1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Балканска бегалска рута: Само транзит, молам!

Немања Рујевиќ/Ж.А24 јануари 2016

Копирај го северниот сосед и речи дека си немал избор - тоа е тактиката на балканските земји по најавите дека Австрија би можела да ги затвори своите граници поради бегалците.

https://p.dw.com/p/1Hisf
Фотографија: Reuters/M.Djurica

Што значи всушност фамозната горна граница од 37.500 баратели на азил која ја воведе Австрија? Само број кон кој се тежнее, како што велат во Виена владејачките социјалдемократи? Бесмислен плацебо-ефект, како што тврдат критичарите? Или навистина, 37.501-от барател на азил оваа година ќе наиде на затворена австриска граница, според желбата на опозиционите националисти? Додека половина Европа уште си ја чука главата што би можела да значи австриската горна граница, на Балканот полека, но сигурно се шири неспокојство. Повторно, од Словенија до Македонија, од фиоките се вадат апокалиптичките сценарија според кои земјите на т.н. Балканска рута ќе останат во сендвич меѓу забарикадираната Австрија и Егејското Море, преку кое бегалците со несмалено темпо стигнуваат во Европа. А ниедна од четирите бивши југословенски републики нема намера да биде инка за собирање на несреќните луѓе кои никој не ги сака.

Не е во согласност со Конвенцијата, но...

Откако Австрија пред неколку дена ја воведе горната граница, балканските држави се трудат строго да го спроведуваат новото правило според кое низ своја територија ќе пропуштаат само мигранти кои ќе потпишат изјава дека крајно одредиште им е Австрија или Германија. „Тоа е спротивно на меѓународните конвенции, зашто такво прашање воопшто не би смеело да биде поставено, но ние ќе мораме така да постапуваме“, рече во четвртокот (сега веќе бившиот) хрватски министер за внатрешни работи Ранко Остојиќ. Тоај дополни - „се‘ зависи од Германија“ и Хрватска „нема да дозволи да стане хотспот.

„Ние сме транзитна земја, а прашањето за кризата мора да биде решено на надворешната граница на ЕУ, меѓу Грција и Турција.“

Како изгледаат новите правила во пракса, покажа словенечката полиција која притвори неколкумина мигранти кои не потпишале изјава дека одат во Австрија или Германија.

Делумно паничната и демонстративно остра реакција на балканските земји нималку не го чуди Павел Килибарда од белградскиот Центар за човекови права. Тој вели дека на сите актери им е целосно јасно оти било какво ограничување на правата на луѓето за барање азил е спротивно на Женевската конвенција. „Западнобалканските земји се раководат од праксата на големите држави во ЕУ: ако тие го кршат меѓународното право, тоа се користи како изговор дека и ние можеме тоа да го правиме“, вели Килибарда за Дојче веле, додавајќи: „На Балкан никој не сака да биде поголем католик од папата.“

Flüchtlinge Grenze Mazedonien Griechenland
Бегалци на грчко-македонската граница кај ИдомениФотографија: picture-alliance/AP Photo/T.Stavrakis

Непосредно по веста од Виена, Македонија 48 часа ја затвори границата кон Грција, што го вознемири целиот регион. Од Скопје тогаш набрзина беше соопштено дека причината е некаков застој во словенечката железница, што беше демантирано од Љубљана. Дури и српскиот премиер Александар Вучиќ, инаку најголем обожавател на либералната бегалска политика на Ангела Меркел во регионот, полека го менува својот тон. И натаму се противи на подигање огради, но порачува, ако мора, Србија би можела да прими најмногу 5.000 бегалци, зашто домашната економија не може да поднесе повеќе. Познавачите на приликите веруваат оти балканскиот план Б би можел да биде еднакво рудиментарен како и планот А: досега на мигрантите едноставно им е покажуван патот натаму, проследено со малку посеризона бирократија, а наскоро границите би можеле да бидат целосно физички затворени.

Што вели јавното мислење?

Политичката ситуација во четирите држави на Балканската рута го прави актуелниот момент посебно пикантен. Лидерот на словенечката опозиција Јанез Јанша фронтално ја напаѓа либералната влада. Кога Австријците ќе ја затворат границата, а тоа според тврдењата на Јанша, ќе се случи наскоро, Словенија ќе биде принудена да прима мигранти што наводно ќе го загрози опстанокот на земјата. Во Хрватска власта тукушто ја презеде конзервативна гарнитура предводена од ХДЗ, кој со месеци бара одговор на бегалската криза. Во Србија и во Македонија најверојатно на 24 април ќе бидат одржани избори на кои популистите Вучиќ и Груевски сакаат нови мандати. Затоа, во наредните недели тешко дека им е потребно некој од опозицијата да ги обвинува за изложување на земјата „ на безбедносни закани“ или дека муслиманите ќе го„преплават“ општеството.

Павле Килибарда смета дека политичките елити добро ќе ги „наострат“ ушите за да ги слушнат ставовите на јавното мислење. „Јавното мислење во суштина е толерантно кон бегалците, не е за затворање на границите, но исто така не е заинтересирано ни за нивно останување, во стилот: сироти луѓе, треба да им се помогне, но не треба да останат овде, зашто и ние сме сиромашни.“ Килибарда го додава и својот впечаток, според кој, ако биде нужно, повеќе луѓе во Србија и околните држави би дигнале рака за подигање ѕидови, отколку за траен прием на бегалци. А тоа би предизвикало домино-ефект: според веќе испробаното сценарио: секоја земја ќе го копира северозападниот сосед и ќе тврди дека поинаку не е можно.

Враќање на криумчарите?

Како домино-коцките убаво паѓаат покажаа настаните во ноември: тогаш Словенија, Хрватска, Србија и Македонија решија да овозможат пропатување само на луѓето од „воените подрачја“. Во низата полуинформации остана нејасно кој дојде на таква идеја, иако во Загреб, Белград и Скопје тврдат дека иницијативата стигнала од Љубљана. Сеедно, но „воени подрачја“ според балканските толкувања се само Ирак, Сирија и Авганистан. Оттогаш официјално не се пропуштаат на пример Еритрејци, кои во Германија и други европски држави во практично сите случаи добиваат бегалски статус.

Flüchtlinge an der Grenze zu Kroatien und Serbien
На граница меѓу Србија и ХрватскаФотографија: Getty Images/AFP/E. Barukcic

Меѓутоа, се чини оти балканските земји не се придржуваат баш педантно кон правилата кои сами ги воведоа. Зашто, во Германија последниве месеци стигнува огромен број луѓе од Мароко, Алжир и Тунис, во голем дел преку Балканската рута. Павле Килибарда вели дека неговиот Центар, кој инаку пружа бесплатна правна помош на мигрантите, има работа и со Иранци или Северноафриканци. А има и уште нешто: минатиот викенд во Унгарија се уапсени петмина српски државјани поради криумчарење луѓе. Тие возеле луѓе од Турција, Сомалија, Нигерија, Индија и Шри Ланка! Словенечкиот колумнист Урош Есих нема ни ронка оптимизам: „Хуманитарниот коридор преку ноќ станува златен рудник за криумчарите. Во тврдината Европа ќе продрат само оние кои тоа можат да си го дозволат“, пишува тој за порталот „Вечер.“

Претходните месеци човек можеше и да заборави дека на Балкан постои нешто како шверцување луѓе. Зашто, не само што четирите држави дозволуваа транзит преку своја територија, туку во најголема мерка и организираа превоз од граница до граница, со што криумчарите беа излишни. Само оваа година преку оваа трансверзала поминале 40.000 луѓе. Но, поради новите бирократски барања и латентната намера на Австрија за затворање на границата, ни Балканската рута веќе не е мачкина кашлица. Причината не е само неподносливиот студ - лекарите сведочат за се‘ побројни случаи на хипотермија и премрзнатост кај бегалците. Криумчарите, разбудени предвреме од зимскиот сон, ги тријат рацете.