„Беше еднаш во Македонија“
13 јули 2009Долготраен аплауз, огномет и воодушевување од славниот Енио Мориконе , на овој начин започна 49 – тото издание на „Охридско лето“, најстарата и воедно најпозната музичко – сценска манифестација во Македонија.
Извонреден настап на Мориконе
Синоќа час и половина траеше само настапот на извонредниот и неповторлив композитор, кој во Охрид допатува во улога на диригент. Мориконе и покрај годините со леснотија го водеше бројниот музичко – изведувачки апарат. На почетокот со полесни ноти во изведба на Унгарскиот филхармониски оркестар „Гјор“, сопранот Сузана Ригачи и Хорот на Македонската опера и балет. Како што времето одминуваше, концертот влегуваше во фаза, која дојде до кулминација во мигот кога Мориконе диригираше на музиката од филмот „Добриот, лошиот и грдиот “Овој филм остави длабоки траги во неговата кариера. Пандан на веќе култниот „Беше еднаш во Америка “ охридскиот мега спектакл беше наречен „Беше еднаш во Македонија“. Мориконе јавно призна дека концертот на отворањето на „Охридско лето“ му го посветува на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов, во знак на благодарност, зашто токму тој го награди со Медал за особени заслуги за Македонија.
Од сцената на Античкиот театар маестрално прозвучија 20-те филмски музички теми, кои оскаровецот Мориконе ги создал во својата долга и богата композиторска кариера. Напишал музика за 450 филмови , а светската слава ја доживува со музиката од вестерн филмовите.
На крајот три биса, од кои првиот како изненадување за публиката со тема од филмот „Мисија“. Мориконе диригираше, а како солист на обоа настапи селекторката на музичката програма на „Охридско лето“, Гордана Јосифова – Неделковска.
Претходно стотиците уметници од 17 земји во светот кои што ќе бидат дел од годинашното „Охридско лето“ од името на македонските уметници ги поздрави актерот Дејан Лилиќ:
„Во ова место со години се сплотувала македонската и светската уметност. Четриесет дена во годината како Исусусовите 40 дена во пустината. И тука се крунисувале со вистинска уметност и со ветување кон светот дека следниот пат ќе бидеме уште подобри и како уметници и како луѓе.“
Мост на уметноста и културата
Фестивалот за отворен го прогласи покровителот – претседателот на Републиика Македонија , Ѓорѓе Иванов :
„Охридското лето е мост на уметноста и културата на овој дел од светот, духовен континиум на древната охридска традиција на духовен и културен центар. Центар од кој се шират духовните и културните вредности кон Северна и Западна Европа, кон Азија и Медитеранот.“
„Охридско лето“ на Антички ги доведе претседателите на Албанија и Косово – Бамир Топи и Фатмир Сејдиу, евроамабасадарот Фуере, и поголем дел од министрите во владата и дел од дипломатскиот кор.
До 20 август на фестивалот ќе бидат изведени 50 приредби во редовната и офф програма. „Охридско лето“ ќе биде затворено со настапот на Европскиот камерен оркестар и лаутистот Един Карамазов од Хрватска.
Автор: Милчо Јованоски
Редактор: Жана Ацеска