1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

ДВ на Гинеколошката клиника: „Се грижиме за два живота“

Арбнора Мемети
5 мај 2021

По повод Светскиот ден на акушерките, ДВ ја посети Клиниката за гинекологија, каде од почетокот на пандемијата се родија 340 бебиња од мајки кои биле позитивни или суспектни на Ковид-19. Репортажа на Арбнора Мемети

https://p.dw.com/p/3sy1u
Nordmazedonien Babypflege während die Coronavirus-Pandemie
Во Ковид-центарот на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје на лекување или породување биле примени над 450 трудници кои донеле на свет 340 новороденчињаФотографија: Arbnora Memeti/DW

„Не се сеќавам дека акушерството било некогаш пред еден ваков предизвик“, вели Валентина Здравева, акушерката на првата бремена пациентка со Ковид-19 во Северна Македонија.

Од почетокот на пандемијата на коронавирусот во март минатата година, Здравева и нејзините колеги и колешки во Ковид-центарот на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје примиле на лекување или породување над 450 трудници и на свет донесле 340 новороденчиња. ГАК е единствениот центар во С. Македонија каде што се лекуваат и породуваат трудниците кои се позитивни или суспектни на коронавирусот. Капацитетот во ковид-центарот на ГАК е 16 легла, но оттаму велат дека бил подготвен и адаптиран дополнителен оддел на Клиниката каде можеле да се примаат и дополнителни пациентки позитивни на Ковид-19, доколку се јави потреба. 

Nordmazedonien Babypflege während die Coronavirus-Pandemie
Во Ковид-центарот на Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК) во Скопје на свет дошле 340 новороденчињаФотографија: Arbnora Memeti/DW

Негата за пациентите и породувањето се спроведуваат под посебни протоколи и правила, а сите медицински лица во центарот се постојано во скафандери и заштитна опрема. 

„Беше апсолутно нешто ново и стресно, како за нас. така и за пациентката“, се присетува Здравева на првата родилка со Ковид-19 која била згрижена на Клиниката. 

„Сите бевме фокусирани на правилата и протоколите на работа, кои впрочем се поставуваа и веднаш се применуваа. Се сеќавам дека постојано ѝ велев: 'Не се плашете од мојата заштитна опрема'.“ 

Nordmazedonien Babypflege während die Coronavirus-Pandemie
„На првата пациентка постојано ѝ велев: 'Не се плашете од мојата заштитна опрема'“, вели акушерката ЗдравеваФотографија: Arbnora Memeti/DW

Здравствените системи, здравствените работници и сите останати се соочени со огромни предизвици за време на пандемијата на Ковид-19. Медицинските сестри и акушерките се во првата борбена линија против коронавирусот, честопати ризикувајќи го сопственото здравје за да спасат животи. И годинешниот Светски ден на акушерките (5 мај) и медицинските сестри (12 мај) минува во знакот на короната, иако со намален притисок врз болниците. 

Nordmazedonien Babypflege während die Coronavirus-Pandemie
Новороденчиња во ГАК под будното око на медицинскиот персоналФотографија: Arbnora Memeti/DW

Нова реалност

Притоа породувањето во овие услови ги става под уште поголем стрес и родилките и медицинските работници. 

„Ковидот наметна една нова состојба на паника и страв, така што породувањето од физиолошка состојба премина во болест. Ова нова реалност од нас бара неуморна посветеност, вештини и знаење“, раскажува Здравева. 

„Предизвици има многу, започнувајќи од тоа како пациентките да го прифатат ковидот, ако се асимптоматски до стабилизација на температурата и дишењето кај лесната или средно тешка клиничка слика.“ 

Nordmazedonien Babypflege während die Coronavirus-Pandemie
„Мајките се збунети, љубопитни, често со нелогични и повторувачки прашања, од тоа, до кога ќе бидам во изолација, дали да го дојам бебето, дали да го бакнам...“Фотографија: Arbnora Memeti/DW

„Пациентките имаат невидени и незамисливи тешкотии во дишењето, силни панични напади, интензивна кашлица, температура која тешко се симнува, лоши лабораторски анализи. Понекогаш и загрижувачки за животот“, вели Здравева. 

И покрај опасностите кои со себе ги носи вирусот, досега на ГАК не е забележана вертикална трансмисија од мајка на бебе. Сите 340 новороденчиња се родиле здрави. А мајките, вели Здравева, честопати не знаат како да реагираат по породувањето. 

Nordmazedonien Babypflege während die Coronavirus-Pandemie
Фотографија: Arbnora Memeti/DW

„Откако ќе заврши породувањето мајките се збунети, љубопитни, често со нелогични и повторувачки прашања, од тоа, до кога ќе бидам во изолација, дали да го дојам бебето, дали да го бакнам...“. 

Во изминатите 15 месеци, повеќе медицински работници во ГАК и самите мораа да се борат со коронавирусот, но од Клиниката велат дека во секој момент успевале да обезбедат доволно помошно технички и средно медицински кадар, како и гинеколошка, анестезиолошка и педијатриска екипа која им ја пружала  потребната помош на пациентките.