1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Балансирано известување“: Primetime crime!

Катерина Блажевска11 февруари 2016

Дуелот Латас-Заев предизвика жестоки реакции и отвори многу прашања: за новинарската етика, непостоењето граница меѓу медиуми и партијата на власт, третманот на некои етнички заедници и можното протекување докази.

https://p.dw.com/p/1Htb5
Фотографија: Fotolia/PinkShot

„Ти си изрод“... „Лажеш како Турчин“... и серија други навреди ќе бидат запаметени како главна есенција од првото гостување на лидерот на СДСМ во вчерашната информативна емисија (19 часот) на ТВ „Сител“. „Скандалозно ниското ниво“ на уредникот Драган Павловиќ - Латас, е најблагата оценка на дел од гледачите за односот на домаќинот кон гостинот. И покрај тоа што во него одамна не препознаваат уредник кој се раководи од професионални и етички стандарди, фрапирани се од недостигот на елементарна култура што зрачи од телевизија со национална концесија. Истовремено, во владини кругови и провладини медиуми, уредникот ги собра сите ловорики за „маестралниот настап“ со кој го „згазил“ опозицискиот лидер.

Овој „дострел на Сител“ се случува во време кога во Македонија се одвиваат меѓупартиски преговори за потребата од медиумски реформи и кога започнува евалуација на реализираното од Пржинскиот договор, која треба да утврди дали се исполнети сите услови за да се одржат фер избори на 24-ти април. Меѓу тие услови е и обезбедувањето фер и балансиран медиумски однос кон сите политички субјекти. Токму недостигот од таков стандард, ги испровоцира амбасадорите на ЕУ и САД, Аиво Орав и Џес Бејли, веднаш по интервјуто да напишат идентично, реторичко прашање на нивните Твитер профили: „Фер и балансирано медиумско известување???“

Не се провладини - туку владини!

Сефер Тахири, професор по новинарство на Универзитетот на ЈИЕ, вели дека „интервјуто на Зоран Заев со 'началникот' Латас“ не откри ништо ново, туку само го потврди фактот кој граѓаните го евидентираат секојдневно.

„Дел од медиумите, меѓу кои на врвот е 'Сител', не се провладини, туку се владини. Не се продолжена рака на ВМРО-ДПМНЕ, туку тие зборуваат во името на таа партија. Не се гласноговорници на партијата, туку се покажа дека тие всушност се партијатa. Постои сомнителна симбиоза на релацијата партија - медиум. Односот на Латас кон Заев беше непрофесионален и неетички, а прашањата беа не само сугестивни и коментаторски, туку во себе содржеа ставови кои треба да ги проверуваат органите на правосудството, како што беа објавените разговори, кои наводно тој ги поседува. Затоа сметам дека лидерот на опозицијата треба да го преиспита ваквото настапување во медиуми кои не се тоа, кои ни трошка не се грижат за јавниот интерес. Да се смета дека ваквиот однос ќе смени нешто во медиумската сфера, и покрај инсистирањето на меѓународната заедница, е само чиста утопија. Дуелот Заев-Латас го докажа ова“, констатира Тахири.

Уредникот на „Сител“ во рамките на разговорот презентираше податоци за наводни разговори на Заев со лица осомничени за случајот „фалсификувани лични карти“. Беа објавени датуми на разговорите, час и времетраење, како и содржина на комуникација преку пораки на Вибер. Павловиќ рече дека тие разговори ги добил „од загрижени граѓани“, а за нивното објавување се повика на „законот за свиркачите“. Од Обвинителството, каде во моментов се води истрагата за случајот „фалсификувани лични карти“, синоќа не беа во можност да одговорат дали се тоа докази обезбедени во истрагата и како се нашле на ТВ „Сител“, бидејќи треба да проверат што било објавено во информативната емисија. Таков одговор најавија за денеска.

Mazedonien Zoran Zaev
Заев на својот Фејсбук-профил напиша: „Ова е цената на слободата на медиумите“Фотографија: DW/K. Blazevska

Етика? Што беше тоа?

Новинарите се загрижени за начинот на кој се компромитира професијата од страна на поединци, кои самите се дисквалификуваат како припадници на новинарскатата заедница, со тоа што не ги почитуваат нејзините стандарди.

„Етика“ е еден од најспомнуваните зборови во нивните реакции. Марина Тунева, извршен директор на Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) вели дека навредливиот, потценувачки и арогантен однос кон соговорникот, шпекулирањето и непроверените информации е еднакво на апсолутен хазард на етиката.

„Професионалниот однос и третман на изворите и соговорниците не е избор, тоа е обврска. Елементарна обврска во интервјуирањето на кој било соговорник во студио, е да му се слушне одговорот и да се третира со почит, а исто така и да му се даде право да одговори на прашањето. Во ова интервју доминираа обвинувањата, а отсуствуваа одговорите на прашањата и ставовите на соговорникот. Тоа е надвор од стандардите на новинарската професија. Јавноста има право да ја знае вистината и да биде информирана. Кога неа и е спречен пристапот до информации, факти и спротивставени размислувања, тогаш етерот се искористува бесполезно, а последицата е губење во очите на јавноста и бескруполозно убиство на нејзината доверба“, укажува Тунева.

На социјалните мрежи доминира ставот дека е добро што Павловиќ со својот непрофесионален однос и до крај се демаскирал, за да можат и претставниците на меѓународната заедница најдиректно да се уверат за какви „европски закони и европско новинарство“ се залага и тој и новинарското здружение во кое членува.

Според политикологот Владимир Божиновски, ова е резултат на долгата поларизација во општеството, на високиот степен на општа исполитизираност и на недостигот на елементарна комуникација.

„Нивото беше пониско отколку што доликува, и од страна на едниот, и од страна на другиот. Ова е пример кој укажува дека дека треба да се промени начинот на кој се перцепираат луѓето меѓу себе. Ако се смени тој менталитет, ако се интензивира комуникацијата и дијалогот во општеството, тогаш ќе порасне и довербата, а секое следно интервју ќе покаже дека ситуацијата е подобра“, вели Божиновски и ја потенцира потребата од повисока едукација и култура на сите учесници во политиката.

Symbolbild Soziale Netze
Социјалните мрежи преполни со коментари за дуелот Заев-ЛатасФотографија: picture-alliance/dpa/Heimken

Извинување од Латас

Вчерашниот дуел предизвика и многу партиски реакции. Прво се огласи Партијата за движење на Турците во Македонија (ТХП), со критика за Павловиќ.

„Ваквиот вокабулар не само што не е професионален, туку е големо омаловажување за целата 300-милионска турска нација и претставува огромен удар врз пријателските односи меѓу Република Македонија и Република Турција. Партијата го повикува Драган Павловиќ - Латас итно да им се извини на сите Турци, а во спротивно ќе покренеме судска постапка“, соопшти партијата.

Итна седница синоќа одржал и Извршниот одбор на Движењето за национално единство на Турците (ДНЕТ), по што партијата ги најави следните чекори.

„Доколку не дојде до итно извинување, ДНЕТ ќе ги организира сите можни и со право дозволени средства за да оневозможи понатамошното труење на меѓунационалните односи во земјата од страна од овој 'журналист' кој јавно изразува нетрпеливост и непријателство кон Турците. Исто така, апелираме до сите Турци во земјата да се воздржат од несакани дејствија. Доколку и ТВ Сител не се извини јавно на Турците во земјата и надвор од неа, ќе организираме протести пред седиштето на телевизијата, каде покрај Турците ќе ги повикаме и сите граѓани кои не се согласуваат со начинот на известување на овој 'журналист'“, најави ДНЕТ.

Павловиќ во следната информативна емисија го даде бараното извинување.

„Се извинувам на сите Турци поединечно, како и на турската нација и на турската држава. (...) Жалам и се извинувам на секој Турчин кој се чувствувал навреден и ветувам дека тоа никако не може да се повтори, бидејќи тоа не е ниту мој став, ниту убедување. Едноставно е мој гаф“, рече Латас.

Со соопштение се огласи и опозицискиот СДСМ.

„Вечерва сите граѓани во Република Македонија се уверија како работат режимските медиуми, како изгледа гостување во режимска телевизија уредувана од страна на Груевски и неговите платеници. Доминирањето на некултурата, вулгарностите, говорот на омраза кон оние што мислат слободно и различно, говорот на омраза кон припадниците на другите националности, уште еднаш покажува колку е далеку денес Македонија од демократските и европски вредности.(...) Ова е уште еден доказ зошто е потребна слобода на медиумите, зошто е неопходна регулација на медиумскиот простор и зошто СДСМ инсистира на професионално и избалансирано известување на медиумите“, потенцираат од СДСМ.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, не даде коментар. На неговиот Фејсбук-профил само кусо напиша: „Ова е цената на слободата на медиумите!“