1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалците и парите

Клаус Улрих / Е.М. Фиданоска6 септември 2015

Со зголемувањето на бројот на бегалци во Германија, растат и трошоците. Тоа подгрева предрасуди. Но, ако се мери според вкупниот сојузен буџет, издатоците и не се толку многу големи, а дискусијата околу тоа е - апсурдна!

https://p.dw.com/p/1GQxw
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Rehder

„Бројки против предрасуди“, напиша весникот „Зиддојче цајтунг“ неделава во текст во кој ги претстави фактите поврзани со доселувањето во Германија. Според нив, сојзуот во 2013 година дал околу 1,5 милијарди евра за услуги поврзани со барателите на азил. Ако се има предвид дека според овие пресметки покраините и општините потрошиле по 12.500 евра годишно по бегалец, тоа значи дека во 2015 година трошоците би можеле да изнесуваат 10 милијарди евра. Ваквата бројка, ако се спореди со вкупниот буџет од над 301 милијарди евра, воопшто и не е толку голема, затоа што претставува само 3,31% од буџетот.

Министерката за социјала Андреа Налес, сепак, смета дека за наредната година ќе бидат неопходни дополнително уште 1,8 до 3,3,милијарди евра за живот, учење јазик и квалифицирање на бегалците. Тие трошоци ќе пораснат на околу 7 милијарди евра годишно во 2019-та, рече Налес во вторникот (1.09) во Берлин. Многу од бегалците кои се сместени во центрите за прием наредната година би можеле да бидат посредувани на пазарот на труд.

На министерот за финансии му е веќе јавено

Со министерот за финансии Волфганг Шојбле е веќе разговарано на оваа тема. „Тоа се моите потреби“, рече Налес. На министерот за финансии работите му се познати. Во сојузната влада постои во основа единство околу висината на издатоците и обемот на потребите. Во преговорите за буџетот кои претстојат би требало да бидат поставени насоките по кои ќе се движат работите во наредниот период.

Во 2016 година во Германија ќе има дополнително меѓу 240.000 и 460.000 луѓе во категоријата која прима социјална помош, значи луѓе кои имаат признат статус, но се‘ уште не нашле работа или не се во состојба да најдат вработување. Меѓу нив, според прогнозите, работоспособни ќе бидат меѓу 175.00 и 335.000 лица.

Andrea Nahles
Андреа Налес: Германија е упатена на доселенициФотографија: picture-alliance/dpa/S. Hoppe

Агенцијата за работа смета со голема навалица

Налес прогнозира дека во 2019 година околу еден милион луѓе ќе добиваат помош. Развојот на ситуацијата, меѓу останатото, зависи и од тоа колку члена на семејството ќе се пристигнат во Германија дополнително и колкав ќе биде успехот на Агенцијата за работа при посредување на овие луѓе на пазарот на труд. Прогнозите се темелат врз тоа дека годишно би доаѓале околу 800.000 луѓе, од кои азил би добивале околу 35 до 45 проценти.

И Агенцијата за работа смета дека наредната година ќе има навалица на бегалците на пазарот на труд. Таа соопшти дека во јули 161.000 луѓе од десетте земји од каде има најмногу баратели на азил во последните 10 години биле без работа. „И ние од тоа ќе имаме нешто“, нагласи Налес, „зашто ние сме упатени на доселување“. Во многу делови на земјата веќе се чувствува недостигот од стручњаци. „Луѓето кои кај нас доаѓаат како бегалци треба брзо да станат наши соседи и колеги.“

Повеќе пари за интеграција

Налес побара брзо разјаснување на работите околу зголемувањето на средствата за интеграција на бегалците на пазарот на работна сила, за Агенцијата за работа да може да ги зголеми своите напори ширум земјата. Курсевите за интеграција за барателите на азил со признат статус ни оддалеку не донесле доволно познавање на јазикот, вели Налес. Курсевите за јазик мора многу да се прошират и во иднина сосема да се финансираат од сојузни средства. Познавањето на јазикот во доволна мера за барателите на азил е од решавачко значење за влез на пазарот на работа.

Весникот „Зиддојче цајтунг“ во својот текст со факти укажува на студија на Центарот за европски економски истражувања , спроведена по налог на фондацијата Бертелсман. Според ова истражување, странците кои живеат во Германија на државата, за социјални услуги, и‘ обезбедуваат милијарди евра. Во 2012 година околу 6,6 милиони луѓе без германски пасош создале суфицит од 22 милијарди евра.

„Сомнителна сметка“

Штефен Ангенент од фондацијата Наука и политика, која веќе 50 години им дава совети на стопанството и политиката, предупредува дека кога се работи за бегалците е опасно да се прави сметка од типот „трошоци-полза“. „Дали треба да кажеме дека ако еден бегалец ни носи нето добивка од, да речеме, 2000 евра годишно, тогаш треба да го примиме, а ако тоа не е случај, тогаш нема прием? Мене ваквата дебата ми е исклучително сомнителна.“

Steffen Angenendt
Штефен Ангенент: Ние луѓето ги примаме не затоа што се работна сила, туку затоа што им е неопходна заштитаФотографија: privat

Ангенент во разговор за ДВ нагласува дека е екстремно тешко да се определи со бројки колку бегалците чинат, а колку полза евентуално тие би можеле да донесат на пазарот на работа или на поинаков начин. „Неодамна на оваа тема имавме многу интензивна дебата меѓу разлини економисти кои имаат дојдено до сосема различни бројки, дури и кога станува збор за мигрантите.“ За бегалците правењето ваква сметка е уште потешко.

Се разбира, мора да се прават обиди за бегалците што е можно побрзо да се најдат на пазарот за работа, вели овој научник. „Но, мора да сфатиме дека ние луѓето ги примаме не затоа што се работна сила, туку затоа што им е неопходна заштита. И тоа мора да биде на прво место.“