1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Борисов очекува компромис со Скопје со помош на Меркел

БГ
3 ноември 2020

Бугарскиот премиер денеска телефонски со германската канцеларка барал формула за решавање на спорот со С. Македонија. Според непотврдени информации, се очекува на истата тема Меркел да се консултира и со Заев.

https://p.dw.com/p/3kovd
Kanzlerin Merkel zu Besuch in Sofia Bulgarien
Фотографија: Reuters/Bulgarian Government

Бугарскиот премиер Бојко Борисов очекува со помош на германската канцеларка Ангела Меркел да се изнајде компромис со Северна Македонија. Борисов денеска имал 40-минутен видео-разговор со Меркел.

„Јас и Бугарија сме благодарни за посветеноста на германското претседателство и Вашата лично за изнаоѓање формули што ќе ѝ овозможат на Република Северна Македонија да започне преговори за членство во Европската унија“, и порачал Борисов на Меркел, пренесуваат од неговиот кабинет.
Во Берлин, министерот за надворешни работи Хајко Мас вчера организираше средба на македонските дипломати Бујар Османи и Никола Димитров и нивната бугарска колешка Екатерина Захариева. Иако детали од повеќечасовната средба и заедничката вечера не се познати, обете страни денеска манифестираат умерен оптимизам дека компромис е можен. 

- повеќе на темата: Скопје и Софија се приближуваат до договор

Во дипломатските напори е вклучен и германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер кој денеска телефонски разговарал на оваа тема со неговиот македонски колега Стево Пендаровски, а планирано е истото да го стори и со шефот на бугарската држава Румен Радев.
Радев, пак, денеска излезе со уште поцврста позиција од онаа на владата на Борисов, соопштувајќи дека тој не гледа можност за договор.
„Можен е само еден исход: одложувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ се додека не се склучи јасен, обврзувачки, двостран договор меѓу Бугарија и Северна Македонија за расчистување на сите двострани проблеми“, рече Радев. Бугарскиот претседател очекува владата да се избори за вметнување на Поглавје 35 во Преговарачката рамка на С. Македонија со ЕУ во која ќе се вметне целата декларација на бугарскиот парламент усвоена како Национална рамковна позиција минатата година. 

- повеќе на темата: Захариева, Османи и Димитров во Берлин

Официјално Скопје засега е далеку повоздржано. Од Владата денеска и изразија благодарност на Германија за „засилениот ангажман“ во насока на почеток на преговорите. Оттаму сметаат дека Договорот со Бугарија од 2017 година нуди рамка и инструменти за менаџирање на билатералните прашања, наспроти ставот на Софија проблемите да се решаваат со анекс или како дел од Преговарачката рамка. За решавање на историските прашања меѓу двете земји, владата упатува на Комисијата за историски прашања. Според информации на ДВ, по разговорот со Борисов, се очекува телефонски разговор на Меркел и со Заев, иако засега нема официјална потврда од владата во Скопје дали и кога тој ќе се случи.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема