1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Антонио Милошоски за ДВ: на Македонија не и‘ се заканува домино-ефект од Косово!

2 февруари 2007

Шефот на македонската дипломатија даде телефонско интервју за германската програма на Дојче Веле, во кое вака ја оценува положбата на Македонија во однос на решавањето на статусот на Косово.

https://p.dw.com/p/AdgT

Господине Милошоски, стравувате ли од домино ефект врз Македонија, каде исто така силното албанско малцинство бара поголеми права?

Антонио Милошоски: Распадот на поранешна Југославија почна со кризата на Косово, мислам дека тоа беше во 1981-та и сега и ќе заврши со разрешувањето на косовското прашање, тоа ќе биде крајот на т.н. домино ефект. Ставот на Македонија е дека што порано ќе се најде решение за Косово, тоа е подобро за нашата земја. Фала му на Бога, Македонија не беше никогаш дел од косовскиот проблем, што го создаде Милошевиќ. Ние сме мултиетничка држава, во која сите етнии се чувствуваат како дома. Сите националности, вклучувајќи ја и албанската, имаат право на образование, на учество во политичкиот живот, како и во локалната самоуправа. Тоа прави да се чувствуваме стабилни како држава и како општество.

Дали тоа значи и дека албанското малцинство во Македонија политички е интегрирано?

Што се однесува до интеграцијата на албанското малцинство во Македонија, таа успешно се гради уште од независноста на Македонија и за тоа имаме потврда и од Брисел во повеќе наврати. До сега уште не се случило при создавањето на парламентот или на владата да нема по една албанска партија. Во моментов коалиционен партнер во нашата влада е Демократската партија на Албанците и со неа имаме според мое мислење одлична соработка. Ние сме сите дел од демократскиот систем во Македонија што го градиме и затоа нашата земја може сосема оправдано да се смета како модел на мултиетничка демократија на Балканот.