1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Последните анкети и даваат предност на Клинтон пред Трамп

БГ
7 ноември 2016

Две анкети спроведени во последните 24 часа и даваат предност на претседателската кандидатка на Демократите, Хилари Клинтон пред републиканецот Доналд Трамп

https://p.dw.com/p/2SHYu
USA Cleveland Präsidentschaftswahl Hillary Clinton
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Long

Хилари Клинтон повторно води пред Доналд Трамп според резултатите од последните анкети спроведени на само 24 часа пред клучното гласање на претседателските избори во САД. Анкетите сепак не и даваат голема предност на демократката, и доколку се земе предвид и маргината на можна грешка, двајцата кандидати израмнето влегуваат во изборниот ден.

Според анкета на СиБиЕс, Клинтон има четири проценти предност пред Трамп, односно за неа би гласале 45 проценти од испитаниците, наспроти 41 отсто кои гласот би му го дале на републиканскиот кандидат. Маргината на грешка во анкетата, која била спроведена во периодот од 2 до 6 ноември, е плус-минус три проценти.

Слична анкета изработена за потребите на весникот Вашингтон пост и телевизијата ЕјБиСи, исто така покажува предност на Клинтон од 4 проценти, додека трето истражување на јавното мислење на Блумберг проценува предност на Клинтон од 3 проценти.

Запрена истрагата на ФБИ

Хилари Клинтон доби „ветер в грб“ откако ФБИ соопшти дека не пронашло прекршоци во протечената електронска пошта на поранешната државна секретарка кои би барале покренување на кривична постапка против неа. Слично како и при првичната истрага која беше затворена во текот на летото.

Двајцата кандидати го минуваат последниот ден пред гласањето во трескавична потрага по нови гласови во клучните држави кои би можеле да го одлучат исходот на изборите.

Нејасно е дали и колку последната објава на ФБИ ќе има влијание врз гласачите и нивната одлука кому да го доверат гласот. Десетици милиони Американци веќе го искористија гласачкото право.

„Ништо нема да се смени од денеска утре за да се влијае врз неопределените гласачи“, вели менаџерот на кампањата на Трамп, Келиен Конвеј. Трамп веќе го критикуваше новото соопштение на ФБИ, оценувајќи дека истрагата не била доволно темелна, додека Клинтон одлучи комплетно да ја игнорира одлуката на последните два митинзи.

„Сето тоа е зад нас“, вели менаџерот на кампањата на Клинтон, Роби Мук.