1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Јас тебе, ти мене

Јенс Турау/превод: Ж.А.23 јануари 2016

Помогни ми околу бегалците, а јас ќе ти дадам милијарди и ќе ти оддадам признание, гласи сметката на Берлин и Анкара. Тоа е политика на интереси, коментира Јенс Турау по владините консултации меѓу Германија и Турција

https://p.dw.com/p/1Hioi
Фотографија: Reuters/H. Hanschke

Турската влада во Берлин беше дочекана од голема свита. Канцеларката не го прими само својот колега по функција Ахмет Давутоглу, туку и неговите најважни министри. Таа со себе ги доведе својот вицеканцелар, шефот на дипломатијата и неколку членови на владиниот кабинет. Тоа се нарекува владини консултации и е прилично ексклузивна работа - Германија такви односи негува со само десетина земји во светот. Тоа не се претежно пријателски држави. На пример, такви состаноци постојат со Кина, Индија и Русија, а не и со САД. Но, едно е клучно: каде има владини консултации, таму во игра се јасни интереси.

Ангела Меркел всушност отсекогаш на Турција гледаше со скепса. Новиот исламски национализам на претседателот Реџеп Таип Ердоган нејзе и‘ изгледа заплашувачки, таа одлично знае за повредите на човековите права, малтретирањето новинари, бруталните пресметки со Курдите во југоисточниот дел од Турција... но таа знае и дека 2016 е најважна од нејзините досегашни 11 години во канцеларската фотелја. Зашто, Меркел мора да најде решение за бегалските проблеми, кои ја доведоа до досега невиден притисок дома и во Европа. А Турција може да има клучна улога во решението.

DW-Mitarbeiter Jens Thurau
Јенс ТурауФотографија: DW/D. Engels

Само Турција може да се погрижи за значително намалување на бегалците, првенствено од Сирија. Во замена за тоа, земјите од ЕУ уште пред неколку недели на Анкара и‘ ветија три милијарди евра. Давутоглу сега без пардон бараше уште пари и тоа во едно интервју. Во присуство на канцеларката не го повтори своето барање, но и не мораше, зашто таа веќе добро го чу. Досега Турција не доби не еден цент за изградба на нови бегалски кампови и подобрување во постојните, а тоа покажува колкава е моментната парализираност на ЕУ.

Занимливо е што на конференцијата за печат Меркел и Давутоглу речиси со ниеден збор не ги споменаа замрзнатите пристапни преговори меѓу Турција и ЕУ. Канцеларката додуша патемно го спомена преострото постапување на турската војска против Курдите. Од другастрана, Давутоглу исцрпно ја уверуваше домашната и странската јавност дека Турција со цело срце е заедно со Германија во борбата против Исламска држава. Изгледа дека Анкара, по најновите напади во Турција, и навистина го мисли тоа, но само до пред неколку месеци беше сосема поинаку. Тогаш Курдите беа непријател број еден.

Копнежот на Турција по признание од Европа многу добро се насетува, исто како и желбата да биде сериозно сфатена. Тоа признание станува можно дури сега, поради притисокот на стотици илјади бегалци. Од друга страна, за Меркел Анкара е решавачки фактор во овие недели кога се одлучува судбината на канцеларката. Тоа се нарекува политика на интереси и тоа - обострана.