1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Асад пред пад?

Керстен Книп/сн20 јуни 2015

Постојат сериозни индиции дека режимот на Башар ал Асад преминува во дефанзива и веќе се шпекулира за времето по падот на сирискиот диктатор. Притоа политичките алтернативи не се премногу атрактивни

https://p.dw.com/p/1FiRi
Фотографија: DW/AA/I. Hariri

Обичните војници во сириската војска месечно добиваат околу 50 американски долари. Сега премиерот Ваел Надер ал-Халки им понуди дополнителни 37 долари ако одат на првата линија на фронтот да се борат против опозициските сили, а ќе добијат и еден топол оброк дневно. Има многу индиции кои укажуваат дека на Асад почнува да му недостасува воена сила. Во март Идлиб, град на северозападот на земјата, падна во рацете на вооружената опозиција, а во мај т.н. Исламска држава (ИД) го зазема пустинскиот град Палмира во централниот дел на Сирија. ИД држи повеќе од половина од сириската територија во свои раце. Исто така, таа ја контролира целата државна граница, освен делот кој се граничи со Либан. Но и тоа успева само благодарејќи на помошта од шиитскиот Хезболах од Либан кој е финансира од Иран. Како што јавуваат агенциите, на страната на Асад се борат и ирачки, авганистански и ирански паравоени формации.

Islamischer Staat Kämpfer
Фотографија: picture-alliance/abaca/Balkis Press

Асад загуби секаков легитимитет

Најважното прашање сега гласи: против кого всушност се борат Асадовите трупи. Државната новинска агенција Сана неодамна јави дека трупите кај Алеп убиле повеќе борци на Исламска држава и ги уништиле нивните позиции. Истовремено, американската амбасада во Дамаск се огласи во јавност со целосно поинаква изјава. Таа, имено, на Твитер објави оти сириската војска со бомби всушност на ИД ѝ го ослободила патот кон Алепо. „Коалициските партнери воочуваат дека ситуацијата константно се влошува, како и неспособноста на Асадовиот режим да ја победи ИД“, твитуваше амбасадата на САД во Дамаск на 2. јуни годинава. Еден ден порано уште поостро го критикуваше режимот. „Како што рековме и порано, Башар ал Асад загуби секаков легитимитет и никогаш повеќе нема да биде ефикасен партнер во борбата против тероризамот.“

Тоа што Америкаците го користат Твитер за кусо да го коментираат режимот на Асад, само зборува за тоа колку голема дистанца имаат завземено кон него и колку малку доверба имаат во режимот во Дамаск. Амбасадата исто така јасно ја критикува употребата на касетни бомби во областите кои ги држи ИД- такви бомби не убиваат само терористи, туку и цивили. „Факт е дека за врбување на борци во редовите на ИД не постои подобра причина отколку што е бруталноста на Асадовиот режим“, гласеше пораката на амбасадата на Твитер на 1. јуни. САД, очигледно од иста причина, пред неколку дена започнаа со уште посилни воздушни напади. Амбасадата на САД јавува за најнови успешни акции.

Весникот „Шарк ал Авсат“, меѓутоа, пишува оти нападите би можеле да имаат и поинакво дејство: тие ги поддржуваат останатите бунтовници. „Воздушните напади на САД за прв пат директно ги поддржаа бунтовничките групи во Сирија, но меѓу нив е и Ал Нусра фронтот, близок на Ал Каеда.“

Flüchtlinge Grenzgebiet Türkei Syrien
Фотографија: Reuters/U. Bektas

Шанси за политиката

Во таквиот развој на настаните западните дипломати гледаат можност повторно да се направи обид со политички сретства да ѝ се стави крај четиригодишната војна во Сирија. За време на самитот на Г7 во Елмау, агенцијата Ројтерс цитираше еден неименуван дипломат кој рекол дека „Асадовата војска доживува неуспеси и е принудена се’ повеќе да се повлекува во дефанзива.“ Ројтерс цитира уште еден дипломат кој смета дека на тој начин „се отвараат нови можности“.

Сепак, за сега е нејасно кога и врз какви основи би можела да се формира нова коалиција за борба против ИД и како таа во иднина би требало да се раководи. Арапскиот дневен весник „Ал Хајат“ смета дека Иран, поради тоа што Асадовиот режим се’ повеќе слабее, би требало да има голем интерес да земе учество во разговорите со т.н. меѓународна Асад-коалиција. Дури и Русија, поради слабеењето на Асадовата моќ, би можела да му заврти грб.

Џихадисти на власти?

Ако Асад отпадне како партнер во борбата против ИД, на сцената ќе стапат други сили. Ама, кои? „Ал Хајат“ смета дека тоа би можело да биде Ал Нусра фронтот. „Би можело да се постигне единство за тоа Ал Нусра фронтот повеќе да се не означува како терористичка организација, да му се помогне со воени средства и да му се одобри да се бори и против режимот и против ИД“, пишува весникот.

Frankreich Konferenz gegen IS-Terrormiliz
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. De Sakutin

Меѓутоа, овој весник кој го финансираат Саудијците избегнува да пишува за политичките последици кои би ги донел еден таков договор. Ако дојде до такво нешто, то би имало далекусежни последици за иднината на Сирија. Џихадистите на Ал Нусра во тој случај би барале соодветна цена за својот ангажман, а судејќи според сѐ тоа би било учество во идната влада. Така наместо еден секуларен диктатор, земјата би ја воделе политичари поврзани со Ал Каеда. Сепак толку далеку сѐ уште се нема стигнато. По војната изгледа би можело да дојде до медиумска војна за иднината на Сирија.