1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Без доселеници невработеноста ќе се зголеми“

Кристоф Хаселбах / превод: ЕМФ9 септември 2015

Какво е нивото на образование на доселениците и бегалците во Германија? Дали тие ги истиснуваат Германците од пазарот на работа? Улф Рине од Институтот за иднина на работата во Бон ги смирува стравувањата.

https://p.dw.com/p/1GTSY

Дојче веле: Господине Рине, според податоците на Сојузниот уред за статистика, речиси една третинаод луѓето со миграциско потекло во Германија има матура или универзитетско образование. Тоа е поголем удел отколку кај населението без странски корени. Како го објаснувате тоа?

Улф Рине: Тоа не е изненадување. Мора да се знае дека досега на доселениците им стоеја на располагање малку легални начини за доаѓање во Германија. Кога имаше патишта, тие им беа наменети пред се‘ на висококвалификуваните.

Освен тоа, многу од нив се граѓани на ЕУ, кои и онака смеат да работат овде.

Точно.

Дали тоа значи дека за пазарот на работа тоа не е проблем, или во оваа сфера има конкуренција за работни места?

Во основа, за работните места секогаш има конкуренција. Од тоа се погодени како доселениците, така и домашното население. Но, нема научна евиденција дека домашното население поради доселувањето останува без работа. Напротив, невработеноста би била многу повисока ако нема доселување. Она врз што се гради оваа теза (за потиснувањето, з.а) е претпоставката дека постои ограничен број работни места, а тоа е погрешно. Потиснување од пазарот на работна сила, особено кај квалификуваните работници, нема.

Deutschland Ulf Rinne
Улф РинеФотографија: privat

Има уште една бројка која укажува на нешто сосема друго. Според изјава на министерот за внатрешни работи Томас де Мезие за „Цајт“, околу 20% од возрасните бегалци кои доаѓаат во Германија се аналфабети. Тоа е веројатно поголем проблем, или?

Ова прашање бара многу подиференцирано разгледување. Кај бегалците станува збор во најголемиот дел за лица кои бараат политички азил. Според мене, воопшто нема основа овие лица прво да ги анализираме од економски аспект, односно дали се тие од полза за Германија. Друга работа, односно во некој втор чекор, би требало да се размисли: кај нас доаѓаат толку бегалци, за кои лица можеби може да се отвори легален пат за Германија, надвор од системот на азил?

Зборувавме за можна конкуренција за работни места за висококвалификуваните. Стравувате ли од конкуренција во секторот на ниски примања?

Тука сигурно, во одделни случаи, може да се јави конкуренција. Но, ако погледнеме во минатото, ќе видиме дека тоа не се случи кога ЕУ се прошируваше на исток. Новата ситуација мора подетално да се проанализира, но по правило е така што не се доселуваат само лица во секторот на ниски плати, туку и во секторот на висококвалификуваните, кои пак создаваат нови работни места. Ако се погледне од птичја перспектива, тоа нема да предизвика проблеми вредни за споменување.

Какви решенија уште предлагате?

Треба под итно да размислиме за нов закон за доселување. Станува збор за тоа да им се отворат легални патишта до германскиот пазар на работа на лицата со средна стручна подготовка, за кои ќе има зголемена потреба. Тука мислам и на лицата кои немаат универзитетска диплома.

Д-р Улф Рине е експерт за миграција на Институтот за иднина на работата во Бон.