Потсетување на една темна страница
29 септември 2016Василиј Михајловски имал само четири години кога, кон крајот на септември 1941, околу окупираниот Киев се појавиле летоци на кои пишувало сите Евреи да се соберат на одредено место на периферијата на градот. Василиј добро се сеќава на тој ден. „Беше преубаво време. Сончево, вистинска златна есен“, вели еден од тројцата се уште живи луѓе кои го преживеале масакрот во Бабин Јар.
„Се собра огромен број луѓе. Доаѓаа пеш и со колички на кои носеа сѐ што имаа“. Василиј бил сирак. Мајка му починала непосредно пред тоа, а таткото Црвеноармеец бил заробен, а подоцна и стрелан. Домарот на зградата во која живеел Василиј и рекол на жената која се грижела за него „дека еврејското дете треба да биде одведено во Бабин Јар“. Анастасија Фомин- Наѓа, која се грижела за него, ги следела дадените упатства. Следното утро се упатиле на тоа место, оддалечено од куќата околу 7 километри.
„Кога се заморив, Наѓа ме стави на една количка. Имаше уште многу деца. Бев среќен затоа што мислев дека одиме на митинг, како за 1. Мај или Денот на револуцијата. Барав од Наѓа да ми купи и балон“.
Но, тоа што се случувало било далеку од празник, туку најмасовното стрелање кое Германците го извршиле за време на Втората светска војна. За два дена во Бабин Јар биле стрелани 34 илјади Евреи.
Кога Наѓа и Василиј се приближиле, виделе како германските војници и украинските полицајци ги стројат луѓето и ги туркаат кон местото за стрелање. „Ги тепаа со кундаците, ги влечеа по земја... Ги тераа луѓето да одат побрзо затоа што постојано доаѓаа нови. Така стигнавме до некаква ограда“. Василиј вели дека куче ја гризнало Наѓа и паднала, а тој паѓајќи си ја повредил главата и бил целиот облиен со крв. „Еден од стражарите ја фати Наѓа за крагната и ја турна од кордонот. Покажувајќи и го малиот излез и рече: стави го таму детето“. Откако седнале можеле да слушнат што се случува со оние кои стигнале до крајот на патот.
„Слушавме врисоци и плачење. Но авиони го надлетуваа местото во низок лет и ги задушуваа тие звуци. Однекаде се слушаше и музика“, се присетува Василиј.
Молк
Со децении во Украина се молчело за масакрот во Бабин Јар. Советските власти најпрво не сакаа да признаат дека се случило такво злосторство над Евреите, а потоа сепак подигнаа споменик: бронзена фигура на луѓе во агонија. На споменикот пишува: „Советски граѓани“. Откако Украина стана независна, владата тука одржува големи манифестации. Еврејските организации сега тука планираат да изградат голем музеј на Холокаустот.
Откако успеале да побегнат, Наѓа го сместила Василиј во сиропиталиште во кое се криеле и други еврејски деца. По крајот на војната бил посвоен од едно семејство. Роденото име на Василиј е Цезар Кац. Неговиот татко, оној со кој изразнал, спасил уште две Еврејки. Василиј гордо ги покажува двете медали Праведни меѓу народите кои ги добиле Наѓа и неговиот татко. Израелскиот Холокауст центар Јад Вашем им ги доделува тие медали на оние кои спасиле животи на Евреи.