1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Босанско“ или „македонско“ европско решение за Косово?

26 октомври 2005

„Ное Цирхер Цајтунг“: На Косово - децентрализација како во Македонија, или раздвојување на етникумите како во Босна?

https://p.dw.com/p/AeBu
Косовскиот претседател Ибрахим Ругова
Косовскиот претседател Ибрахим РуговаФотографија: AP

Пред почетокот на преговорите за иднината на Косово, Србите и косовските Албанци се забарикадираа зад максималистички барања. Од меѓународна страна, со перспективата за едно европско решение, е скицирано меѓусебно попуштање. Значи ли тоа децентрализација како во Македонија, или раздвојување како во Босна? – се прашува он-лајн изданието на весникот „Ное Цирхер Цајтунг“ во подолгата анализа на состојбата спроти почетокот на преговорите за утврдување на конечниот статус на формално се’ уште српската покраина.

Косовско-албанските политичари беа полни со пофалби за извештајот на норвешкиот дипломат Каи Еиде, се констатира во написот. Решавачки приговор имал социологот Енвер Хоџај од партијата на Хашим Тачи, најголема опозициона фракција во парламентот, и тоа во врска со еден од централните предлози во извештајот на Еиде – за враќањето на бегалците. На Косово, посебно во градовите, во шесте годините од војната наваму, настана нова реалност, речиси целосно под албански белег. „Србите и другите малцинства, кои, освен неколку исклучоци, не зборуваат албански, во тоа опкружување веќе не можат да се снајдат. Не е гарантирана нивната лична безбедност, за нив нема работни места, освен со квоти гарантираните места во привремената управа и во меѓународните организации“ – се констатира во написот, па понатаму се вели:

„Враќањето на оние што беа протерани во 1999-та година досега не е во тек. Белград вели дека се 200 илјади. Независни извори зборуваат за помалку од половина од таа бројка. Нејасно е колкумина од нив навистина сакаат да се вратат. Но, многу е веројатно дека многумина би прифатиле понуда за враќање во подрачјата на Косово населени и управувани од Срби, доклку би стоеле на располагање задоволителни сместувалишта. Таков развој би претставувал решавачко поставување на свртниците за иднината на Косово и би значел решение какво што беше избрано во Босна и Херцеговина, иако под други околности. Во Дејтонскиот договор од 1995-та година етничката поделба постигната со војната ја гради основата за новите интерни граници и управни единици, на сметка на централната држава. Таа навистина постепено се зацврстува со мамецот за европска интеграција. Но, Босна 10 години по крајот на војната се’ уште е етнички растргана, политички растресена и економски помалку способна земја. И натаму се чека на ’европско решение‘ пропагирано од некои страни; веројанто затоа, што никој не знае што треба да се подразбере под тоа.

Едно ’европско решение‘, имено, беше избрано и во случајот со Македонија, откако најјужната од републиките-наследнички на Југославија пред 4 години за влакно избегна граѓанска војна. Во тој случај, меѓутоа, постапката утврдена во Охридскиот договор дотолку се разликува од онаа во Босна, што во Македонија се опстојува врз силна единствена држава. На маргинализираното албанско малцинство ми беше гарантирано подобрено учество во државните служби. Понатаму, децентрализирани управни структури треба маркантно да ги прошират надлежностите на општините. Процесот е во тек и оди подобро, отколку што некои критичари очекуваа на почетокот. И на Косово постои очекување, дека со децентрализација како средство ќе може да се постигне европско, со тоа и мирољубиво решение. Но, останува отворено дали европски значи босански или македонски, имено раздвојување или споделување“ – се вели покрај другото во написот на „Ное цирхер цајтунг“.