1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Курс за однесување на бегалците во базен

Грета Хаман/Ж.А.7 мај 2016

Во 2015 година во Германија се удавија 27 бегалци. Во некои градови сега се нудат бесплатни курсеви за пливање, но и за однесување во базени.

https://p.dw.com/p/1IMDz
Фотографија: DW/Greta Hamann

„Однесување во базен“ така соработниците на германскиот Црвен крст во градот Витен го нарекоа курсот кој во текот на велигденските празници им го понудија на младите машки бегалци. „Сакаме истовремено да ги подучиме како функционираат германските базени, на што се‘ мора да се внимава“, вели Бастијан Висбуш, раководител на Одделот за надзор над базените од германскиот Црвен крст во Витен. Тој го дава интервјуто во црвени гаќи за капење, директно од вода. Зад него плива еден маж од Сирија, опремен со перки за пливање. Остатокот од групата скока од петметарската скокалница.

Младите мажи со потекло од Африка и Блискиот Исток би требало да ги научат германските правила за однесување на базените. За таа цел, покрај двочасовното пливање, нуркање и скокање од петметарската скокалница, мора да учествуваат и на теоретската настава. Во неа соработниците на Црвениот крст објаснуваат, меѓу другото, дека во бројни германски реки постојат опасни струења или дека во базен треба да се има обѕир кон останатите пливачи, па така и кон жените. Дека во Германија мажите и жените во базен пливаат во исто време, за Мохамед од Ирак е најголемата разлика во споредба со неговата татковина. Во Ирак жените смеат да одат во базен само во недела, раскажува 17-годишното момче.

Schwimmkurs für Flüchtlinge
Фотографија: DW/Greta Hamann

Така, курсот по пливање е воедно и вовед во интеграцијата, објаснува раководителката на Црвениот крст за округот Витен, Тања Кноп. Ова е еден од многуте курсеви во организација на Црвениот крст. „Сите наши курсеви по пливање се пополнети, значи, постои вистинска потреба“, вели Тања Кноп. Со оглед што мнозинството бегалци се мажи, курсевите во текот на велигденските празници претежно им беа ним наменети. Но, тие се отворени за сите, што во Витен посебно го нагласуваат. Никој не е исклучен. Постојат понуди и за женските бегалци, тие можат да учествуваат во регуларните курсеви по пливање за жени.

Schwimmkurs für Flüchtlinge
Фотографија: DW/Greta Hamann

Речиси 80 проценти од удавените се мажи

За тоа што Црвениот крст се концентрира на курсеви за мажите, има уште една причина. Од 488 удавени лица во Германија во 2015 година, 77 проценти биле мажи, вели статистиката на Германските здруженија за спасување живот. Во Витен летоска се удавило момче, бегалец од Ирак, кое се капело во реката Рур и го изненадило струење. Го барале два дена пред неговото тело да го пронајде еден кајакар.

„ И порано размислувавме за курс по пливање“, вели Бастијан Вибуш. „Тој несреќен случај беше повод што побргу да ги оствариме нашите планови.“

И во Баварија во летото 2015 се удавија повеќемина бегалци. „Луѓето кои побегнаа во Германија претежно немаат искуства со води“, рече уште тогаш Маркус Остермајер, копретседател на Комисијата на Црвениот крст за надзор на вода. „Со оглед на состојбата во нивните земји, само ретки од нив знаат да пливаат и често ја потценуваат опасноста.“

Schwimmkurs für Flüchtlinge
Фотографија: DW/Greta Hamann

Спасување бегалци на базени

Тоа го искусија и спасувачите кои работат во базените во Келн. Тие често мораа да спасуваат бегалци во базените на различни длабочини. Многумина од спасените воопшто не зборуваа германски и очигледно станува збор за бегалци, вели Ахим Фишер, портпарол на келнските базени. Во Есен еден спасувач морал да спасува истовремено дури тројца бегалци.

Секојдневно се разменуваат искуства како базените да се направат побезбедни за новодојденците кои не зборуваат германски јазик, вели Фишер. Во Келн имаат намера да постават плакати со пиктограми кои ќе предупредуваат на правилата на однесување. Во Минхен такви пиктограми постојат веќе од 2013 година.

Правила на однесување на 25 јазици

И Германското здружение за спасување живот ги превело правилата за однесување во базени на 25 јазици и слично како и Црвениот крст, организира курсеви по пливање за бегалците. „Ние сме подготвени“, вели Ахим Визе.

На базенот во Витен во меѓувреме групата млади бегалци веќе научи да се одржува на вода и не се плашат од скокање во вода. Но, притоа не треба да се претерува, им објаснува Абдула од Сирија. Иако тој стигнал во Германија само пред три месеци, веќе помага како преведувач. Одлично зборува англиски и им помага на Бастијан Вибуш и останатите водители на курсевите по пливање. „Поминав тежок пат и ми требаше голема помош. Сега можам да се грижам за себе и затоа сакам да им помагам на другите.“ Од пред една недела Абдула е член на германскиот Црвен крст, службен волонтер, а наскоро планира да заврши обука за спасувач во базен.