1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анализа за бугарското вето и евроинтеграциите

ДТЗ
31 март 2022

ЕПИ и Институтот за демократија во најновата анализа посочуваат на опасностите и црвените линии кои не смеат да се преминат во преговорите со Бугарија

https://p.dw.com/p/49HJZ
Nordmazedonien EU Flaggenverkauf
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/B. Grdanoski

Македонската држава никогаш не смее да поддржи преговарачки процес со ЕУ, кој ќе стане основа на разнебитување на македонската државност, загрозувајќи ја внатрешната и регионалната стабилност кон несогледливи последици. Обврските кои С. Македонија ќе ги преземе неповратно ќе ја определат иднината на земјата и улогата во ЕУ. Со прифаќањето на бугарските барања, тие стануваат дел од пристапниот договор на државата со ЕУ, ако и кога ќе дојде тој момент. Ова се укажувањата во најновата анализа на Институтот за европска политика – Скопје и Институт за демократија „Социетас Цивилис“, кои ги анализираат црвените линии кои не смеат да се преминат во преговорите со Софија. 

Во анализата се потенцира дека пристапниот процес и членството во ЕУне се цел сами по себе, туку реформска алатка за С. Македонија да стане силна демократска и просперитетна држава во која владее правото. Брзината на трансформација не зависи само од пристапниот процес туку, пред сè, од волјата на домашните политички субјекти. Тоа најдобро го покажуваат примерите на Црна Гора и на Србија, кои преговараат 10, односно 8 години. Но, кои се „ситници“ и суптилностите на кои посочуваат политиколозите за евентуалниот компромис со Бугарија мора да ги земе предвид? 

Што е важно за македонските позиции? 

Според анализата, повикувањето на ЕУ за „заемно прифатливо решение“ меѓу двете држави е неприфатливо. Станува збор за проблем на ЕУ (и нејзина земја членка) кон една држава кандидат. Суштината е злоупотреба на процесот на проширување за политика на менување идентитет, што ЕУ мора да го спречи и да го реши без да ја префрла одговорноста преку повици за решавање на „билатералното прашање“. Таквата политика е спротивна на европските вредности, меѓународното право и на Стратегијата за проширување. 

„Преговарачкиот процес мора да европеизира, а не да бугаризира. Сите барања на Бугарија се меѓусебно поврзани и сите го загрозуваат македонскиот идентитет. Оттука, тие не смее да се гледаат и да се третираат засебно.За какво и да е решение треба да има легитимитет, Владата мора да се потпре на широка политичка и граѓанска поддршка. Основа за тоа е Резолуцијата на Собранието за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции, донесена со висока согласност на политичките субјекти“, се наведува во анализата. 

„Бугарија треба да се обврзе темите за етнојазичната генеза на Македонците да не бидат услов во европската интеграција, во спротивност, таа ни дава „отровно црвено јаболко“, а интеграциите ги прави антиевропски“, посочуваат од ЕПИ и од Институтот за демократија. 

Понатаму се вели дека С. Македонија треба да се воздржи од започнување преговори со ЕУ по секоја цена, позиција што остава простор за преговарачкиот процес, што е алатка за идентитетски и историски ревизии. 

„Во моментов, нема никаква гаранција дека и покрај веќе направените и најавените концесии, државата ќе стане членка на ЕУ. Меѓу државите членки на ЕУ, нема реален консензус за зачленувањето на шесте држави од Западниот Балкан, додека не заврши или барем паралелно не се одвива и внатрешната реформа во Унијата“, се вели во документот. 

Какво и да е решението со Бугарија, тоа мора да биде врзано исклучително со крајот на пристапниот процес, по ратификацијата на пристапниот договор меѓу ЕУ и Северна Македонија од сите субјекти, вклучувајќи го и евентуалното внесување бугарско малцинство во Уставот. Решението, исто така, треба да спречи можност за нови блокади на преговорите од страна на Бугарија врз основа на нејзиното толкување на Договорот. Тоа треба да има и широка поддршка од јавноста и политичките субјекти и да ги гарантира придобивките од Преспанскиот договор. 

Кон се македонските црвени линии 

Во анализата се укажува дека е недозволиво внесување механизам за следење или спроведување на Договорот во преговорите (преку Преговарачката рамка). Исто така се бара Бугарија да се обврзе дека нема дополнително да отвора нови прашања и да не се дозволат измени на предложениот текст на Преговарачката рамка во која стои македонскиот јазик.

-повеќе на темата: С. Македонија и ЕУ: Ќе ја забрза ли агресијата на Путин интеграцијата?

„Не смее да се прифати менување на Уставот како услов за почеток и текот на преговорите. Апсурдно е признавањето на бугарското малцинство во Уставот на Северна Македонија во услови кога Бугарија го негира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик. Треба да се спречи и злоупотреба на историското минато за етнополитички цели, како и говорот на омраза од двете страни гарантирајќи ја слободата на изразување“, се вели во анализата.

Во пресрет на новите средби на историската комисија, во анализата се посочува дека работата на оваа комисија треба да биде ослободена од диктат и без ограничување со рокови.