1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бојко Борисов, „златното момче“ на Брисел

Александар Андреев / превод: ЕМФ26 мај 2016

„Ајде нека дојде селанчето од Банкија и нека ја извлече запрежната кола“ - така бугарскиот премиер зборува за себе. Тој ги повика источноевропските земји на поголема солидарност во бегалската криза. Што се крие зад тоа?

https://p.dw.com/p/1IuGu
Фотографија: picture alliance / dpa

Бугарскиот премиер Бојко Борисов го негува својот имиџ на нему својствен начин: „Државата се урна. Значи повторно мора да дојде селанчето од Банкија и да ја извлече запрежната кола“ - со овие зборови тој ја опиша состојбата во земјата пред почетокот на неговиот втор мандат и задачата пред која е исправен.

Борисов, кој е израснат во едно предградие на Софија, често кокетира со своето скромно потекло, на пример така што се опишува како „селанче“. Пред извесно време го сретнав пред едно радиско студио во Софија. Тој само што излегуваше од студиото, а јас влегував. „Здраво, веќе се имаме сретнато, но сепак - јас сум Александер Андреев од Дојче веле“, реков јас. Премиерот силно ми ја затресе раката, ми се обрати другарски на „ти“ и се претстави: „А, јас сум Бојко Борисов, од Банкија.“

Бојко - пријателчето од маало. Тоа е во суштина себепоимањето врз кое Борисов ја темели својата филозофија на владеење. Звучи симпатично, и е некако симпатично, иако имплицира поглед на светот кој не е непроблематичен. Зашто, на улица владеат силните. Тие на слабите им кажуваат што треба да прават. А, слабите се потсвиткуваат и слушаат. Борисов знае каде седат силните на меѓународната сцена - во Брисел, во Берлин (Борисов има слика на Меркел на својата работна маса), во Вашингтон и во Ватикан. Во разговор со британскиот премиер Дејвид Камерон, Борисов полн со гордост извести: „По главата ме имаат погалено тројца папи!“ Легендарни се и бакнежите в чело од претседателот на ЕК Жан-Клод Јункер.

Квоти за распределба на бегалци, но и нови огради

Јункер го нарекува „моето златно момче“. И, навистина - Борисов е ученик за пример на Брисел кога станува збор за премиерите од централно и источноевропските држави. Финансиите се коректни. Бугарија прифати и задолжителни квоти за распределба на бегалците во Европа, за разлика од Полска, Унгарија, Чешка или Словачка. Борисов дури ги повика и останатите централно и источноевропски земји на поголема солидарност во бегалската криза.

Angela Merkel und Bojko Borissow in Berlin 15.12.2014
Борисов има слика на Меркел на својата работна масаФотографија: picture-alliance/AP Photo/M. Sohn

Меѓутоа, истовремено, Борисов интензивно гради огради на границите со Турција и Грција. Бугарските граничари прилично остро постапуваат со илегалните мигранти. Познати се и бугарските доброволни „ловци на бегалци“, кои како граѓанска одбрана ловат новодојденци и уживаат поддршка кај населението. Борисов околу тоа даде две сосема различни изјави за кусо време. Прво им се заблагодари на „патриотите“ кои „ѝ помагаат на државата“. Подоцна објасни дека нема да толерира никакви паравоени групи кои го кршат законот. Првата изјава им се допаѓа на многу Бугари, а втората ѝ се допаѓа на ЕУ.

Освен тоа, Борисов ги поддржува и санкциите против Москва, иако бугарското население е исклучително пријателски настроено кон Русија. Тој дури се откажа и од, за Бугарија, исклучително вносниот гасоводен проект Јужен тек затоа што Брисел тоа го сакаше. Во знак на признание за ваквиот ангажман, Јункер ја врами скицата на Борисов од Јужен тек, нацртана на една книжна салфета, и ја закачи во својот кабинет.

„За вакви работи решаваат големите шефови надвор, не ние“, рече Борисов неодамна, овојпат околу бегалската криза. Оценката е симптоматична, и во никој случај не е нелогична - малата Бугарија е една од најголемите приматели на пари од фондовите на ЕУ, па разбирливо е да се салутира во Брисел и Вашингтон и да се дозволи да се биде бакнуван в чело.

ЕУ-парите како инструмент на моќ

Дома, меѓутоа, Борисов е сосема поинаков. Играчот од средниот ред во фудбалскиот клуб „Тигрите од Бистрица“, дава сѐ позначајни голови за својот тим - за противничките играчи е незамисливо да му „влетаат со раширени нозе“. Својот кабинет го води со железна рака. Спротивставување е дозволено, но на крајот одлучува сепак - шефот! Борисов тоа го формулира вака: „Ако сакате да се повлечете, направете го тоа ве молам заеднички, зашто инаку ќе има циркус во парламентот“. Министрите ги сменува сам. Особено го интересираат ресорите во кои се влеваат најмногу пари од ЕУ.

EU-Erweiterung Symbolbild Bulgarien Eu-Flagge und Bulgarienkarte mit 1 Euro Münze
Бугарија е една од најголемите приматели на пари од фондовите на ЕУФотографија: AP

Со помош на ЕУ-фондовите тој не само што може да се презентира како великодушен татко на нацијата, кој речиси секојдневно ги усреќува своите поданици со нови автопати или метро-станици, туку може да врши влијание и врз медиумите, кои се зависни од проектите финансирани од ЕУ или рекламните кампањи. Значи, не е чудо што на Бугарите за појадок им се сервира Бојко на повеќе телевизиски канали - истовремено и секогаш „во живо од студио“, се шегуваат Бугарите.

Набљудувачите проценуваат дека овие ЕУ-пари се и инструмент на моќ кој Борисов вешто го користи во деловните и политички кругови, далеку од очите на јавноста. Сепак, таквите тврдења не може да се докажат.

Во дел од депешите на американската амбасада во Согија, објавени од Викиликс, се вели дека поранешниот телохранител Борисов, кој некогаш го штитеше и последниот бугарски диктатор Тодор Живков по неговиот пад во 1989 година, има добри контакти во криминалното милје. Овие депеши се објавени пред 6 години.

Наспроти тоа, или токму поради тоа, многу Бугари со сакаат својот Бојко. Она „селанче“ кое, како што вели самиот, „со парче леб со маст в рака игра топка на ливадата“.