1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканската рута и нејзините заобиколници

Немања Рујевиќ/бг19 февруари 2016

Неколку земји на ЕУ бараат да се запре приливот на бегалци на македонско-грчката граница. На Балканот веќе постојат и алтернативни патишта по кои се движат бегалци како и илегалните мигранти.

https://p.dw.com/p/1HxEs
Фотографија: picture-alliance/dpa/D. Savic

Каде ќе одат бегалците доколку Македонија одлучи да ја затвори границата кон Грција? Тоа е прашањето кое се почесто се поставува по длабоката поделба во ЕУ и инсистирањето на дел од централно-европските држави да и помогнат на малата балканска држава да ја огради граничната линија.
Македонија веќе затвори околу 37 километри од границата кон Грција со двојна ограда. Оградата е остра како жилет и висока околу 2,5 метри- подарок од Унгарија, која веќе има големо искуство со таа проблематика. Идејата е да се затвори „критичното подрачје“ околу Гевгелија во долината на Вардар. Остатокот треба да го сработи природата, бидејќи и кон запад теренот станува понепристапен, со високи планини и езера. Притоа, границата ја набљудуваат и полицајци од Вишеградската група и од други земји членки на ЕУ.
Од ноември на оваа граница се пропуштаат само бегалците од Сирија, Ирак и Авганистан . Останатите се обидуваат да минат со фалсификувани исправи, да ја претрчаат зелената граница или да ангажираат шверцери. Но и „вистинските“ бегалци мораат да сметаат на подолго чекање на грчките бензински станици и во камповите бидејќи Македонија дневно пропушта најмногу две илјади луѓе. Тешко е да се заклучи по кој систем земјата го отвора и затвора преминот, но тоа често се оправдува со наводниот недостаток на транспортните и сместувачки капацитети во Србија, Хрватска и Словенија.

Infografik Balkanroute und die Alternative Routen Englisch

Бугарскиот огранок

Околу девет проценти од луѓето кои пристигнуваат во Србија тоа го прават од Бугарија. Доколку се фрли поглед на географската карта, правецот преку Бугарија делува совршено логично: земјата со Турција дели 240 километри копнена граница која се уште целосно не е затворена со ограда, иако официјална Софија има таков план. Со минувањето преку Истанбул и Едрене до Бугарија, мигрантите го избегнуваат опасниот пат преку морето за кој шверцерите наплаќаат по 1.200 долари.
Но, за познавачите на приликите таа рута не е логична. Одамна е позната бруталноста на бугарските полицајци кон бегалците. Поради тоа Софија е на мета на остри критики од организациите како Про-Азил, а на форумите кои ги посетуваат бегалците Бугарија е на прво место на листата на земји кои треба да се избегнуваат. И репортерите на ДВ на Балканот сретнаа повеќе бегалци кои раскажуваат дека бугарските полицајци ги тепале, малтретирале и ограбувале. Во октомври еден полицаец застрела бегалец од Авганистан кој ја минал границата од Турција. Но шверцерските групи и тука се активни. Во ноември, американскиот Вол Стрит Џрнал пишуваше дека 500 луѓе дневно минуваат кон Србија а за услугата плаќаат околу 3 илјади долари.

Mazedonisch-griechische Grenze Kinder auf der Balkanroute Spielende Kinder
Бегалци на македонско-грчката границаФотографија: DW/N. Rujević

Јадранска рута

„Отворени се и нови рути преку Албанија и Црна Гора, кои понатаму треба да продолжат кон Хрватска, и тоа се обидуваме да го спречим“, тврдеше кон крајот на јануари Ранко Остоиќ, тогашниот министер за внатрешни работи на Хрватска.
Сепак, до денес премините преку оваа рута се на ниво на статистичка грешка. Тоа го потврди и црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ во разговор за ДВ. „Целосно ги мобилизиравме сите структури на домашната политика за да бидеме подготвени за евентуални промени на рутата“, рече тој.

Доколку бегалците сакаат да ја избегнат Македонија, можна е и рута преку Албанија и Косово до Србија. Тука постои и една политичка предност. Имено, и покрај најавите на премиерот Вучиќ дека е подготвен да ја затвори границата кон Косово, тоа е тешко изводливо. Во официјалниот речник на Белград таму и онака се работи за „административна линија“ а не за меѓудржавна граница, а Косово е „јужна покраина“. Сепак, експертите сметаат дека е малку веројатно бегалскиот бран да тргне по овој пат.