1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Бајден: 33 милијарди долари за поддршка на Украина

ЖА / агенции
28 април 2022

„Не ја напаѓаме Русија, туку ѝ помагаме на Украина да се одбрани од руската агресија“, истакна претседателот Бајден. Американската влада планира натамошни огромни суми како поддршка на Украина во војната против Русија.

https://p.dw.com/p/4Aa8e
USA Washington | Weißes Haus | Joe Biden, Präsident | Statement Ukrainekrieg
Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance

Американскиот претседател Џо Бајден побарал Конгресот да одобри 33 милијарди долари за натамошна поддршка на Украина во војната против Русија.

„Трошоците за оваа војна не се мали. Но, капитулацијата пред агресијата би била уште поскапа. Или ќе го поддржиме украинскиот народ во одбраната на неговата татковина или со скрстени раце ќе гледаме како Русите продолжуваат со ѕверствата и агресијата во  Украина“,  рече Бајден.

Американскиот претседател истакна дека испораката на оружје на Украина не претставува напад од САД врз Русија: „Не ја напаѓаме Русија, туку ѝ помагаме на Украина да се одбрани од руската агресија“. Бајден повтори – „на Русија никогаш нема да ѝ успее доминација во  Украина.“

Осврнувајќи се на запирањето на испораката на руски гас на Полска и  Бугарија,  Бајден со порака: „Никогаш нема да дозволиме Русија преку заплашувања и уцени да се ослободи од  санкциите.  Нема да дозволиме да го користи нејзиниот гас и нафта за да ги избегне консеквенциите на нејзината агресија.“

Бајден најави продажба на запленеиот имот на  руските олигарси  во САД и ставање на така добиените средства на располагање на Украина. Парите ќе бидат искористени за „делумно“ порамнување на штетите предизвикани од Русија.

Според информации од Белата куќа, во рамките на санкционирачката политика кон Русија поради војната во Украина, во САД се запленети авиони и бродови во вредност од преку една милијарда долари, а на сметките на „руските елити" во американските банки се замрзнати стотици милиони долари.

„Ослободена“ луксузна вила на руски олигарх во Лондон

Од сумата од 33 милијарди долари која американскиот претседател Џо Бајден ја побарал од Конгресот на одобрување, 20 милијарди се предвидени за воена и безбедносна помош за Украина, како што соопшти високорангиран член на американската администрација денеска во Вашингтон: „Тоа значи оружје и муниција за украинскиот народ.“

Од извори во владата се дознава дека 8,5 милијарди би биле наменети за економска помош за владата во Киев, додека три милијарди се за хуманитарна помош. Дел од средствата би биле употребени за амортизација на економските последици од војната во Украина во САД и во други земји.

Финансиските средства го претставуваат „она што е неопходно за овозможување успех на Украина во војната во следните пет месеци“, изјави владиниот претставник. САД очекуваат и нивните партнери и сојузници, „посебно оние од Г7“ да пружат значајна помош.  

Од почетокот на руската инвазија врз Украина на 24 февруари, САД одобрија веќе преку три милијарди долари воена помош, а за нивно надградување е потребна согласност од Конгресот. Во основа, во американскиот парламент постои натпартиска согласност за помошта за Украина.