1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегство со автобус од косовската беда

Рефки Алија/ Дијана Ристова4 декември 2014

Илјадници луѓе последните месеци oрганизирано и илегално заминуваат од Косово во Западна Европа по подобар живот. Оние кои се вратени сведочат за ужасните унгарски затвори и ја обвинуваат власта во Приштина за бедата.

https://p.dw.com/p/1DyDu
Фотографија: DW/R. Alija

Автобуската станица во Призрен е преполна со луѓе. Сега е седум часот и триесет минути навечер, пристигнуваат патниците кои за половина час ќе тргнат за Белград. Многу од нив настојуваат да бидат неприметени. Повеќето се млади, но има и од оние со деца на училишна возраст. Официјално одат во Белград на лекување, бидејќи овде лекарите „не се толку стручни“. Немаат толку многу багаж со себе. Ретко кој сака да зборува на темата заминување во Западна Европа, се плашат бидејќи последните неколку недели многу се зборува во јавноста за тоа.

„Се бориме за живот, а политичарите за фотелјите“

Со ветување дека името нема да му биде објавено, еден 28- годишник сепак почнува да зборува: „Пред четири години завршив факултет. Конкурирав на десетина места и ништо. Нема кој да ме турне, иако бев спремен да дадам и пет илјади евра, колку што се плаќа работното место во некоја државна институција. Ни тоа не помага. Не можам веќе. Западот ми е единствениот спас. Многу веќе стигнаа и рекоа дека се снашле. Знам дека ме чека голема неизвесност, но немам друг избор“, вели ова момче. Тој додава дека во бирото за вработување во Призрен за работа чекаат околу илјада факултетски образовани луѓе - лекари, стоматолози, инженери. И уште околу педесет илјади луѓе со средно образование. Чекаат со години.

Се охрабри уште еден кој рече дека има 30 години. Оженет е, има две деца. Семејството му останало дома. „Прво јас да поминам, па ќе најдам некоја можност да го повлечам и семејството. Позајмив пари, ако не успеам да ги вратам, ќе ја продадам нивата. Гледате, додека ние се бориме за гол живот, нашите политички претставници се борат за фотелјите. Немаме влада пет месеци. Што подалеку одовде - тоа подобро“, вели тој.

Во текот на разговорот приоѓа директорот на фирмата која вози кон Белград, заедно со уште седуммина свои соработници, пцуе, се заканува дека ќе ги скрши фотоапаратот и диктафонот. Посебно беше бесен поради можноста да биде објавена некоја од фотографиите која ќе ги покаже автобусите со логото на неговата фирма. Ако тоа се случи, вели, тој лично ќе се пресмета со репортерот на ДВ, инсистира пред сите нив да се избрише се‘ од камерата, ме турка од перонот, бара да ја напуштам автобуската станица. За среќа, стигна еден полицаец, па спречи поголем иницидент... Се наметнува прашањето зошто сопственикот на оваа фирма се плаши од јавноста кога се‘ е „легално“?

Kosovo Fahne Straße
Околу 40 проценти од жителите на Косово се сиромашниФотографија: Getty Images

Виновни се новинарите?

Автобусот кој поаѓа за неколку минути, не е полн. Претходно соговорниците рекоа дека сигурно ќе се пополни по пат, на уште неколку станици во Призрен, потоа во Сува Река, Штимаљ, Липљан или Приштина. До 21 часот на истата линија официјално поаѓаат уште два автобуса. Целта на повеќето патници е, преку Мердар и Белград да стигнат до Суботица. Таму, тврдат упатените кои го знаат точниот назив на ресторанот, ги чекаат оние кои ќе ги префрлат преку Унгарија до Германија или Франција и за тоа ќе им наплатат околу три ипол илјади евра. Во последните денови, како што тврдат оние кои со автобусите патуваат од граничните делови на Косово кон Приштина, нив ги претресува полиција. Од Мердар во текот на минатата седмица беа вратени шест автобуси со околу 300 патници, под сомнение дека сакаат илегално да стигнат до Европа.

Валон Красниќи, директор на одделението за државјанство, азил и миграција во Министерството за внатрешни работи на Косово, вели дека „оваа година од Косово заминале 14 илјади луѓе, а минатата година 21 илјада“. Овој најнов бран на мигранти започна кога неодамна бројни медиуми низ неколку написи објавиле, цитирајќи наводни изјави од официјалните лица од амбасадите на Шведска и Канада во Косово, како и наводното тврдење на француската влада, дека „Косово е несигурна земја“, што многумина го протолкуваа како зелено светло за заминување во оваа земја. Официјалните лица на амбасадите на наведените држави сето тоа подоцна го демантираа. Но, семето веќе беше посеано. Во текстовите кои веќе ги преплавија повеќето косовски медиуми, објавена е и висината на платите на оние кои ќе работат во поединечни сектори, а тие се астрономски за овдешните прилики.

И така, илјадници, претежно млади, одлучуваат да тргнат кон подобар живот. Многу од нив, меѓутоа, завршиле во унгарските затвори во кои, како што тврдат претставниците на Центарот за социјална работа во Приштина, кои ги посетиле, владеат „нечовечки услови“. Тоа го потврдија и некои кои ги поминале тие затвори и се вратиле во Косово. Луѓе како Јадриј Сулејман. „Тоа беше прав пекол“, вели тој, апелирајќи на младите да не тргнат по неговите стапки. Освен владата, тој за ситуацијата обвини и неколку туристички агенции, кои, како што рече тој, спремни се на се‘ за брзо да се збогатат.

Социјални нереди

Хамз Битиќи, сопственикот на онлајн агенцијата Промокос травел која работи на пополнување документи за Канада, во изјава за ДВ меѓутоа, за збрката обвинува новинари поединци. „Ние за една година имавме околу 25.000 бесплатни онлајн апликации, од тоа, само 115 од нив платиле за пополнување на документите. Наплатуваме пет евра по страница, а тоа е 84 евра по личност. Колку што знам јас, само три семејства добија виза за Канада, бидејќи критериумите се високи. Новинарите сето ова го зготвија, најверојатно поради тиражот или гледаноста. Иако во мој интерес е да заработувам, би им порачал на оние кои се спремаат за пат уште еднаш добро да размислат во што се впуштаат“, ни рече Битиќ.

Bushauptbahnhof Prizren im Kosovo Hamz Bitici
Хамз Битиќи ги обвинува новинаритеФотографија: DW/R. Alija

Сето ова не го изненадува Сафет Грџалиу, претседателот на Стопанската комора во Косово и универзитетски професор. Вели дека со години наназад ја предупредувал власта оти ќе дојде до ваков вид на социјален бунт, ако нешто не се преземе на економски план. „Бесмислено е да се очекува социјален мир и европска интеграција без економски развој. На Косово во последно време нема перспектива, нема странски инвестиции, а со тоа ни работни места, па денес извезуваме само готови пари. Тоа што младите масовно се обидуваат да заминат на Запад, на властите треба да им биде најголемо предупредување“.

Грџалиу тврди дека огромното мнозинство кое замина наскоро повторно ќе биде во Косово - затоа што ниедна западна земја нема само така да ги прифати Косоварите. А тогаш дури ќе почне да настанува вистинскиот проблем. „Повеќето од нив позајмија пари или ги продадоа своите куќи за да заминат на Запад. Големите проблеми за иднината на Косово ќе настанат кога ќе се вратат овие луѓе“. Според официјалните податоци, околу 40 отсто од граѓаните живеат во сиромаштија, половина од нив се екстремно сиромашни. Политичарите ветија отворање на 200.000 нови работни места во наредните четири години. Но, тогаш беше изборна кампања.