1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајка за „смртоносната“ дефлација

Ролф Венкел/ превод: Ж. Ацеска8 јануари 2015

Европската централна банка ѕвони за тревога, зашто инфлацијата во еврозоната е практично нула. Затоа се бара напуштање на досегашнио курс на државно штедење. Но, што е толку лошо во дефлацијата, се прашува Ролф Венкел.

https://p.dw.com/p/1EGlz
Фотографија: picture alliance/dpa

Ако се верува на предупредувањата од претежно англосаксонските економисти и ММФ, тогаш дефлацијата, односно појава кога цените паѓаат, е страшна исто колку и чума. А таа изгледа веќе настапила во Европа, јавуваат медиумите, зашто европската служба за статистика вели оти стапката на инфлација во еврозоната од есеноска е „лесно негативна“. Со други зборови, цените паѓаат.

„Сите врескаат поради тоа како гол маж да трча низ женски католички интернат“, пишува весникот „Ноес Дојчланд“ во написот „Помош, дефлација!“

Економистите ни тврдат дека е тоа полошо од чума, зашто со падот на цените почнува кобната спирала кон дното: пад на цените кај инвеститорите и потрошувачите наведува на атентизам, односно воздржаност кон пазарот. Тоа е целосно разбирливо: оној кој очекува цените натамошно да паѓаат, го одлага купувањето за некој подоцнежен момент, кога се‘ ќе биде уште поевтино, а со тоа опаѓа и потрошувачката на граѓаните.

Претпријатијата кои гледаат оти потрошувачката опаѓа, нема ни да инвестираат. Зашто, фирмите вложуваат кога очекуваат раст на потрошувачката, а не кога централната банка ја држи каматата речиси на нула и буквално ги моли банките да позајмат пари. Но, кога инвестициите и побарувачката ќе запрат, тогаш не е далеку ни моментот кога ќе пропадне и вредноста на акциите и недвижностите. А тоа е веќе следниот степен на спиралата, зашто тогаш расте и невработеноста и драстично се зголемува бројот на стечаи. Најголема опасност од дефлацијата, тврдат овие економски стручњаци, лежи во самото стопанство кое со својата логика уште ја забрзува општата пропаст.

Да одиме по ред...

Но, полека, ситуацијата уште ни оддалеку не е стигната дотаму, ниту мора да стигне. Зашто, една вистинска дефлација не е само привремен, туку траен пад на цело ниво цени. А тоа уште ни оддалеку не е случај само ако во еврозоната инфлацијата едвај неколку месеци се лизнала во минус. Затоа, нема ни смисол да се зборува за дефлација на одделни производи: никој не мора да има грижа на совест и не треба да се плаши за својата иднина само затоа што цената на нафтата падна под 50 долари за барел.

Porträt - Rolf Wenkel
Ролф ВенкелФотографија: DW

Второ, воопшто не е сигурно оти падот на стапката на инфлација нужно значи и гушење на економскиот раст. Во 19. век можеше да се види дека долго време во многу земји економиите помалку или повеќе континуирано растеа, иако цените паѓаа. Тоа тогаш се должело на подобрите услови на работа и подобрата продуктивност.

Вистинска дефлација се случи еден единствен пат, во САД од 1929. година до 1933. година. Тогаш цените паѓаа и по десетпати годишно и тоа го парализираше целото стопанство. Од тоа доба потекнува толкавиот страв на Американците од дефлација како своевидна страна на истиот медал - на страв од инфлација кој тогаш го искусија Германците. Но, дефлацијата во 30-те години беше предизвикана од фактот што пропаднаа многу банки и имаше се‘ помалку пари за кредити.

Мерките на санација на банките во кризата на еврото успешно спречија таков кредитен крах. А во Јапонија, каде дефлацијата траеше подолго од десет години, можеше да се забележи и лесен економски пораст.

Падот на цените во еврозоната, патем речено, не може да се сведе само на фактот за пад на цените на нафтата и горивото за греење или на тоа дека Европската централна банка со својата политика на нула-каматна стапка дојде до крајот на своите можности. Не, тоа е многу повеќе и показател дека проблематичните земји од јужната периферија на еврозоната се наоѓаат на вистински пат.

Зашто, токму таму цените паѓаат побрзо отколку на друго место, бидејќи очигледно и првите реформи почнуваат да покажуваат ефекти. Таму веќе нема преголем број вработени во јавниот сектор, таму се засечуваат привилегиите и се намалуваат платите. Се разбира, тоа боли. Но, на крајот на ова интерно намалување на трошоците стои и наградата која на крај ќе води кон излез од кризата: повторно стекнување конкурентност на меѓународниот пазар.