1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Брегзит и мирот во Европа

Дагмар Енгел / превод: ЕМФ21 јуни 2016

Недела на одлука - Британците гласаат за останување или излегување од ЕУ, а Германците се во дилема. Дагмар Енгел за она за што во Берлин не се зборува.

https://p.dw.com/p/1JA03
Фотографија: picture alliance/dpa/A. Rain

За војна или мир во Европа - ете, за тоа се работи. Во германската влада, во која мнозинството го сочинуваат убедени и искусни Европејци, тоа го знаат. Само што, тоа не смее гласно да се каже. Горчлив претвкус на она што им стои в куќа на Германците и другите Европејци - за едно прашање кое е егзистенцијално за сите, одлучуваат само жителите на островот, сите други нема што да кажат.

Оваа дилема особено ја чувствува канцеларката Меркел. Таа знае дека го има зад себе мнозинството Германци. Но, сеедно што ќе кажат министрите од Германија и канцеларката, прилично е сигурно дека во германофобната Велика Британија тоа ќе биде употребено против нив и против Европа. Германскиот министер за финансии, кој важи за хардлајнер - прашајте ги Грците - оваа дилема ја сведе на една тажна реченица. Кога Волфганг Шојбле во март во Лондон беше прашан што би направила Германија ако Велика Бритнаија ја напушти ЕУ, тој одговори: „Би плачеле.“

Заклетва на молчење во јавноста

Ангела Меркел си има ставено заклетва на молчење во јавноста по прашањето на брегзит. Речиси и нема ништо друго освен формалната констатација дека во Берлин, се разбира, сите се на мислење дека Велика Британија припаѓа на ЕУ. Таа реченица е постојано следена и од укажувањето дека за тоа прашање одлучуваат Британците. Но, кога во близина нема микрофони, на канцеларката ѝ се отпушта и по некој појасен збор: Ако се случи брегзит, би било „страшно“.

За плачење и страшно. И тоа не само во економска смисла. Трошоците од евентуален брегзит би биле високи за сите, од Лондон и Манчестер до Париз, Берлин и Варшава. Највисоки би биле во Велика Британија. Дека излегувањето од ЕУ економски е идиотска работа, претпоставуваат во меѓувреме дури и застапниците на брегзит. Затоа, нивните аргументи се насочени пред сѐ кон емоциите, кон враќањето кон националното, зашто тоа би значело поголема самостојност и е поедноставно. И тука доаѓа до поклопување со она што го пропагираат деснопопулистичките браќа и сестри во Европа. Националисти од сите земји обединетете се, за да се разделите.

Engel Dagmar Kommentarbild App
Дагмар Енгел

Навистина страшни би можеле да бидат политичките последици од брегзит. За инает на „генерацијата Изиџет“, која зборува заборавајќи ја историјата, Европа на Заедницата на јаглен и челик, на ЕЕЗ, ЕЗ и ЕУ, беше и е мировен проект. На крајот на краиштата, не се работи за јагленот, туку за топовите. Тешката рамнотежа е можна само ако сите големи европски држави секојдневно учествуваат во неа со своите големи прашања и многуте ситни детали. ЕУ-Европа без Лондон би се нашла во тешка ситуација. Берлин ќе биде натеран во доминација која не ја сака и со која нема да може да излезе на крај. Како тоа може да изгледа, искуси германскиот мниистер за финансии - прашајте ги уште еднаш Грците: на Германците веќе нема да им се верува дека работат во европски интерес.

Мирот во Европа не е нешто што се подрабзира само по себе

Во првата половина на минатиот век европските прашања прво донесоа војна, а во втората половина, благодарение на договорите од Рим, Мастрихт и Лисабон, толку многу мир, што во овој век на тоа веќе се гледа како на нешто разбирливо само по себе. Но, не е така. Воените решенија повторно стануваат вообичаени теми, тоа може да се види на истокот на Европа. Не за три, не за пет, но можеби за 30 години во Ламанш повторно ќе крстосуваат непријателски воени бродови. Затоа што тогаш, во 2016-та година, без да има потреба, на погрешни прашања се давале погрешни одговори.

И никој во германската влада тоа сега не смее да го каже гласно.