тенковите и останатата тешка воена опрема.

Во интервју за „Билд ам зонтаг“, Фон Дер Лајен рече дека ќе поминат години додека да биде направена целосно оперативна флота со нови транспортни авиони „А400М“.

Министерката за одбрана се соочи со проблемите со германските воени летала и оваа недела во Северен Ирак. Таа сакаше на курдските пешмерга-борци да им го предаде воениот материјал од Германија, ама тој не пристигна навремено.