1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајката за пропаст на ЕУ во корона-кризата

Зоран Арбутина
13 мај 2020

Поради пандемијата на коронавирусот, ЕУ се наоѓа во вистинска криза. Унијата ќе се распадне, поради недостаток на солидарност на северот, често се прогнозира деновиве. Но, до тоа нема да дојде, смета Зоран Арбутина.

https://p.dw.com/p/3c9Gu
Symbolbild Eurobonds
Фотографија: picture alliance/dpa/B. Roessler

Со недели наназад секогаш одново се зборуваше за опасноста од пропаст на Европската унија. Сега, кога економиите на сите земји од ЕУ се погодени од корона-кризата, потребен е заеднички финансиско-политички одговор. Магичниот збор е солидарност, а неговото конкретизирање го носи името „корона-обврзници“ - старата идеја на еврообврзниците, едноставно прилагодена на тековната состојба и преименувана.

Побогатиот север од ЕУ, гласи барањето, треба да покаже солидарност со помалку богатиот југ на Унијата. Со цел економијата повторно да се придвижи, северот мора да се согласи на заеднички задолжувања. Во спротивно, постои ризик од - по избор: „смртна опасност“ за ЕУ, „раскол во еврозоната“, „почеток на крајот“ па дури и „распад“ на ЕУ,

Не е прва криза на ЕУ

Не е прв пат да биде дијагностициран ризик од распаѓање на ЕУ. Таков беше случајот и во бегалската криза од 2015/16 година и пред тоа во финансиската и должничка криза од 2008/09 година. И секогаш де земјите членки од северот и западот, де оние од југот, апелираа на солидарноста на другите. Притоа солидарноста воопшто не припаѓа кон конститутивните елементи на Европската унија.

Повеќе:

-Германија ќе ја води Европа или ќе биде дел од нејзината пропаст

-ЕУ против корона-кризата: Фонд за обнова да, еврообврзници не

-Ќе го славиме ли и догодина Денот на Европа?

Уште во никулците на европската интеграција, имено Европската заедница за јаглен и челик основана во 1950 година, централна точка беше економската соработка.  Главна цел во тоа време беше обезбедување траен мир во Европа преку масовно вооружување, за кое би се користелел и ресурсите на поранешниот непријател на војната, Германија. Значи, клучните воени индустрии за јаглен и челик на сите вклучени земји  беа ставени под заедничка контрола. Логиката гласеше: Ако зависите едни од други во производството и во трговијата, веќе не можете да водите војна меѓусебе.

Arbutina Zoran Kommentarbild App
Зоран Арбутина, автор на коментарот

Сите подоцнежни продлабочувања и проширувања на оваа заедница секогаш го следеа овој дух - од Европската економска заедница во 1957 година, создавањето на „Шенген зоната“ во 1985 година, Европската економска и монетарна унија во 1990 година до заедничкиот внатрешен пазар во 1993 година и Договорот од Лисабон, кој е во сила од 2009 година. Секогаш, во прв ред, стануваше збор за олеснување на прекуграничната трговија и деловно работење, воспоставување на заеднички правила и на тој начин обезбедување на слободно движење на стоките, услугите, луѓето и капиталот.

Едната Европа и другата

Солидарноста како цел на ЕУ не се појавува во овој концепт. Иако постојат различни - многу великодушно опремени - структурни и регионални фондови на ЕУ, од кои особено профитираат економски помалку развиените земји, сепак, нивната цел е изедначување на условите за производство и за живот во рамките на внатрешниот пазар. Иако на овие фондови може да се гледа како на акт на солидарност, тие првенствено се инструменти за економската политика во служба на пазарот.

Одлучувачко е дека од оваа економски ориентирана ЕУ од нејзиното основање (или пристапувањето) профитираат сите. Некои, се разбира, малку повеќе (на пример, Германија или Холандија), други нешто помалку. Но, на крајот на денот, секоја земја е во подобра состојба  како членка на ЕУ отколку да беше надвор од неа. Настрана популистичките слогани и националистичката реторика - освен во Велика Британија, за овој факт насекаде во ЕУ постои консензус. Оттука и ретко виденото единство кога станува збор за преговорите за Брегзит - никој друг не сака да го напушти клубот. Значи, ЕУ како заедница на економски интереси, функционира.

Но, постои и втора Европа: имено  „заедницата на вредности“, на која многумина често се повикуваат.  Но, владеењето на правото, борбата против корупцијата или заштитата на човековите и малцинските права се пожелни, но не и конститутивни за ЕУ. Во многу земји-членки, тие се дел  општествената свести - дури и без ЕУ. Во други, пак, не - и покрај ЕУ.

Европска реалност

Особено, оние вредности што се сметаат за релевантни за пазарот се заштитени на ниво на ЕУ. Затоа што никој не сака да прави бизнис со држава во која судовите зависат од дискреционото право на моќните. На пример, Унгарија, Полска и Хрватска покажуваат дека слободата на печатот, на пример, честопати е споредна. Таму, „европските стандарди“ честопати се толкуваат и се користат произволно.

Ова може да се види и во казните и механизмите за санкционирање: Додека кршењето на пазарните правила брзо се санкционираат со парични казни, во случај на прекршување на основните вредности, најчесто може да се очекуваат само емотивни критички забелешки во Европскиот парламент. И тие не мора да се применат туку и може само да се искаже заложба дека тое ќе биде променето. Но, таква е традиционална реалност во Европа.

Солидарност - но, колку?

Солидарноста е една од овие идеални вредности. Има и фонд за солидарност во ЕУ. Создаден е по катастрофата од поплави во 2002 година, со цел да се обезбеди финансиска помош за обнова во случај на големи природни непогоди.

Корона-обврзниците, меѓутоа не се дел од овој договор. Како и да е, може да се расправа дали  заедничките долгови се  вистинскиот инструмент за справување со последиците од кризата, или можеби има други опции кои се исто толку ефикасни - но вклучуваат помалку ризици. Погрешно е да се дискутира за ова во моралната категорија на солидарноста. Без оглед за тоа што ќе се одлучи на крајот - ЕУ нема да се распадне по прашањето за корона-обврзниците.