1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брисел бара економски реформи од Балканот

Марина Максимовиќ/Б. Георгиевски6 ноември 2014

ЕУ бара од земјите на Западниот Балкан приоритетно да се посветат на економските реформи. Тие се клучни за иднината, независно од нивниот европски пат, порачуваат од Брисел.

https://p.dw.com/p/1DgvZ
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во Брисел тоа веќе не е тајна, а ни на Западниот Балкан нема заблуди околу фактот дека процесот на евроинтеграција станува сѐ покомпликуван, тежок и временски подолг. Во ЕУ често се повторува официјалниот став дека проширувањето е една од нејзините најуспешни политики, при што се наведуваат ширењето на слободата, демократијата, стабилноста, мирот и просперитетот на европскиот континент. Но, паралелно со добробитта, одат и, не толку често споменуваните, проблеми. Во најголемиот број земји-членки на Унијата, опозицијата кон натамошното проширување на ЕУ надминува 30 проценти. Кон тоа секако придонесуваат и лекциите од претходните проширувања, кризата во источното и јужното соседство, последиците од економската криза, но и перцепцијата на Западниот Балкан како сиромашен регион, со слаби институции и историски конфликти. И додека Брисел најавува најмалку петгодишна пауза во приемот на нови членки, на листата на домашните задачи за балканските земји се додаваат и нови приоритети. Еден од последните се однесува токму на една од најголемите болки на регионот- економијата.

Приоритети

Во Европската комисија велат дека целта на новиот пристап е подобар економски надзор и подготовка на земјите од Западниот Балкан за идните обврски кои ќе ги имаат како членки на ЕУ, како и поддршка за властите во регионот да воведат и применат квалитетни програми за реконструкција на националните економии и обезбедување на макроекономска сигурност. Сето тоа, велат во Брисел, ќе придонесе за зајакнување на стопанството и отворање нови работни места на Балканот.

Mazedonien EU Christian Danielsson
Кристијан Даниелсон, лево, при последната посета на МакедонијаФотографија: MIA

„Тешки одлуки и тешки чекори се очекуваат за да се реформира макроекономската структура“, вели генералниот директор за проширување во ЕК, Кристијан Даниелсон. За земјите од Западниот Балкан решението на основните приоритети е она што ќе им донесе подобра иднина. Краткорочно тоа ќе има своја цена и тоа мора јасно да се каже, вели Даниелсон, но и дополнува дека ЕУ ќе ги „поддржи овие процеси за да ги намали трошоците“, за граѓаните на Балканот во секојдневниот живот да можат да го почувствуваат просперитетот кој го носат реформите.

Со оглед на сличностите во земјите од регионот, во Брисел укажуваат на неопходноста од реформи во финансирањето на пензискиот и здравствениот систем, решавање на прашањето на платите во јавниот сектор, реструктуирање на државните претпријатија, создавање подобри услови за бизнис и промени на пазарот на трудот. И додека во ЕК се свесни дека таквите реформи ќе бараат „политичка волја и храброст“, економистите и аналитичарите оценуваат дека тоа е чекор во добра насока, но предупредуваат и на опасностите.

„Економската перспектива за самата ЕУ не е розова ни во 2015 година, а можеби ни понатаму, и тоа негативно ќе се одрази и врз состојбата на Западниот Балкан“, вели Јанис Емануолидис, кој раководи со одделот за европска политика и институционални програми во Центарот за европска политика во Брисел. Во Центарот наведуваат дека ни земјите-членки на ЕУ во голема мерка не се придржуваат до бриселските економски препораки и додаваат дека е во прашање компликуван процес кој бара поинаков или посилен поттик, и финансиски и политички.

Економскиот просперитет како гарант за стабилноста

Инсистирањето на економското уредување, како нов „носечки столб“ на евроинтеграциите произлегува од самото искуство на ЕУ која сѐ уште не се опорави од последиците на најголемата криза во нејзиното постоење. Економските реформи во земјите од Западниот Балкан треба да дадат и конкретен одговор на она што граѓаните во регионот го гледаат како основно очекување од евроинтеграциите, а тоа е подобар живот и просперитет.

Janis Emmanouilidis
Јанис ЕмануилидисФотографија: Janis Emmanouilidis

„Стабилноста, безбедноста и помирувањето се многу важни, но без силна економија во регионот сето тоа ќе биде 'кршливо'“, сметаат во Советот за регионална соработка.

„За нас е јасно дека без стопански раст нема усогласување со ЕУ, а без усогласување нема шанси за пристапување. Факт е дека граѓаните во регионот денес имаат само третина од она што е просек на БДП по глава на жител во ЕУ“, вели Сањин Арифагиќ од Советот за регионална соработка.

„За да станеме добредојдени партнери мораме многу да сториме и тоа им е јасно и на граѓаните и на политичарите во регионот и во земјите-членки“, заклучува тој.

Во Советот велат дека освен економските реформи, важна е и регионалната соработка, особено на полето на трговијата, координацијата на инвестициските политики, зајакнувањето на инфраструктурата и поврзаноста.