1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Атомските бомби ја скршија волјата на Јапонија за продолжување на војната

11 август 2005

Две години пред Германија со нападот врз Полска да ја предизвика Втората светска војна во Европа, Јапонија ја нападна Кина. Тоа беше почеток на јапонско-кинеската војна, која траеше се’ до 1945-та година и стана дел од Втората светска војна. Атомските бомби, фрлени од Американците врз Хирошима и Нагасаки, ја принудија Јапонија да објави капитулација на 15-ти август 1945-та година.

https://p.dw.com/p/Ackc
Пустошот што го предизвикаа атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки ја нaведе Јапонија на безусловна капитулација
Пустошот што го предизвикаа атомските бомби врз Хирошима и Нагасаки ја нaведе Јапонија на безусловна капитулацијаФотографија: AP

Американскиот претседател Труман на 8-ми мај 1945-та година, по поразот на Германија, објави дека знамето на слободата се вее во Европа, Западот е ослободен, но Истокот и натаму е окупиран од јапонската армија. На истиот ден Труман ја повика Јапонија да капитулира.

Јапонската влада утредента одговори дека продолжува да ги следи своите воени цели, иако по сломот на Германија и претходно во јануари соопштеното откажување на сојузништвото од страна на Италија, се чувствуваше оставена сама меѓу непријателските сојузници. Покрај тоа, уште есента 1943-та година Сталин на Рузвелт и Черчил им искажа подготвеност на Советскиот Сојуз по поразот на Германија да се ангажира во војната во Пацификот. На 3-ти мај ’45-та Москва го откажа договорот за неутралност склучен со Јапонија.

Тоа беше длабок шок за Јапонците, зашто претходно тие се надеваа на согласност со Сталин за територијално обезбедување на северот, на можно мировно посредување од Советскиот Сојуз, како и на испорака на нафта за Јапонија. Откажувањето на пактот за ненапаѓање и објавата на војна од страна на Советскиот Сојуз во август, на една недела пред поразот на Јапонија, ги смачка таквите наивни шпекуллации и обиди.

Безизлезноста на ситуацијата за Јапонија беше јасна на сите фронтови. Американските бомбардери со долг долет можеа речиси без отпор да фрлаат бомби врз јапонските градови. На 24-и и 25-ти мај 1945-та година жителите на главниот град ги доживеаја дотогаш најголемите напади од воздух во кои учествуваа по повеќе од 500 авиони од типот Б 29, наречени „летачки трвдини“. Во продолжените бомбардирања до јуни речиси 100 илјади жители на Токио го загубија животот, три ипол милиони останаа без покрив над главата. И други градови – со или без воена индустрија – исто така беа разорени.

Военото раководство не најде никаква друга можност, освен да повика на борба до последен човек на домашна почва. Тоа требаше да дејствува спротивно на се’ посилната желба за мир. Покрај гасење пожар, Јапонците во паузите меѓу бомбардирањата тренираа и борба со бамбусови копја. Се’ што можеше да се употреби како оружје, требаше да биде ангажирано во борба против инвазорите.

Во меѓувреме, во сите области владееше се’ поголем недостиг. Во услови на нужда Јапонците правеа вчудовидувачки пронајдоци. Во март 1945-та година еден офицер-истражувач успеа од корен на бор да добие бензин, а во април од камфор да добие авионско гориво. Во мај беше произведена канта за нафта од бамбус и хартија. Во јули морнарицата разви ракетно летало без екипаж. Уште есента 1944-та од стар памук беше произведен експлозив. Покрај ова, беше произведена и најголемата подморница на светот, а пролетта 1945-та уследија уште 4 натамошни. Првата, со ракети што носат бомби, беше запрена на патот кон САД поради безусловната капитулација на Јапонија.

Владата уште на 28-ми јули објави дека нема да го почитува Потсдамскиот договор склучен два дена порано од страна на сојузниците. Но, сепак мораше да прифати безусловна капитулација откако на 6-ти и на 9-ти август американските бомбардери ги фрлија атомските бомби над Хирошима и Нагасаки. Употребата на атомското оружје требаше да ја скрши јапонската волја за продолжување на војната и со тоа да спречи натамошни човечки загуби на американската армија, што следствено важи и за Јапонците, како и за милиони луѓе во источна и југоисточна Азија.