1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ахмети: Не можам да кажам дали ќе има преодна влада

Избор: Ж.А.10 јуни 2015

Лидерот на ДУИ во интервју за „Стандард“ пледира за меѓународна истрага за случајот Куманово. Бара да се подобрат односите со соседите. Германските весници се осврнуваат и на се‘уште жешката тема-долговите на Грција.

https://p.dw.com/p/1FeWF
Фотографија: DW/S.Padori-Klenke

Во интервју за австриски „Стандард“ пред денешната рунда кризни разговори во Брисел, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, на прашањето дали е за преодна влада, како што бара СДСМ, одговара:

„Не можам предвремено да кажам дали ќе има преодна влада. Темите на договорот од минатата недела се ажурирање на избирачките списоци, реформи во судството, унапредување на евроатлантските интеграции и подобрување на односите со соседните држави и интеретничките односи.“

Во врска со тоа -дали сериозно ја сфаќа официјалната заложба на ВМРО-ДПМНЕ за влез во НАТО и ЕУ, иако истовремено води проруски курс, Ахмети истакнува: „Не сакам да влегувам во конспиративни шпекулации. Ве уверувам, во Македонија постои политички консензус според кој нашата иднина е во НАТО и ЕУ. Дали постојат тајни преговори или не, не е на нашата агенда“.

На прашањето за односите со соседите-Грција го блокира приемот во НАТО и ЕУ поради спорот со името, Бугарија е скептична, Ахмети вели:

„Со овие конфликти со соседите, како досега, не може натаму. Мораме да ги подобриме односите. САД, НАТО и ЕУ треба да ги интензивираат нивните активности и да ни помогнат во решавање на проблемот со името. Прашањето за името е емоционално, а каде има емоции, нема реализам. Решение е во интерес на земјата, регионот и Европа. Западен Балкан е дел од Европа, сакаме да бидат применети исти стандарди.“

За Али Ахмети е добра вест што во Македонија е холандскиот дипломат Питер Фејт во врска со Охридскиот договор, со кој беше окончан конфликтот во 2001 година. Фејт треба да направи експертиза за степенот на примена на Договорот и да ја презентира пред ЕУ, НАТО и САД. Според Охридскиот договор, подвлекува Амети, јазик кој во една заедница е зборуван од над 20 проценти од луѓето, треба да стане официјален. Тоа македонските власти досега го спроведуваа само на локално ниво. Ахмети сака тоа да биде на регионално ниво.

На прашањето на весникот, зошто цивилното население не било евакуирано при престрелката во Куманово, Ахмети, со одговор:

„Куманово е посебен случај со многу непознатости. Дел од цивилите беа склонети претходно, факт е дека не загина ниеден цивил“.

На инсистирањето на новинарот, дека тоа е чиста среќа, зашто разговарал со луѓето на терен, кои биле загрозени со часови од смрт и непредупредени, лидерот на ДУИ вели:

„Тоа е оперативна работа, јас немам врска со тоа. Ние сме политичка партија.“

Притоа, Ахмети смета за добро да постои меѓународна истрага за настаните во Куманово, со цел да можат да се видат вистинските интенции на сите.

Кој е професионален преговарач?

Германските весници посветуваат простор на „грчката драма“-преговорите на Грција со меѓународните кредитори заради избегнување банкрот.

„Франкфуртер алгемајне цајтунг“ потсетува оти меѓународната заедница на доверители од почетокот на годинава на Грција и‘ позајмила „неверојатни 325 милијарди евра. Една наводно неискусна грчка влада рафинирано си поигрува со своите доверители со постојано зголемување на цената на можниот излез на Грција од еврозоната. Атина одамна требаше да воведе контрола на движењето на капиталот, како што тоа го направи Кипар. Нo, грчките граѓани и претпријатија и натаму можат да подигаат пари од банките и да ги префрлаат во странство. Ако Грција ја напушти ерозоната, имотот во странство би бил обезбеден. Тоа што новата влада не е заинтересирана за милијардите на сметки во Швајцарија, има свои причини и личи на ситуација во која луѓето чуваат залихи во готовина. И таа би била обезбедена пред менувањето во новата драхма. Се поставува прашањето: каде седат професионални преговарачи, а каде навистина превеани политичари: во Брисел, Берлин или Атина?“