1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Активен викенд за германските Зелени

30 ноември 2003
https://p.dw.com/p/AdNP


Викендов е активен за германските Зелени. Тие на партискиот конгрес во Дрезден дебатираат за европската иднина - со големо мнозинство е поддржано барањето догодина во Германија да се одржи референдум за европскиот предлог Устав, кој ќе се совпадне и со изборите за европскиот парламент закажани за јуни. А токму изготвувањето на нивнта пратеничка европарламентарна листа им создаде најмногу главоболки. На Зелените не им е лесно кога станува збор за нивната база - тоа повторно го заклучи и викендов на партискиот конгрес во Дрезден Ангелика Беер на која и остана само да се смешка. Веќе една година таа како стручњак за прашања од одбраната е на чело на Зелените. Следната година треба да бид избрана во Европскиот Парламент. Но, сега се работи за листата на кандидати на која таа се кандидираше за третото место, а заврши на петото. Тоа не е многу позитивно за еден партиски шеф, но кризата во Зелените која беше прогнозирана сепак изостана. Во својот говор Беер потсети на своите силни страни:

"Бундесверот и денеска има структура како и во времето на студената војна. Политиката на националната армија е апсурдна. Ние знаеме дека не можеме да се одбраниме со армијата. Но, знаеме дека треба да се бориме превентивно, сузбивајќи кризи и спречувајќи војни и конфликти. Јас ќе ја насочам мојата работа кон тоа", порача Беер.



Колку во тоа ќе успее со новиот ангажман во Брисел, бидејќи е повеќе од сигурно парламентарното место за првите десет кандидати, останува да се види.

Од друга страна германскиот министер за надворешни работи Јошка Фишер и од 2000 километри оддалеченост успеа да ги воодушеви кандидатите. Обраќајќи им се преку видео врска тој остро истапи против одбивањето за членство на Турција во ЕУ. Заедницата е отворена за многу земји кои имаат различни ставови, па и религии. Основните начела на ЕУ мора да бидат толеранција, демократија и мирољубивост изјави Фишер и додаде:

"Исправно е тоа кога ЦСУ, господинот Штојбер и госпоѓата Меркел предупредуваат дека важните прашања мора да се тематизираат во предизборната трка. И јас сум за тоа, но прашањето не е дали, туку како ќе се тематизираат. Предрасудите не се основно начело на ЕУ и затоа ќе се одлучиме против таквата политика", изјави Фишер.

Многу водечки членови на Зелените сепак се потрудија во Дрезден да ги разуверат оние кои сметаат дека Фишер по 2006 сепак ќе оди на голема европска позиција во Брисел, можеби како евроминистер за надворешни работи, како што се шпекулира.