1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бањалучкиот пендрек по мртвото дете

Драгослав Дедовиќ
27 декември 2018

Правдата за Давид во Бања Лука се раѓаше девет месеци во болки за власта деновиве да посегне по пендрек. Но нема сила што затвора мајка која носи слика од своето мртво дете, на која ароганцијата не ѝ се скршила од глава.

https://p.dw.com/p/3Afxc
Bosnien und Herzegowina Banja Luka Proteste Mord Dragičević
Фотографија: DW/D. Maksimović

Се роди монструм со име Република пендречка. Сите лицемерни објаснувања на кастата од интерес собрана околу политичарот кој ја приватизираше државата, Милорад Додик, не можат да создадат дури ни привид на легално и легитимно делување.

Ексцесивната употреба на полициска сила на Плоштадот Краина ќе остане запаметена како момент кога на Милорад Додик, Драган Лукач и сите нивни боздогани им паднаа претесните демократски чакшири - одамна се испукани по шавовите, а шлицот им е надвор од функција - и кога на народот му ги покажаа своите укрутени пендреци, кои веќе со години со крв вештачки ги снабдува вијаграта на српскиот шовинизам.

Краткорочно сега можеби ликуваат, кипејќи од паланечка злорадост. Успеаја да го заземат Плоштадот Краина и од него да го избришат Давидовото срце. На подолги патеки тие го загубија и човечкиот и политичкиот кредибилитет.

Нема таква сила која ќе затвори мајка која носи слика од своето мртво дете, а на таа сила ароганцијата да не ѝ се искрши од глава. Нема таква сила која шутира жена на земја, а која и натаму ќе се смета за демократска. Нема таква сила која претепува и апси опозициски пратеници, кои и какви и да се, кога ќе застанат на страната на народот, а таа да не заврши на ѓурбиштето на историјата.

Повеќе: Бања Лука: Ова е само почеток?

Зошто токму сега?

Милорад Додик е прилично груб, но искрено остар и избувлив човек. Неговите наводно естрадни изјави би требало да се сфатат искрено. Во јули за белградските таблоиди Додик изјави: „Ќе се борам против секого кој сака да ја укине Република Српска, па и овој Давор, кој тоа го прави злоупотребувајќи ги овие протести.“ Во ваков тон на социјалните мрежи до денес гракаат сите „додикоиди“. Во тоа што еден татко ги бара убијците на својот син се чита светски заговор против Република Српска.

Да застанеме малку кај оваа изјава. Драгичевиќ бара институциите на Република Српска да ги пронајдат убијците на неговото дете. Ако не се во состојба тоа да го направат или дури ако ги кријат убијците, тогаш таа полудржава, според толкувањето на еден очаен татко, кој патем речено се борел за неа, не треба да постои. Зашто причината за постоење на таа полиција би требало да биде обезбедување на законите, а не прикривање на злосторствата.

Се покажа дека бањалучкиот министер за полиција поинаку ја сфаќа својата работа. Тој ќе нареди пендречење на жртвите, зашто него, онака емотивен, го погаѓаат нивните клетви, па сиротичкиот се плаши за својата безбедност. Идеолошко алиби одамна му има подготвено газда Милорад.

Додик смета дека Давор Драгичевиќ ја нападнал Република Српска, а не обратно - дека Република Српска на сите нивоа, но пред сѐ на правосудно ниво, го издаде семејството Драгичевиќ. Патриотското мечување со таткото на мртво дете е имбецилно, но популистички удира во јадрото на сесрпската параноја: Ако Милорад му попушти на Давор, ќе дојдат оние од сараевскиот „Техеран“ (во кој, види чудо, од неодамна сепак се наоѓа Додиковата фотелја), но и од Запад, за да ја укинат Република Српска како рамка на слободата за српскиот народ.

А што кога таквата рамка ќе почне да се црта со пендрек? На Србинот од Република Српска му е подраг добојско-бањалучкиот од сараевскиот пендрек? Така на тоа гледа полицаецот Лукач читајќи од усните на Додик.

Bosnien und Herzegowina Banja Luka Proteste Mord Dragičević
Фотографија: DW/D. Maksimović

„Нема веќе да биде таму“

Да се потсетиме: Давид исчезна ноќта помеѓу 17 и 18 март. Сѐ се случуваше во изборна година. Неговиот татко не беше заинтересиран за власт, туку тој бараше правда за мртвиот син. Тврдеше дека синот му бил измачуван и убиен. Полицијата, кога го нашла телото, категорично тврдеше дека смртта е „несреќен случај“.

Таткото Давор од крајот на март секојдневно излегуваше на истото место, на Плоштадот Краина, да каже дека нема да се откаже. Неговата борба донесе етапна победа. Обвинителството неколку месеци по пронаоѓањето на Давидовото тело почна да ја разгледува опцијата - убиство. Истрагата беше изнудена од протестите. Намерно или не, полицијата претходно не ја зборувала вистината. Тоа е факт.

Во септември се вжештуваше предизборната кампања во Босна и Херцеговина. Билеќа е местото кое Додик го избра за сериозна закана: „Изнесол кревет на плоштадот и мисли дека е фраер. На осми веќе нема да биде таму“, му порача тогаш Додик на Драгичевиќ. Во Белград, новинарка од телевизиски канал со национална фреквенција ден подоцна го замоли да ја конкретизира намерата за „чистење на Плоштадот Краина“. Додик рече дека таткото на Давид е во право и дека изјавата дека Драгичевиќ „од осми октомври веќе нема да го има таму“ е изречена како политичка проценка - таа тема по изборите нема да биде политички важна. Ете, епскиот поет од Лакташи не го мислел она што го рекол, тој само сака метафори.

Заклучокот се наметнува: Додик во Белград се однесува како Вучиќ во Брисел. Глуми демократски и разумен лидер. Што е неговата вистина? Неговата вистина се пендреците на главниот плоштад во Бања Лука, кои рака на срце не дојдоа на ден по изборите - осми октомври. Но, еве ги сега, на крајот на декември, во полн раскош.

Институционалното насилство и апсења од онаа страна на небескиот или земскиот морал, само се незграпно исполнување на предизборното ветување на Милорад Додик made in Bileća. Неговата билеќанска беса ги стигна жртвите со задоцнување, но спектакуларно и брутално, прекриена со плашт на псевдолегалност.

Bosnien und Herzegowina Banja Luka Proteste Mord Dragičević
Фотографија: Getty Images/AFP/E. Barukcic

Грубо насилство, па чудење

Додик се огласи. Вчудовиден од она што самиот го произведе. Само што не го кажува тоа, туку ги обвинува жртвите дека невнимателно се изложуваат на полициско насилство. „Морам да признаам дека сум шокиран од сцените во кои на Плоштадот Краина се гледаат мајки со мали деца и јавно ги прашувам сите во Република Српска кој сѐ би го довел своето дете на место кое сосема очигледно е место на опсежна полициска акција.“

Тепањето новинари, терањето да го бакнуваат ѕидот, газењето жени кои се веќе соборени на земја, удирање пратеници меѓу нозе, тоа, боже мој, е рутинска работа. Само од каде таму деца, побогу?

Bosnien und Herzegowina Banja Luka Proteste Mord Dragičević
Давор Драгичевиќ на местото каде што е пронајдено телото на неговиот синФотографија: DW/D. Maksimović

Се огласи и Лукач. Дали се чувствува одговорен за прекумерна употреба на сила? „Кој употребил прекумерна сила?“, одговара овој епски јунак. Изгледа дека на функција се доаѓа само ако имаш сертификат за крајно безобразие.

Пендрек со предумисла

Зарем сѐ што видовме на Плоштадот Краина не е болно сфаќање на правото и правдата и смислата на државниот монопол на сила? Ако налогодавачите пендречењето го толкуваат како единствено можно делување на правната джрава, зарем тоа не е безочно потсмевање на граѓаните и жртвите?

Давор секако нема да се откаже. Дали зад решетки или на слобода, тој, и против своја волја, барајќи правда стана средишно место на отпорот кон самоволието.

Опозициските партии можат да ги поддржат неговите барања, но секаков вид претворање на родителската болка во партиска чорба би бил блуткав. Протестите нема да исчезнат. Би било важно и отпорот да остане ненасилен.

Вакви лицемери како Додик и еднолиниски мозоци како Лукач залудно на другите им пришиваат уривачки намери. Токму тие сериозно ја уриваат Република Српска, тврдејќи дека со употребата на пендреците ја бранат. Всушност, со вакво пендречење со предумисла тие од нејзе ја вадат и најмалата демократска смисла.