1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Анбар се наоѓа пред пад

Диана Ходали/ Жана Ацеска16 октомври 2014

Терористичката милиција Исламска држава освојува се‘ побројни области и во Ирак. Таа забележува успеси посебно во провинцијата Анбар. Ако „падне“ Анбар, во опасност е и главниот град Багдад.

https://p.dw.com/p/1DWJn
Фотографија: picture alliance/AP Photo

Терористичката организација Исламска држава веќе со месеци води борби со ирачките владини трупи околу провинцијата Анбар. Според ирачки владини наводи, се чини дека ИД се наоѓа пред победа, зашто 80 проценти од регионот се веќе во рацете на терористичката милиција. Покрај градот Фалуџа, во почетокот на октомври во рацете на исламистите паднаа и градовите Хит и Кубаса, стратешки важни, зашто покрај нив води важниот главен коридор од Сирија преку сириско-ирачките гранични караули до Багдад. ИД на ваков начин би била во поволна позиција за напади врз Багдад.

Слаба ирачка армија

„Ирачките трупи дури добиле наредба за повлекување“, вели Гинтер Мајер од Центарот за арапски студии во Мајнц. Притоа, армијата го оставила целокупното оружје и без борба им го препуштила на исламистите.

„Ирачките трупи не се во состојба да се спротистават на ИД. Тие се најчесто слабо платени и лошо обучени“.

Некои не сакаат да го ризикуваат својот живот за задржување на провинцијата Анбар. Голем дел од ирачката армија се состои од шиитски борци. Провинцијата Анбар пак е тврдина на сунитите во Ирак. Постојано на дневен ред се меѓусебни непријателства. Владините трупи додуша се‘ уште се во состојба да ги контролираат браните во Хатиџа и Рамади, но „ако тие паднат во рацете на џихадистите, тоа ќе значи-ИД да го контролира снабдувањето со вода и енергија. Освен тоа, таа така би го контролирала и земјоделството околу Багдад“, вели Мајер.

Освојувањето на провинцијата Анбар за исламистите би била стратешки важна победа и од две други причини. Таму се наоѓаат различни армиски објекти. Сегашните добри залихи со оружје и муниција кои ги има ИД, само уште би се пополниле. А исламистите би биле чекор поблиску до својата цел-освојување на Багдад.

Bewaffnete Sunniten in Falludscha
Фотографија: picture-alliance/dpa

Страв од пад на Багдад

Поради тоа, како што јавува БиБиСи, ирачката влада упатила итен повик за помош до САД и арапските сојузници. Во Багдад се стравува дека провинцијата нема уште долго да се одржи и дека ИД наскоро ќе навлезе и во Багдад.

„Бројот на напади во Багдад тогаш би пораснал. И онака несигурната состојба во главниот град дополнително ќе се влоши“, вели експертот Гинтер Мајер. Се стравува во рацете на ИД да падне и багдадскиот аеродром.

Сепак, сојузниците се‘уште не и‘ помагаат на владата во однос на провинцијата Анбар. Меѓународната воена алијанса под водство на САД со недели веќе врши воздушни напади врз позициите на ИД во Ирак и во Сирија. Но, во Ирак тоа имаше успех во потиснувањето на ИД само онаму каде курдските пашмерга борци пружаат отпор. Напредувањето на ИД во Анбар падна во втор план со оглед што целото внимание се сврте кон борбите во Кобане во Сирија. Ниту воздушните напади на воената алијанса не можеа да го запрат напредувањето на Исламска држава во Анбар, цели градови и села се под контрола на џихадистите.

Без помош за Анбар

Порано постоеја планови за организирање командна централа во Анбар, раководена заеднички од Ирачаните и САД. Но, до денес ништо не се случи.

„Всушност, планот на САД беше создавање една племенска сунитска милиција, т.н. Сахва, која ќе се бори против ИД“, вели Гинтер Мајер. Предвидено било на таков начин да се соберат сунитските борци, кои порано се бореле во армијата на Садам Хусеин и се‘уште не се приклучиле кон ИД.

Но, откако и непријателите на ИД, шиитските милиции, почнаа да вршат кршења на човековите права, кај сунитските борци нема голема мотивација за приклучување кон Сахва. Шиитските групи во минатите месеци вршат киднапирање и убивање на сунити како одмазда за убиствата извршени од терористичката милиција Исламска држава.

„Со тоа што владата во Багдад им дозволува на милициите да извршуваат редовно вакви свирепости, таа ги одобрува и воените злосторства и поддржува затворен круг од верски мотивирано насилство, кое натамошно за расцепува земјата“, вели Донатела Ровера, која по налог на Амнести Интернешнел ги документира воените злосторства и неодамна објави извештај од престојот во Ирак.

„Ирачката влада мора конечно да прекине да го поддржува владеењето на милициите“, е мислењето и на Мајер.

„Одмаздничките дела треба да престанат и да бидат казнувани“. Зашто, само ако се поврати довербата на сунитите од Анбар во владата, тие би биле подготвени да се приклучат во борбата против ИД. А само така уште може да се спречи загубата на провинцијата Анбар.