1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бошкачки - тајниот говор на мајсторите од Косово

Рефки Алија/ Симе Недевски17 септември 2013

Меѓу тајните јазици и говори во светот кои ги користат малите заедници, е и бошкачкиот говор. Тој денес најмногу се користи во селата на призренската општина населени со Срби и Бошњаци.

https://p.dw.com/p/19iCa
Косовското село ЛоквицеФотографија: DW/R.Alija

Го измислиле градежните мајстори уште во 16. век, а самиот збор бошкач значи - работник или мајстор. Рамиз Саипи, професор по босански јазик, кој живее и работи во Горен Љубањ, косовско село под Шар Планина, го проучувал феноменот на бошкачкиот говор и тврди дека го измислиле Србите од овој дел на призренската општина, кои тогаш оделе да работат во Тетово каде стигнувале пеш за десетина часа.

„Порано населението од Драјчиќ и Средска, значи православното население, заминувало таму да работи, најпрво како кројачи. За да можат нешто да направат скришно од своите газди, се служеле со зборови со синонимно значење. Синонимите биле многу проширени, всушност имале скриено значење. Така секој збор имал некое тајно скриено значење.“

И други го прифаќаат бошкачкиот

Ramiz Saipi Kosovo Lehrer
Рамиз СаипиФотографија: DW/R.Alija

Со текот на времето бошкачки почнале да користат и нивните соседи Бошњаци, градежни работници, раскажува Саипи. „Потоа и нашите луѓе, муслимани од оваа средина, заминувале како печалбари. Тие тоа го имаат ’преземено’ од Србите и потоа тоа се негувало во Жупа (призренски крај од 18 села населени со Бошњаци, Срби и Албанци). Во Жупа денес не може да се најде ниту еден што не го знае бошкачкиот говор. Иако, не можеме да го наречеме јазик, бидејќи тоа не е јазик. Тоа е говор кој послужил на многу луѓе да направат некоја работа, меѓусебно да се договорат кому што му одговара и по која цена, а тоа да не го знае домаќинот, за да не открие дали има некои скриени тајни или намери.“

Бошкачкиот говор им пркосел на разни предизвици, па и на најновата ера, интернетот. Со други зборови, тој и денес се користи, најмногу во круговите на тамошните Бошњаци. „Православното население се повлече. Нивните млади, оние кои со мене учеа во призренската гимназија, го знаеја тој говор, бидејќи на часовите така меѓусебно комунициравме, се договаравме. Сега се чува кај нас, но меѓу мајсторите е присутен постојано. Бошкачкиот нема никогаш да се заборави“, тврди овој професор во разговорот за ДВ.

Смешни ситуации

Имало разни смешни ситуации со употребата на овој говор. Рамиз Саипи зборува за своето искуство, во времето додека бил студент и додека со брат му работел во градежништво во Белград. „Работевме кај некои наши жупанци, Срби православни. Но, кај домаќинот кај кого работевме, неговата сопруга беше од Жупа, од Средска, а ние тоа не го знаевме. Во еден момент двајца работници почнаа да разговараат колку е убава оваа жена и дека храната која им ја подготвувала потсетува на родниот крај. И така почнаа да зборуваат: манука, значи жена, подготви, смесила таква колпита како наша снеска (жената го направи бурекот како нашата мајка). Таа тоа го слушна, му пријде на едното момче и рече: ’Да, да и моја снеска така правеше, исто како и вашата снеска.’“

Kosovo Manastirica Dorf
Косовското село МанастирицаФотографија: DW/R.Alija

Професор Саипи појаснува дека „секој збор има адекватна замена на бошкачки“, издвојувајќи неколку карактеристични примери. „Овој скопак е апсик значи - оваа девојка е многу убава. Тука нема род, падеж или слично. Тоа е слободен говор. ’Манче нагураф апсика крастачка’. Се збунија мајсторите, ја завршија работата и меѓусебно разговараат дали тоа ќе им биде платено. „А че ни нагура манче ронке. Манче ни нагура апсика крастачка, али дали че ни нагура ронке, можда че ни бинје жилка јалоа.“ (Газдата ни даде добра храна, но ќе ни даде ли и пари, можеби залудно работевме.)“