1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците ја менуваат верата за право на азил

Б. Георгиевски/ард26 февруари 2016

Расте бројот на бегалци и мигранти кои во Германија масовно преминуваат во христијанство. Масовните крштевки во некои општини се одржуваат во базени. За сите вклучени во постапката, тоа е една голема одговорност

https://p.dw.com/p/1I2rO
Фотографија: Gali Tibbon/AFP/Getty Images

Само кусо натопување, една секунда под вода и потоа за Бенјамин ништо веќе не е како порано. Младиот Иранец, 25 годишен, сега е христијанин. Крстен е во јавниот базен во Хамбург од свештеникот на персиското здружение. Во неговата татковина, на муслиманите кои конвертираат во христијанство им се заканува смртна казна. Бенјамин зрачи од среќа: „Денес за мене почнува нов живот. Сега му припаѓам на Исус“.

Причините за преминот во христијанство се различни, објаснува свештеникот Алберт Бабајан. „Многумина велат дека се разочарани од Исламот“. Слично како и Бенјамин. „Во Иран започнав да се запознавам со различни религии. И потоа се запрашав, зошто цело време живеам во страв“. Во Хамбург запознал двајца ирански христијани со кои основал ново здружение. Поради големиот интерес веќе бараат поголеми простории. И други црковни заедници во Германија јавуваат дека се соочуваат со недостаток на простор- со последици за сите засегнати.

Сомнежи во искреноста

За властите крштевката е ткн. „интерно генерирана причина за престој“. А со тоа станува и дел од биографијата на барателите на азил која мора прецизно да се истражи. Во крајна линија, според Сојузната служба за миграции и бегалци (БАМФ) конверзијата на еден барател на азил води кон „добивање дозвола за заштита, затоа што на барателот на азил во матичната земја му се заканува прогон поради промената на верата“. На крајот се поставува прашањето: дали бегалецот е искрен кон христијанската вера или конвертирањето се врши само заради добивање азил? Но како да се утврди тоа? Црквата и властите спорат по ова прашање.

Евангелистичката црква во Германија уште пред извесно време издаде прирачник за свештениците во однос на крштевките. Црквата се радува што за луѓето од Иран, Авганистан и Пакистан „христијанството има особено атрактивност“. Притоа, Црквата презема и една значајна обврска со конвертираните: „За барателите на азил може да биде многу важно доколку на разговорите кај властите бидат придружувани од свештеници“.

Bildergalerie Initiationsprozesse verschiedene Religionen
Фотографија: BilderBox

Поради тоа Црквата често пати доаѓа во судир со властите. Особено поради критичките прашања на државните службеници кон барателите на азил. „Зошто ви е потребна религија?„ „Колку денови има меѓу Велигден и Водици?“, се само дел од прашањата кои службениците им ги поставуваат на барателите.

На Црквата и се потребни мисионери

Свештеникот Алберт Бабајан не се сомнева во искреноста на покрстените. На заедницата и требаат мисионери. Пред да биде примен во персиската заедница, секој мора да мине повеќемесечен верски курс. Се учат библијата, христијанските вредности, но и германскиот јазик. Не секој ќе биде конвертиран, тврди свештеникот. „Кога имам впечаток дека некој не верува од се срце, тој мора уште еднаш да го мине курсот“. Но повеќето конвертити остануваат активни во заедницата и по крштевката.

Сепак, промената на верата не секогаш е гаранција и за спречување на депортацијата. Во Шлезвих-Холштајн во моментов тројца конвертити се пред депортација. Новопечениот ирански христијанин Бенјамин не сака назад во Иран. „Таму веќе нема место за мене, сакам само да живеам во слобода“. Тој е свесен за ризикот од депортација. „Стопроцентно сум сигурен дека се наоѓам на вистинскиот пат“. А тој пат започнува во кабината на јавниот базен.