1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ако Шредер не им излезеше во пресрет на барањата на ЦДУ/ЦСУ, ќе можеше да го отпише целиот проект Агенда 2010

19 декември 2003

Коментира Волтер фон Тизенхаузен

https://p.dw.com/p/AdMA
Беше јасно дека компромисот, постигнат по долготрајна борба околу реформските намери, ќе добие согласност од парламентот. Остана само прашањето дали сите пратеници од владината коалиција, во која имаше неколкумина незадоволници, ќе гласаат за. Сега е и официјално: сојузниот канцелар Герхард Шредер во еден важен пункт на својот реформски пакет нема апсолутно мнозинство во сопствените редови. Тоа навистина не смени ништо во донесувањето на законите околу кои имаше толку жестоки спорења, уште помалку во правната позиција на канцеларот, но врз него останува да виси една сенка. Тој самиот си е виновен: во предиграта сопственото мнозинство го постави како услов, надевајќи се дека така ќе ги дисциплинира црвено-зелените бунтовници. Против таа бламажа не помагаат никакви рафинирани математички ремек-дела и обиди за интерпретација полни со фантазија.

Герхард Шредер ќе мора да живее со ваква ситуација. Тој не е само цврст во барањата, туку е и доволно прагматичен за да знае дека со оглед на односот на силите во Бундесратот, во кој мнозинство имаат покраините предводени од блокот што е во опозиција на сојузно ниво, не можеше да има никакво друго решение за неговата Агенда 2010. Ако не им излезеше во пресрет на барањата на демохристијаните, ќе можеше да го отпише целиот проект. Покрај ова, опозицијата во многу случаи всушност повторно ја воспостави онаа законска ситуација, која сојузната влада првобитно ја сакаше, но потоа беше променета од фракциите на црвено-зелената коалиција во Бундестагот.

Со компромисот меѓу федерацијата и покраините, коалицијата и опозицијата, е создадена претпоставка за економско заживување. Ограниченото намалување на даноците и олабавувањето на пазарот на работна сила навистина не ја катапултираат Германија од длабокиот дол на стагнација во светли височини на еден нов подем, но тие сепак отстрануваат некои пречки кои би можеле да запрат таков подем, кога тој од Америка ќе стигне во Европа.

Токму кон тоа и се стремеше канцеларот кога во март со големиот говор во Бундестагот ја започна таа политика. Причина за тоа што толку долго траеше додека да бидат спроведени неговите барања е инертноста на социјалдемократите и распределбата на моќта меѓу федерацијата и покраините. Тука не е доволен грмежот на канцеларот, туку е неопходно навремено да и' се пријде на другата страна, да се прифатат нејзините задршки и да се бара консензус. Ако Герхард Шредер и неговите соборци ја примат на срце таа поука, тие ќе можат полесно да ги остварат и другите исто толку болни реформи што претстојат.