Американските позиции за Македонија не се менуваат
10 февруари 2011Меѓу темите на разговор се и независноста на судството, слободата на медиумите, состојбата во Парламентот и политичкиот дијалог.
За Слободан Чашуле, Томас Кантримен е во регионална блиц посета, пред да биде заменет токму од американскиот амбасадор во Скопје, Филип Рикер.
„Несомнено главна тема ќе биде решавањето на овој веќе штетен по самиот регион и по меѓународните односи, проблем на Грција со нашето име и второто ќе биде проценка на ситуацијата во Македонија, особено по неодговорното напуштање на парламентот од страна на опозицијата“, вели Слободан Чашуле. Тој не се согласува со тезите дека е ова последното опипување на пулсот и на решеноста на македонските власти да се справат со проблемот со името и да покажат поголема волја за решителен компромис.
„Не би рекол дека е така. Американците упорно настојуваат во јавноста да одржат една позиција: ’Проблемот е ваш и вие треба да го решите’ и од друга страна, и во јавноста, но и зад кулисите, од примарен американски интерес е безбедноста на регионот и зачленувањето на Република Македонија во НАТО, како консолодација на јужното крило. Тоа се јасни американски позиции“, оценува за ДВ екс-министерот за надворешни работи во владите на ВМРО ДПМНЕ, Слободан Чашуле.
Фрчковски: Јуни е прв реален термин за предвремени избори
Спротивен став изнесува Љубомир Фрчковски, поранешен шеф на дипломатијата во мандатите на СДСМ. Тој не верува дека во Скопје и Вашингтон името ќе биде централна тема со волшебно влијание и решителни предлози, дотолку повеќе што ВМРО-ДПМНЕ ќе се реши за „вонредни парламентарни избори во јуни“:
„Владејачката партија нема да може да мрдне, а да не се случи расуло во партиските редови околу решавање на тој спор и веројатно ќе дочека некаков момент кој е погоден за нив да повика на предвремени избори. Јуни е првиот реален тајмин за тоа да се заврши“, вели Фрчковски, додавајќи дека проблемот со името може да биде тема, но нема да биде направено ништо сериозно во таа насока.
Тој и Чашуле во денешните изјави и нивните спортивставени оценки во едно се допираат - спорот за името нема да добие забрзување пред најавените избори во Македонија и Грција, но интензитетот на преговорите ќе биде одржуван, особено по одлуката на Меѓународниот суд на правдата за тужбата на Македонија против грчките вета.
Заменикот помошник државен секретар на САД задолжен за Европа, Томас Кантримен, има средба со Груевски пред македонскиот премиер да замине во Вашингтон наредната недела, на средба со американскиот потпретседател Џо Бајден и шефот на дипломатијата Хилари Клинтон, прва од ваков висок ранг на еден македонски официјален претставник од оваа владејачка гарнитура, по приемот на екс-премиерот Бучковски во Белата куќа и средбата со Џорџ Буш.
Автор: Александар Чомовски
Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска