1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бегалската приказна на Хаки Ибрахими во Германија

Мехмед Смајиќ / Е.М. Фиданоска24 февруари 2015

Шансите на Косовците за добивање азил во Германија во моментов се еднакви на нула. „Надеж постои. Немам каде да се вратам. На местото каде што беше мојата куќа сега има автобуска станица“, вели Хаки Ибрахими од Гњилане.

https://p.dw.com/p/1Egb8
Фотографија: DW/Mehmed Smajic

„Мојата бегалска приказна почна уште во 1999 година. Оттогаш живеам од денес за утре“, ја почнува својата бегалска приказна Хаки Ибрахими од Косово. Сопругата и двете деца се заедно со него, во прифатниот центар во Санкт Аугустин, во близина на Бон. Прифатниот центар е изграден во октомври минатата година. Собата е со големина од 20 метри квадратни, има четири душеци, неколку метални шкафови, телевизор, компјутер и греалка. Тоа е се‘ со што располага семејството. „Имаме заедничка кујна и купатило. Не ни е лошо, но далеку е од добро“, продолжува Ибрахими. Тој е еден од неколкуте илјади бегалци од Косово кои во Германија се во потрага по подобро утре. Според податоците на германското Министерство за внатрешни работи, само во јануари во Германија стигнале 18.000 бегалци од Косово кои се надеваат дека ќе останат во оваа земја. Меѓутоа, шансите за добивање азил, по неодамнешната одлука за обработка на барањата по итна постапка, се рамни на нула.

Доволно причини да му се заврти грб на Косово

Причината за зголемен број бегалци од Косово во Германија не е војна, дискриминација или насилство. Сиромаштијата и иднината без перспектива се единствените причини кои тераат многумина да ги напуштат своите домови. „За разлика од оние кои денес доаѓаат во Германија, јас од Косово побегнав уште во 1999 година, кога имаше воени дејства. Прво бев во Македонија, а потоа во Белград. Бев раселено лице, затоа што тогаш Косово беше дел од Србија. Бев потстанар. Не сакав да бидам на товар на државата. Работев што знаев и умеев“, вели Хаки Ибрахими и се потсетува на времињата кога работел како телевизиски водител, актер, бил раководител на ромска фолклорна група која освојувала награди ширум Србија, но и автор на филмот во кој глуми неговата 18-годишна ќерка Сантијана.

Asylsuchende aus Kosovo Haki Ibrahimi
Хаки ИбрахимиФотографија: DW/Mehmed Smajic

„Снимив 10-минутен документарен филм под наслов ’Моето семејство Сантијана Ибрахими’ за на светот да му покажам како живееме ние Ромите. За жал, тој се‘ уште не е никаде објавен. Најчесто ми велат дека немаат пари за да го откупат. Тоа значи помалку надеж дека ќе се види она низ што минуваме“, вели Ибрахими вртејќи го погледот врз својот 15-годишен син Романо. „Се‘ би било полесно да не беше болен Романо. Уште од мал има проблеми со рбетот. Во Србија немав здравствено осигурување за да се оперира, а немав ни пари за тоа да го платам. Сета среќа е што овде, во Германија, мојот Романо на почетокот на март ќе биде опериран и се надевам дека ќе може нормално да оди и да игра фудбал како сите негови врсници, што му е најголема желба.“

Семејството Ибрахими во Германија е од октомври 2014 година. Првото место на престој беше Дортмунд, а сега Санкт Аугустин. Прифатниот центар, подобро речено контејнерската населба, е изградена во октомври 2014 година. Нејзиното проширување е најавено за април годинава и таа би требало да пружи сместување за вкупно 54 лица. „Овде не‘ има од цел свет. Додуша најмногу сме од Косово и од Србија. Тоа се главно Роми. Добро се согласуваме. Никој не не‘ чепка. Ни помагаат. Мештаните понекогаш ни носат храна и облека, не‘ канат кога имаат некои прослави. Добро сме прифатени“, истакнува Ибрахими кој, за разлика од Косовците кои сега доаѓаат во Германија, има дозвола за престој до август.

Asylsuchende aus Kosovo Asylunterkunft in Sankt Augustin
Прифатниот центар во Санкт АугустинФотографија: DW/Mehmed Smajic

„Што ќе биде подоцна? Не знам. Се надевам дека ќе останам. Немам каде да се вратам. Во Гњилане, на местото каде што беше мојата куќа сега има автобуска станица. Во Србија немам каде. Живеев како потстанар. И во таа трошна куќичка во која живеевме, бевме нападнати. Поголема група момчиња ни ги искрши стаклата на прозорците. Не знам, Едноставно не знам што и како натаму“, вели Ибрахими, кој за време на престојот во Белград работел на многу значајни проекти во борбата за човекови права и против насилство врз жените. Глумел и во неколку театарски претстави и сака со таа работа да продолжи и во Германија. Но нерешениот статус, германскиот јазик кој не го зборува, а пред се‘ недостатокот на финансии се на врвот на списокот со причини поради кои тоа не е можно.

Жртви на лажни ветувања

Косовците доаѓаат главно илегално во Германија. Врз основа на договорот кој е постигнат под притисок на ЕУ, Косовците на границата со Србија добиваат привремен документ врз основа на кој имаат право на престој во Србија во траење од седум дена. За тоа време на различни начини главно се префрлаат до Унгарија, каде границата ја минуваат илегално. Со влегувањето во Унгарија се влезени во Шенгенскиот простор, па доаѓањето во Германија веќе не им претставува проблем.

Asylsuchende aus Kosovo Haki Ibrahimi
Ибрахими во заедничката кујнаФотографија: DW/Mehmed Smajic

„Нема што да ви кријам. И ние во Германија дојдовме преку шумите“, вели Хаки Ибрахими не наведувајќи повеќе детали од страв дека може да му се влоши престојот во Германија. За него и неговото семејство Германија е последната надеж. Свесен е дека Сојузниот уред за миграција и бегалци сега секое барање на граѓани од Косово го разгледува најмногу две недели. Барањата на Косовците сега се обработуваат брзо како и барањата на граѓаните на Босна и Херцеговина, Македонија и Србија, земји кои се прогласени за безбедни.

Бегалците од Косово кои ќе бидат присилно вратени велат дека ќе се обидат повторно да стигнат до Германија и да бараат азил, пренесуваат германските медиуми. Своите куфери со сопругата и детето веќе ги пакува и постариот син на Хаки. „Доаѓаат овде, во Санкт Аугустин. Тогаш во овие 20 кавадратни метри ќе бидеме седуммина. Она што го знам е дека ќе ни биде тесно и дека иднината во Германија ни е неизвесна.“