1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Берлин: Наш интерес е Грција да ја прекине блокадата на Македонија

Силвера Падори-Кленке12 март 2014

Македонскиот министер за надворешни работи Попоски во Берлин имаше средба со пратеници и со ресорниот колега Штајнмаер, според кого решението на спорот за името ќе даде нова динамика во евроатлантските интеграции.

https://p.dw.com/p/1BOc0
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски денеска (12.03.2014) имаше вистински маратонски разговори со повеќемина претставници на гермаснката висока политика, вклучувајќи го и неговиот ресорен колега, сојузниот германски министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнамеер. Освен фото терминот пред разговорите, по средбата немаше официјална прес конференција. Извор на Дојче веле од германското МНР подвлече дека „во фокусот биле прашањата на евроатлантската интеграција, домашната политичка ситуација, статусот на имплементација на Охридскиот договор, претстојните претседателски и предвремените парламентарни избори'.
Натамошната соработка на двете земји и натаму е неспорна и ќе продолжи особено во доментот на евро-интеграцијата на Македонија.„Сојузниот министер за надворешни работи Штајнмаер истакнал дека решението на македонско-грчкиот спор за името може да доведе до нова динамика во македонското пристап во ЕУ и НАТО“, вели изворот на ДВ.
Целта на визитата на престолнината, како истакна министерот Попоски за Дојче веле, е непосредно да го запознае министерот Штајнмаер, но и бројните членови на новиот состав на Бундестагот за текот на реформите во Македонија. Во пакет со оваа основна тема беа и билатералните и економските односи, како и регионалната соработка.

Од утринава во 8 часот, безмалку на секој час, министерот Попоски имаше разговори во кои стожерот го носеа три тематски блока: пресудата од Хаг и нејзиното правно толкување, активностите околу реформскиот процес кои се вреднувани од Евроспката комисија и посочувањето од потребата земјата членка на ЕУ која го блокира пристапниот процес (Грција, н.з.) да си ги преземе обврските , со што Унијата нема да дозволи целокупниот процес на проширувањето да биде компромитиран.

Mazedonische Flagge vor dem AA 12.03.2014 Berlin
Без особени и отворени ветувања!Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

Критичен разговор меѓу пријатели!

„Од голем германски интерес е Грција да ја отстрани блокада на Македонија и да има раздвижување во спорот за името. Во разговорот со министерот за надворешни работи Попоски ја искористив можноста да ја пренесам загриженоста на Германија околу прашањата на слободата на медиумите, потребата од поголема транспартентност во реформите и демократските стандарди во Македонија. Разменивме мислења и би кажал: тоа беше разговор меѓу пријатели, критички, но пријателски“, изјави за Дојче веле Дитмар Нитан, пратеник од редовите на социјалдемократите во Бундстагот, кој втор пат се сретнал со министерот за надворешни Никола Попоски. Како појасни Нитан, незаобиколлива тема биле и престојните избори во Македонија, но и прашашњето: како може Германија да помогне во отворањето на европскиот пат на Македонија? Може ли како земја чиј глас има посебна тежина во Унијата да притисне врз Грција?
„Да, разговараме и за ова. На министерот Попоски, меѓутоа, му пренесов дека притисокот би бил погрешниот пат. Економската и финансиската криза ги интензивираше емоциите во Грција дека со курсот за штедење на кој инсистира Германија е зголемена сиромаштијата во земјата. Затоа ваквиот пат би бил контрапродуктиен. Сакаме да помогнеме и тоа и го правиме од позадина. Германија сака блокадата да биде отстранета, но Германија не може да биде главниот играч во овој процес“, изјави за ДВ Дитмар Нитан (СПД).

Reichstag Berlin Flaggen auf Halbmast Tsunami 2004
Пратениците од новиот состав на Бундестагот следат што се случува во МакедонијаФотографија: picture alliance/AP Photo

Да не се превиди Времената спогодба

И демохристијанот Јоханес Зеле, кој беше соговорник на министетрот Попоски за Дојче веле подвлече дека со големо внимание следи што се случува во Македонија.
„Мој впечаток е дека на Европа и‘ треба Македонија. Сите земји од Балканот, а вклучително и Македонија ќе станат дел од ЕУ. Останувам меѓутоа секогаш вчудоневиден како со едно такво духовно и културно богатство, со такво минато какво што го има Балканот, не може да се најдат неколку збора и име кое ќе биде прифатливо за сите. Тоа може да се реши и не смеат околу ова прашање да се фрлат во ветер уште 20 години “, смета Зеле. Според него навистина има и некои пречки во земјата која скоро ја посетил и која неповратно го пленила, но вели проблемите не се којзнае колкави и решавачки за почеток на пристапниот процес.
„Малку се говори за Времената спогодбата меѓу Грција и Македонија според која Грција не смее да ја попречува Македонија да стане членка во различни меѓународни организации. За ова мора да се говори, и не смее да се прави превид и документот да се занемарува. Ние се залагаме и сакаме да се почитува правото, што значи тоа мора да се прави и во овој случај“, коментира Јоханес Зеле од пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ.
Министерот Попоски, по разговорите со министерот Штајнмаер, попладнево има обраќање до пратениците од Комисијата за европски прашања на Бундестагот.