1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалци од Идомени масовно влегуваат во Македонија

Катерина Блажевска14 март 2016

До вечерва треба да се реши дали бегалците ќе бидат вратени во кампот во Идомени или ќе бидат сместени во транзитниот центар „Винојуг“, дознава ДВ од безбедносни извори.

https://p.dw.com/p/1ID1V
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Околу 500 бегалци попладнето ја поминаа граничната линија во делот каде завршува жичаната ограда и влегоа во атарот на селото Моин, во општина Гевгелија. Заедно со нив границата ја поминале и 28 новинари кои го регистрирале нивното патешествие од Идомени до Моин, дознава ДВ од официјални извори. Според повеќе агенциски извори, голем број новинари и волонтери кои ги придружувале бегалците биле уапсени од полицијата и префрлени во полициската станица во Гевгелија. Таму, тие биле казнети со парична казна од 250 евра поради илегално преминување на границата, јавуваат уапсените новинари на Твитер.

Griechenland Idomeni Flüchtlinge Suche nach Alternativen
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Уште рано попладне биле видливи групи бегалци кои во колони го напуштиле кампот во Идомени поради катастрофалните услови за престој, и тргнале кон македонската граница. Веста за колоните бегалци кои се упатуваат кон македонската граница ја пренесе и агенцијата Асошиејтед прес, додавајќи дека одбиваат да се вратат назад во кампот цели семејства со малолетни деца, натоварени со ранци и вреќи. Според информации од локалните хуманитарни активисти, грчката полиција во два наврата не успеала да ја запре колоната на нејзиниот пат кон македонската граница - во првиот наврат поради тоа што била бројна, а потоа не можеле со возило да ги следат бидејќи бегалците тргнале преку реката. Групата се движела паралелно со оградата одејќи кон запад, каде таа завршува.

Griechenland Idomeni Flüchtlinge Suche nach Alternativen
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Во атарот на Моин од попладнето е засилено присуството на безбедносните сили, кои се обидуваат да го спречат натамошното нелегално преминување на границата и да ја контролираат групата која е веќе на македонска територија. Неофицијално, попладнево треба да се договарат мерки - дали бегалците ќе бидат вратени во кампот во Идомени или ќе бидат сместени во транзитниот центар „Винојуг“.

Но, како што известуваат и светските агенции, бегалците немаат намера да се вратат во кампот поради екстремно лошите услови за престој. Поради обилните врнежи во последните неколку денови, половина од шаторите таму се под вода, а за околу 12.000 бегалци колку што ги има во моментов, нема доволно храна, вода, лекови и медицински материјали. Поради нехигиенските услови и опасноста од појава на зарази, бегалците не размислуваат како да останат во Идомени, туку каде да заминат.

Griechenland Flüchtlinge suchen nach Alternativwegen aus dem Lager in Idomeni
Фотографија: Reuters/S. Nenov

Попладневниот нелегален влез на 500 бегалци уследи откако претходно 26-члена група од Авганистан нелегално ја мина грчко-македонската граница. Но, при тој обид тројца од групата се удавија во Сува река, а другите кои ги избегнаа надојдените води на реката подоцна беа спасени од страна на безбедносните сили што ја контролираат границата. Четворица од мигрантите кои биле повредени се хоспитализирани во Медицинскиот центар во Гевгелија, а другите од групата се сместени во транзитниот центар.

До вечерва ќе се знае дали и овие 500-те бегалци ќе им се придружат ним под истиот покрив. Македонските безбедносни сили вечерва имаат засилени контролни активности во атарот на Моин, но и на други делови од јужната граница кои се сметаат за потенцијално порозни.