Америка во шок
13 јуни 2016На сите јавни објекти во САД се ставени знамиња на половина копје. Америка е шокирана и тагува. Роднините сѐ уште не знаат дали членови на нивните семејства и пријатели го преживеале масакрот во Орландо. „Не знам каде е син ми“, вели една очајна мајка за телевизијата Ен-Би-Си. „Никој не може да ми каже каде ми е синот.“
Мобилните телефони ѕвонат
Очевидци сведочат за ужасни сцени од внатрешноста на клубот. Поради истрагата која трае, не може да се извадат телата на сите загинати. Во нивната облека сѐ уште ѕвонат мобилните телефони, затоа што пријателите се обидуваат да ги добијат. Во меѓувреме, медиумите веќе објавија видео снимка од моментите кога извршителот Омар М. околу два часот по полноќ со автоматско оружје пука во толпата.
Откако напаѓачот повеќе од три часа држел заложници, интервенирале специјални сили. Омар М. е застрелан. Според полицијата, на тој начин се спасени околу 30 луѓе.
Детали и информации за напаѓачот јавноста дозна многу бргу. Непосредно пред крвопролевањето 29-годишникот се јавил во полиција и се декларирал како приврзаник на „Исламска држава“. Притоа го споменал и атентаторите од маратонот во Бостон. Неговите родители потекнуваат од Авганистан. Омар М. живеел во Флорида и работел за фирма за обезбедување. Според наводи на неговиот татко, Омар мразел хомосексуалци. Тој бил набљудуван од страна на ФБИ уште во 2013 и 2014 година. И, сепак, минатата недела успеал легално да купи автоматска пушка и рачно оружје.
„Напад врз сите Американци“
Ова е 20. по ред масакр по кој американскиот претседател Барак Обама констатира дека на напаѓачите во САД им е прелесно да дојдат до оружје. Тој масакрот во Орландо го означи како „акт на тероризам и акт на омраза“. Видливо потресениот претседател изјави дека нападот е „особено срцепарателен“ за заедницата на хомо- и трансексуалци. Нападот врз нив е напад врз сите Американци. „Нема да потклекнеме пред стравот, туку како Американци ќе бидеме обединети за да ги заштитиме нашите граѓани, да ја одбраниме нашата нација и да преземем мерки против оние кои ни се закануваат.“
Иследниците на полицијата и на ФБИ сега водат истрага за тоа дали Омар М. е индивидуален напаѓач кој се радикализирал самиот, или е дел од исламистичка мрежа. За поранешниот заменик директор на ЦИА, Мајкл Морел, веќе сега е јасно: „Орландо нема да биде последниот исламистички инспириран напад во САД.“ Ќе има и други напади од ваков вид, вели тој. „И, ќе има политичка дебата за тоа од колку приватни права и цивилна слобода ќе се откажеме за да ја подобриме нашата безбедност.“
Дебатата ќе биде дел и од кампањата за претседателските избори. Доналд Трамп во нападот гледа потврда за своите стравувања. Тој го потврди барањето за забрана за влез во САД за муслиманите и од Обама побара да поднесе оставка, зашто претседателот „срамно“ одбил да го обвини „радикалниот ислам“ за нападот. Хилари Клинтон побара да бидат удвоени напорите за заштита на Америка од заканите одвантре и однадвор.