1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бизнисмен и владата обвинети за убиството на Галиција

БГ /РТР
4 декември 2019

Посредникот во убиството на новинарката Дафне Каруана Галиција денеска пред судот раскажа дека богат малтешки бизнисмен го организирал злосторството, но дека зад него стоеле и членови на владата.

https://p.dw.com/p/3UE2l
Malta Geschäftsmann Yorgen Fenech in Valletta
Бизнисменот Јорген ФенечФотографија: Reuters/Y. Nardi

Посредникот Мелвин Теума доби имунитет од обвинителството минатата недела во замена за информации кои ќе доведат до откривање на заговорот зад кој стоел мултимилионерот Јорген Фенеч (на насловната фотографија). Фенеч е обвинет за соучесништво во убиството на анти-корупциската новинарка Дафне Каруана Галиција во 2017 година со автомобил-бомба. Тој досега го отфрлуваше обвинувањето и тврдеше дека убиството го организирал поранешниот генерален секретар на владата Кит Шембри заедно со други високи функционери.
Шембри беше уапсен минатиот месец но подоцна беше ослободен. Тој негираше учество во заговорот кој фрли светлина врз неконтролирана корупција во испреплетениот свет на политиката и бизнисот во Малта.
Теума во детали сведочеше дека 38-годишниот Фенеч го контактирал во 2017 година за да ја организира ликвидацијата и притоа му исплатил 150 илјади евра за договорот.

Планот бил привремено запрен пред изборите во јуни 2017 година, но активиран веднаш по нив откако владејачката Лабуристичка партија се вратила на власт.
„Ве уверувам, Јорген Фенеч беше единствениот планер. Само тој зборуваше со мен“, рече Теума, возач на такси поврзан со криминалното подземје.
Фенеч го нарачал убиството на Галиција затоа што очекувал да објави инкриминирачка приказна за неговиот чичко.
Откако се согласил да го организира убиството Теума потоа бил повикан во седиштето на владата каде Шембри му организирал прошетка низ просториите, вклучително и во кабинетот на премиерот Џозеф Мускат. Двајцата имаат и заедничка фотографија. Мускат негираше дека знаел за заговорот, но призна дека требало да се однесува подобро и најави дека ќе поднесе оставка следниот месец.

Malta Valetta Demonstration für ermordete Journalistin Daphne Caruana Galizia
Протести против премиерот Мускат во Ла ВалетаФотографија: Reuters/Y. Nardi

Паника

Теума потоа добил работа во владата и во следните 3-4 месеци редовно добивал и плата. „Ако ме прашате што работев во министерството не знам, затоа што никогаш таму не се појавив“, изјави тој пред судот. Теума потоа им платил на тројца локални криминалци да го извршат убиството. Тројцата се уапсени и ќе им се суди, а се изјаснија за невини. Теума рече дека го фатила паника кога тројцата биле уапсени и се рашириле информации дека еден од нив соработува со полицијата. Потоа повторно бил контактиран од владин службеник кој му рекол дека тројцата ќе бидат ослободени со кауција и ќе им бидат дадени еден милион евра. Исплашен за својата безбедност, Теума потоа почнал тајно да ги снима разговорите со бизнисменот Фенеч кои и ги предавал на полицијата. 
„Почнав да мислам дека или ќе ме затворат или ќе ме убијат“, рече Теума. Тогаш напишал и писмо во кое навел дека Шембри и Фенеч го организирале убиството.