1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Апсолутно мнозинство недостижно за Ципрас

Обработка: З. Јордановски (фац, бц, нцц)25 август 2015

Ципрас нема да го постигне посакуваното апсоутно мнозинство, грчкото стопанство ќе страда поради предвремените избори, оценува печатот на германски јазик.

https://p.dw.com/p/1GLFs
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Tzamaros

„Франкфуртер aлгемајне цајтунг“ (ФАЦ) фрла поглед врз внатрешнополитичкиот амбиент и шансите на партиите на предвремените избори во Грција. На премиерот во оставка Алексис Ципрас „по компромисите со доверителите, веројатно на наредните избори нема многу да му користи антигерманска реторика“, се констатира во поднасловот. Во прилогот се потсетува дека „Ципрас и неговото левичарско движење Сириза навистина доживеаја високи проценти на поддршка во анкетите кратко време по јануарските избори, за време на конфронтацијата, првенствено со Германија, во врска со спасувањето на Грција. Но, сега е многу далеку од тоа. (...) Сега Ципрас има тешкотии да грми на популистички начин против доверителите на Грција и против условите од програмата за спас, како што правеше во јануари. (...) Левото крило на Сириза му префрлува на Ципрас за предавство и и натаму има намера да ги застапува идеалните цели, ветени во јануари, за повеќе држава или поголеми издатоци за социјални доброчинства, како и за регуларно напуштање на еврото. (...) Наводно само со поранешниот министер за финансии Варуфакис како сојузник им се припишувале на противниците на Ципрас шанси да освојат до четири проценти од гласовите. Но, Варуфакис засега стави на знаење дека со новата левичарска партија не ја споделува целта за напуштање на монетарната унија.

Додека Ципрас губи избирачи на левиот раб, има изненадувачко придвижување во политичкиот центар. Некои од избирачите, кои досега беа против Ципрас, размислуваат да гласаат за него од тактички причини: ’Добро е што тој, кој демонстрираше против условите за кредитот, сега ќе биде принуден да го реализра токму тој договор‘. Други Грци од граѓанскиот табор сакаат стабилност, која овој пат може да ја има само со Ципрас. (...) Опозицијата досега не успеа да извади ниеден убедлив противкандидат. Конзервативните од Нова демократија би можеле да сметаат на само 18 проценти од гласовите. Конечно, на 61-годишниот партиски шеф Евангелос Меимаракис се гледа само како на преоден кандидат за една безизгледна предизборна кампања. Но, конзервативците барем можат и натаму да егзистираат, додека на социјалдемоккратите од Пасок им се заканува дефинитивно да испаднат од парламентот“, се оценува во предизборната анализа на „ФАЦ“ на политичката сцена во Грција.

Новите избори го оптоваруваат стопанството

„Ное цирхер цајтунг“ се задржува на растечката нервоза кај банките во Грција, оти се одолговлекува нивното поволно рефинансирање. „Банките се најголемиот губитник од решението на премиерот Ципрас за одржување предвремени избори во септември. Нивното рефинансирање со поволни кредити од ЕЦБ (Европската централна банка - н.з.) нема да започне се’ додека трае предизборната кампања. Банките мораат и натаму да се рефинансираат преку скапите ЕЛА-кредити за нужни ситуации. Уште поголема тежина за банките има фактот дека поради изборите и нивното неопходно рекапитализирање се одложува за подолго време. Оти, за да ги добијат за тоа предвидените 10 милијарди евра од новиот ЕСМ-кредит (од Европскиот механизам за стабилност - н.з.), грчката влада во октомври мора да исполни редица предуслови. (...) Овие одолговлекувања го оптоваруваат севкупното грчко стопанство, за кое во меѓувреме недостигот од ликвидни средства стана трајна состојба. Претприемачите се надеваат на брзо спроведување на изборите и на максимум стабилност на извршната власт. Но, според првите анкети на јавното мислење, работите не изгледаат така. И за формирање влада по изборите би можело да биде потрошено драгоцено време“, превидува „Ное цирхер цајтунг“.

Кој или што и’ помага на Грција?

Во колумната со тој наслов во „Берлинер цајтунг“, за третиот пакет помош за Грција се вели: „Едни велат дека тие 86 милијарди евра се залудни со оглед на грчката корупција и лошо стопанисување, другите сметаат дека евро-државите на Атина требало да и’ подарат уште многу десетици милијарди преку кратење на долговите“. Политичарите на Левицата и на Зелените „будат лажен впечаток дека досега уште немало никакво кратење на долгот“, вели авторот Гец Али. Тој потсетува дека во март 2012 година грчки државни обврзници во износ од 200 милијарди евра беа разменети за нови, при што доверителите се откажаа од 53,5 проценти од побарувањата. Со продолжените рокови за отплата при каматните растоварувања и’ отпишаа на Грција натамошни 50 милијарди, наведува Гец и поставува реторичко прашање: „Замислете си, вашата банка или штедилница да ви отпише повеќе од половина од вашите долгови. Би ве мотивирало ли тоа на штедење или помалку да трошите, а повеќе да заработувате?“