1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Илјадници камионџии божиќни заложници на Ковид

ДТЗ /ДВ
22 декември 2020

Над 1500 камиони останаа заглавени на патиштата во Англија откако не им беше дозволен влез во Франција. Поради новиот коронавирус, многумина нема да стигнат дома за Божик.

https://p.dw.com/p/3n7MX
Großbritannien Folkestone | Grenzschließung Frankreich | Verkehr in
Фотографија: Peter Nicholls/REUTERS

Дан Јинца, возач на камион од Романија кој е заглавен во Англија откако голем дел од светот ги затвори границите кон Велика Британија, е лут поради настанатата ситуација, и не е единствен кој е засегнат од блокадата. 47-годишниот камионџија ќе ја пропушти прославата на Божик дома и смета дека официјалниот изговор за затворање на границите - новиот вид на коронавирус кој брзо се шири низ јужна Англија е - глупост.

„Вознемирени сме и не знаеме зошто моравме да се најдеме во оваа ситуација“, вели Јинца за Ројтерс. „Тие велат дека сето ова е поради короната. Но, ние не знаеме.  Мислиме дека е тоа е глупост... голема глупост“. 

-повеќе на темата:Европа се изолира од Велика Британија поради новата варијанта на коронавирусот

Стотици камиони, по затворањето на границите, стојат во ред, протегајќи се далеку во хоризонтот во јужниот дел на Англија. Многу возачи се заглавени со денови, јадејќи ги резервите на храна, застанати покрај патиштата, на кои нема сообраќај.  
Без оглед што е одлучено во Лондон, Париз и Брисел, Јинца, кој е родител, нема да стигне кај семејството за Божик во Бумбешти-жиу, на околу 300 километри западно од Букурешт, бидејќи има многу за возење до дома.  

„Сега е готово, завршено е се'. Од овде до дома имаме околу 2.000 милји (околу 3200 км, н.з.)", вели тој. „Треба да се вози околу 45 часа без прекин, без сон, само да се вози. Нема да успееме“. За седум години, колку што работи како камионџија, досега не му се случило нешто вакво. 

Три дена без храна и вода

Серхио Роблес, 41-годишен шпански возач на камион, вели дека тоа што се заглавени три дена на пат во декември е срамота. И тој бара решение и информации веднаш. „Тие не ни даваат храна, ниту пијалоци, немаме ни санитарни услови, не ни нудат ништо“, вели тој. „Ситуацијата е во основа нехумана, поради што бараме решение. Мислам и верувам дека ова што се случува сега не се должи на коронавирус или што било друго, тоа се должи на Брегзит, поради внатрешна политика или нешто слично“. 

Роблес исто така ќе го пропушти Божик со семејството во Мадрид.
„Ние сме дел од транспортот што го придвижува светот. И лошо се однесуваат кон нас“, вели тој. „Се однесуваат со нас како да сме ѓубре. Не можеме да стигнеме дома за Божик, ниту да бидеме со семејството, или со децата. Мислам дека многу работи не се во ред.“

Чекаат зелено светло

Стотици заглавени возачи на камиони се надеваат дека ќе добијат зелено светло да ја напуштат Велика Британија. Земјата е целосно изолирана, а сообраќајот и трговијата се прекинати со соседните земји, коишто стравуваат од новиот вид на коронавирус кој се шири во Велика Британија. 

-повеќе на темата: (Не)возможна мисија: Патување за Божик во татковината

Десетици земји забранија летови од Велика Британија, а Франција забрани влез на камионите во земјата. Мерките на претпазливост беа поттикнати од новиот вид на вирусот за којшто се верува дека е позаразен, иако експертите велат дека не се чини оти е поубиствен или поотпорен на вакцините.

Großbritannien Hafen von Dover Lastwagen
Се' повеќе камиони на излез кај пристаништето во Довер, кое е затвореноФотографија: Kirsty Wigglesworth/dpa/AP/picture alliance

Што е пострашно - вирусот или Брегзит?

На островска држава која многу се потпира на своите комерцијални врски кон континентот, забраните за патување предизвикаа страв од недостаток на храна за време на божиќните празници. Во исто време, Велика Британија е сведок на алармантен пораст на инфекции, со рекордни 36.800 пријавени во вторникот и се соочува со длабока неизвесност околу нејзиното конечно излегување од ЕУ за помалку од две недели. 

-повеќе на темата: Вакцината на Бионтек ефикасна и против мутираниот коронавирус

„Она што, според мене, е многу лошо, е не само оваа нова мутација (на коронавирусот, н.з.), туку и фактот дека сме биле толку лоши во справувањето со пандемијата. Сега изгледа како да се движиме кон она што се нарекува ‘совршена бура', со мутација која е 70% позаразна и Брегзит истовремено", вели 73-годишниот Џим Гибсон од Лондон.

Возачите се надеваат дека патешествието може да наскоро да заврши откако ЕУ препорача укинување на забраните. Европската комисија соопшти дека луѓето кои се враќаат дома, можат да го сторат тоа под услов да имаат негативен текст за Ковид-19 или да бидат во карантин. Исто така, пратките треба непречено да се пропуштат. 

Вирусот предизвика 1,7 милиони смртни случаи ширум светот, вклучително и повеќе од 68.000 во Велика Британија, втора по ред земја со најголем број на жртви во Европа, зад 69 илјади во Италија.

За време на викендот, премиерот Борис Џонсон наметна строги мерки во Лондон и соседните области поради загриженоста од ширењето на новиот сој на коронавирус. Милиони луѓе ќе мора да останат дома за Божик, забрането е групирање во затворени простории, а патувањето е дозволено само во исклучителни ситуации.