Бан Ки Мун поддржува истрага за трговијата со органи
10 мај 2011Бан Ки Мун го проследи до земјите- членки на Советот за безбедност на ОН барањето на Србија оваа организација да спроведе истрага за тврдењата на специјалниот известувач на Советот на Европа, Дик Марти, за трговија со човечки органи на Косово.
Би сакал да ја искористам оваа можност да ја изразам својата поддршка за целосна, непристрасна и независна истрага за овие сериозни обвиненија. ОН целосно ќе соработува во таква истрага, доколку биде спроведена, се наведува во писмото на генералниот секретар испратено до Советот за безбедност на ОН.
Бан Ки Мун во најновиот тримесечен извештај за Косово, за кој Советот за безбедност на ОН ќе расправа в четврток, истакнува дека е потребна целосна, непристрасна и независна истрага за наводната трговија со човечки органи на Косово, со силна програма за заштита на сведоци и целосна соработка на сите страни.
Министерот за надворешни работи на Србија Вук Јеремиќ претходно најави дека ќе присуствува на редовната седница на Советот за безбедност на ОН и дека на тој состанок ќе биде разговарано за иницијативата на Србија истрагата за нелегална трговија со човечки органи на Косово да биде спроведена од независно тело со мандат на ОН. Јеремиќ изјави дека се во тек консултации зад затворени врати меѓу членките на Советот за безбедност за српската иницијатива, но не очекува на седницата на 12 мај да биде донесена конечна одлука.
Автор: ЖА/СН/миа/танјуг
Редактор: Борис Георгиевски