1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Битката за превласт го изеде синдикализмот

Костадин Делимитов
1 мај 2019

Синдикалците во Македонија се борат, ама повеќе за лични, отколку за колективни работнички права. Упатените критикуваат за млакост и сервилност.

https://p.dw.com/p/3Hkuc
Geschäftsmann mit Werkzeug
Фотографија: picture-alliance/imageBROKER/M. Begsteiger

Дека работничките права во Македонија многу малку се почитуваат веќе одамна не важи за некоја посебна вест. Но дека има еден куп синдикати, а таквите состојби воопшто или многу малку се менуваат, тогаш тоа и како станува вест што загрижува и отвора многу дилеми. Клучната е: што работат овие синдикати и во чиј интерес? Зошто и по речиси три децении од системските промени, работниците и натаму се борат да ги уживаат основните права? Многу прашања, а малку одговори, посебно ако се бараат од оние на кои тоа им е и професија, синдикалците. Нивната битка со власта и работодавачите велат е тешка, но проблемот е што од година во година таа повеќе станува декларативна отколку реална. Повеќе затскриена, отколку јавна и гласна.

Повеќе: Синдикални знамиња ќе го обојат Скопје

Мекоста и сервилноста во делувањето, според дел од синдикалците е резултат на повеќе причини. Но ако по традиција за нив важеа властите или работодавачите, сега полека, но сигурно почнуваат да доминираат внатрешните состојби во синдикатите. А тие, велат, нималку не се розови:

„Синдикатите повеќе станаа непријатели меѓу себе отколку со работодавачите. Јас јавно кажувам, проблемот е во ССМ-Сојузот на синдикати на Македонија, која остана единствена нереформирана организација во државата. Истите луѓе таму се толку години и тие никако не можат да сфатат дека има плурализам и во синдикатот. Како се менуваат владите, така тие го менуваат дресот. Се менува првиот човек, а останатите стојат“, реагира Марјан Ристески од КСОМ, Конфедерацијата на синдикални организации.

Оваа синдикална организација не е единствена што функционира надвор од рамките на ССМ. Такви се уште десетина, кои се активни помалку или повеќе. Но она што е заедничко за сите е што нивните заложби носат многу малку резултати. Проблемот, според Ристески, е и во законската регулатива:

„Ние делуваме, еве правиме протести, цела година само наши протестираат. Но проблемот е што законот сѐ уште никако да се смени за да профункционираат и независните синдикати. Постојниот закон не дефинира кој дава репрезентативност. Со оваа влада барем немаме проблем за регистрирање синдикати. Дозволите веднаш се добиваат. Ама џабе кога не можеш да преговараш, потпишуваш. И да имаш, немаш репрезентативност и работодавачите не се обврзани да те сметаат за партнер. Тие велат договорете се синдикатите меѓу себе, а кога ќе треба ние да се договориме - еве што се случува. Тоа е проблемот и затоа само тие во ССМ сакаат да преговараат, да имаат ексклузивно право за тоа. Мислат дека се и синдикат и држава и дека сите работници ги сакаат. Но тоа не е така. Едноставно, бараме еднаква стартна состојба“, коментира Ристески.

Gebäude des mazedonischen Gewerkschaftsbundes
Фотографија: Petr Stojanovski

Нема шивач кој ќе го сошие синдикализмот

Законските промени во овој дел веќе се спроведуваат и требаше одамна да финишираат. Во активностите, надлежните ги вклучија и синдикалците кои активно учествуваат со свои предлози преку работата во Економско-социјалниот совет. Кога конечно ќе има и епилог, е неизвесно. Работите сега се запрени поради изборниот период.

Настрана од овој процес, дека работите во синдикализмот не чинат веќе јавно предупредуваат и од најголемата синдикална организација ССМ.

„Синдикализмот е расцепкан до таа мерка што мислам дека нема шивач што може да го сошие. ССМ е партизиран и сѐ повеќе раководни структури сакаат да се во прегратка на владата, да имаат позиции, привилегии. Нема вистинска битка за работниците, туку само декларативна. Ретки се оние кои се посветуваат на работата, нема реакција, не реагираат на закони. Едноставно, состојбата не е добра, воопшто синдикализмот во Македонија не чини и тоа не само во ССМ“, коментира Пецо Грујовски, претседател на синдикатот на УПОЗ, една од поголемите гранки во Сојузот.

Македонските работници во потрага по своите права

Тој и самиот вели дека не се амнестира од актуелните состојби, но за ефикасни промени предупредува на нужни смени, посебно во врвот на организацијата каде ја лоцира и клучната одговорност:

„Ние како УПОЗ сме активни и не само ние, нѐ има доста. Но за да се случат покоренити промени треба да дојдат повеќе вистински синдикалци, кои за жал сѐ помалку ги има, или седат настрана, бидејќи не можат да дојдат до израз од овие што залегнале во врвот. Проблемот е што нивните интереси главно се од бизнис карактер. Шуруваат со определени политички структури и профитираат од синдикализмот. Ништо друго не ги интересира, еве денеска ќе излеземе на протест и само ќе бројат колку сендвичи, или води ќе продадат. Само тоа ги интересира. Заложбите за силни синдикати се само декларативни. Видете само колку пати се појавило раководството во јавност годинава. Тоа доволно кажува“, реагира Грујовски.

Никој денеска не зборува за експлоатација...

Ваквите состојби, според него, им одат во прилог на политичарите, но и на работодавачите кои, вели, никако да разберат дека треба да бидат партнери на синдикализмот:

„Политичарите не сакаат и ова да пркне, заложбите за силни синдикати се само декларативни, а сѐ прават за нив да ги нема. А работодавачите и владата се должни да ги помогаат синдикатите, да одвојуваат средства за едукација, активности. Тоа функционираше во поранешниот систем, кога од државниот буџет се финансираа активности на синдикатите. А сега, воопшто не го ни третираат ова наше барање. Во 90-те години бевме поценети и помоќни. Личевме на организација. Но, сега сме многу малку од тоа. Мора да сме масовни, активни, заради работниците и синдикализмот, а не заради лични интереси“, укажува Грујовски.

Mazedonien Proteste in Skopje
Ацески: Луѓе аплаудираат по митинзи, а голем дел од нив се експлоатирани, живеат мизерно, со ниски платиФотографија: Reuters/O. Teofilovski

Вината за актуелните состојби во синдикализмот дел од упатените го лоцираат во политиката, но и системските промени кои низ годините ги засениле основните постулати на синдикалните заложби:

„За разлика од претходниот систем, кога немаше разлики во платите, немаше класни разлики, туку имавме силна средна класа, сега состојбите се поинакви. Никој денеска не зборува за експлоатација, за многу брзо време поимањето на синдикализмот се избриша, а дел од тоа присвоија и политичките партии кои гледате како настапуваат и какви пораки испраќаат. Луѓе аплаудираат по митинзи, а голем дел од нив се експлоатирани, живеат мизерно со ниски плати. Ги нема тие механизми во институциите кои брзо ќе реагираат на неправди кои реално се случуваат“, предупредува социологот Илија Ацески.

Синдикализмот, според него, ја загубил својата суштина, а една од главните причини е и во начинот на кој општеството се трансформира, пред сѐ во делот на капиталот:

„Синдикализмот претпоставува една борба, помалку идеолошка, туку димензија за правичност и правда во распределбата на материјалното богатство. Без тоа нема синдикализам. А ние одиме во една обратна насока, и кога ќе видите дека 10% од луѓето располагаат со можеби 80% од богатството, тоа е веќе нешто друго. Дополнително, ако имаш 120, или 130 илјади кои се синдикално задоволни, а тие се во администрација, а од друга страна работници со по 200, или 300 евра плата, какви сакате да се состојбите? Кој може нив да ги заштити? Затоа оние во врвот на синдикатите се бирократизирани. Затоа и никој не верува во синдикатот, едноставно, такво нешто како да не постои“, предупредува Ацески.

Ништо без силни синдикати

Затоа, според него, е клучно да се создадат услови кои ќе овозможат тие да бидат посилни, по примерот на развиениот Запад кон кој стреми државата:  

„На Западот таа борба била тешка, земете примери од Германија, Франција и други земји. Но сега таму сѐ е преточено во закони, правила на однесување, а кај нас сѐ уште многу работи не се дорегулирани. Затоа велам, без силни синдикати нема ништо и јас донекаде ги разбирам работодавачите кои сакаат максимален профит за минимум трошоци. Ништо чудно кога гледаат дека работниците никој не ги штити и се комотни. Ќе излезат еве вака како денеска на протест, ќе изнесат пароли и тоа е сѐ. Тешко ќе одат промените и затоа се важни овие процеси со ЕУ. Ако почнат преговорите со ЕУ ќе бидеме приморани за менување на правилата, сакале не сакале ќе мора да размислуваме за тоа“, коментира Ацески.

До каде и колку стигнала синдикалната битка во Македонија, покажува и карактерот на денешниот традиционален протест по повод 1 мај, Денот на трудот. И годинава паролите со преполни со барања за еден куп работнички права, кои по традиција се истакнуваат секоја година. Единствената разлика овојпат е што има повеќе симболични протести, но за жал не и единствена синдикална акција.