1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Биланс на самитот на НАТО

30 јуни 2004

Германските весници денеска се осврнуваат на вчера завршениот самит на НАТО во Истанбул и ја анализираат актуелната состојба во односите меѓу трансатлантските партнери

https://p.dw.com/p/AeGH

Весникот “Нојес Дојчланд“ што излегува во Берлин вака ги сумира резултатите од самитот во Истанбул:

“Најавата за окончување на кавгатата околу Ирак стоеше уште на почетокот на вчера завршениот самит. Таа требаше да биде кредо за новото единство и новиот полет во проширената Алијанса. Но, оние кои знаат да читаат меѓу редови во заклучоците од самитот, на брзо ќе сфатат дека дури и по прашањето на Ирак земјите членки најдоа само најмал заеднички именител – помош во обуката на идната ирачка армија. Пред се Франција и Германија пружија решителен отпор против воен ангажман во Ирак. Но и околу структурните прашања не беа постигнати конечни решенија: генералниот секретар Јап де Хоп Шефер мораше да откаже од идејата за создавање заеднички фонд за финансирање на странски мисии; лобирањето на Буш за прием на Турција во ЕУ наиде на критика од Европејците; а и авганистанскиот претседател Карзаи постигна само умерен успех со неговиот апел за засилување на контингентот на ИСАФ. Ангажманот на НАТО во Авганистан можеби најдобро покажува колку е оддалечена од реалноста радо продаваната слика за НАТО како носител на мирот ширум светот.“

Весникот “Ди Велт“ пак вака гледа на односите во Алијансата по самитот во Истанбул:

“НАТО сојузот се повеќе наликува на брак, во кој партнерите се обидуваат да ја прикријат кризата со јавни изјави на љубов. Од самит до самит земјите членки од ново си ветуваат верност. Америка така ветува дека во иднина ќе се однесува кон европските партнери со повеќе разбирање, а тие пак ги уверуваат Американците дека сакаат да ги надминат напнатостите и да преземат поголема одговорност. На крајот сите го вртат погледот кон идните задачи, кои можат да се совладаат само со заеднички сили и на тој начин ќе му покажат на светот колку е среќен трансатлантскиот брак. Кога ќе се вратат дома, истите политичари сето тоа веднаш го забораваат“ - нагласува “Ди Велт“.

“Сојузниците навистина не постигнаа согласност по најважните прашања и на крајот од самитот останаа само минимални резултати“ - оценува “Нордвест цајтунг“. “Францускиот претседател Ширак повторно најде можност да се профилира како најтврд противиграч на американскиот претедатал Буш на меѓународната политичка сцена. Човек би можел со љубопитство да го набљудува ова соперништво, доколку тоа не би ја загрозувало целата трансатлантска клима. Буш се уште ги нема изгубено претседателските избори во Америка. На Алијансата и се закануваат уште неколку тешки месеци“ - прогнозира “Нордвест цајтунг“.

“Берлинер цајтунг“ се фокусира на делот од заклучоците што се однесува на Авганистан, па забележува:

“Во интерес е и на Американците и на Европејците во Авганистан да изградат таква држава, која кога тогаш ќе може со сопствени сили да ги совладее исламските радикали. Дека со оваа задача треба да се зафати заедничка мировна мисија, околу тоа беше постигнато единство во рамките на НАТО. И покрај тоа при секое предавање на улогата на главен комендант на ИСАФ беше се потешко и потешко да се најде нација што ќе ја преземе оваа чувствителна задача. Од пред една година затоа одгороноста за овие мировни сили ја презеде НАТО. На самитот во Истанбул генералниот секретар на Алијансата Шефер лично ги обврза шефовите на држави и влади на земјите членки да испратат дополнителни војници и воена орпема. Но, дали тие и ќе ги остварат ветувањата? НАТО може само да надева дека тоа ќе биде така.“

“Ноје Оснабрикер цајтунг“ на истата тема забалежува:

“НАТО се однесува во Авганистан како пожарникарска служба што во случај на голем пожар испраќа два тројца пожарникари со детски пиштоли на вода. Алијансата навистина конечно ги слушна апелите за помош од Кабул и вети зголемување на војниците од 6500 на 10000, но сега членките се не покажуваат голем елан околу исполнувањето на ветувањата – ова важи пред се за Берлин и Париз. Генералниот секретар на Алијансата мора да моли за секој војник, тенк и секое евро. Така актуелната состојба во Авганистан потолно е во согласност со досегашниот тек на ангажманот на Алијансата. Тоа е горчливо сознание, особено за Европејците, бидејќи Американците имаат стационирано 15000 војници и го финансираат најголемиот дел од одбновата. Париз и Берлин имаат вкупно 2700 војници во Авганистан, иако за разлика од 16 други членки на НАТО не се ангажираат во Ирак. Мир во Авганистан би ја направил посигурна и Европа, но тој не може да се добие на попуст“ - критички финишира “Ноје Оснабрикер цајтунг“.

“Хановерише алгемајне“ бара од НАТО наскоро да се соочи со прашањето како има намера да ја доведе мисијата во Авганистан до успешен крај, па вели:

“Ако Алијансата продолжи понатаму со ваков млак ангажман, каков што беше до сега, би било подобро веднаш да се откаже од него. Бидејќи со половично ангажирање НАТО не му е од полза ниту на мирот во Авганистан, ниту на тамошното население, ниту пак себе си. Но, во моментов се чини дека одговорот на Алијансата гласи: продолжува и понатаму како до сега. Тоа е така бидејќи дел од посилните партнери во Алијансата го користат учеството во мисијата во Авганистан како оправдување за неангажирањето во Ирак. Со тоа му нанесуваат штета и на политичкиот процес во Ирак, а ги потхрануваат и сомнежите дека НАТО нема политичка волја, ниту способност да и служи на меѓународната заедница во спроведувањето на резолуциите на ОН.“

Конечно, “Франкфуртер Алгемајне“ се осврнува на политичките сигнали што произлегоа од самитот во Истанбул во врска со пристапувањето на Турција кон ЕУ:

“Оние кои со скепса гледаат на приемот на Турција во ЕУ, а нив ги има и не се малку, веќе не се осмелуваат отворено да го изкажат таквото мнение. Откако географскиот аргумент за тоа до каде се протега европскиот конеинент веќе нема тежина и откако задршката дека Европа мора да задржи некаква хомогеност за да остане способна за политичко дејствување се смета за политички некоректна – беа урнати сите брани. Така ЕУ, која допрва треба да излезе на крај со интеграцијата на 10-те нови членки, со отворени очи се втурнува во следната авантура.“