1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Шолц не може да распише нови избори како Макрон?

13 јуни 2024

Претседателот на Франција, Емануел Макрон по европските избори распиша вонредни избори за францускиот парламент. Во Германија има уставни пречки за ова.

https://p.dw.com/p/4gxfq
Олаф Шолц
Германскиот канцелар Олаф Шолц под притисок (архивска фотографија)Фотографија: Fred Dugit/dpa/picture alliance

„Емануел Макрон распиша нови избори, зошто Олаф Шолц не го направи истото? Ова се дел од коментарите коишто можеа да се прочитаат на интернет веднаш по европските избори во неделата. 

Но, не е толку едноставно: политичките системи во Германија и Франција се различни. Во Германија не може само така да се распишуваат вонредни избори, за тоа се потребни неколку посредни чекори. 

Нови избори за парламент, а не за претседател 

Според член 12 од францускиот Устав, францускиот претседател има право да го распушти Националното собрание и да распише нови избори за парламентот. Тоа го направи Емануел Макрон во неделата навечер, на 9 јули. Истовремено, важно е да се нагласи дека на тие претстојни избори нема да се гласа за неговиот мандат. Станува збор само за нови избори за Народно собрание, односно за парламент. Францускиот претседател директно го избира народот на посебни избори, а не парламентот. Претседателските избори во Франција во моментов не се на дневен ред. 

Емануел Макрон
По европските избори, Емануел Макрон најави распуштање на Националното собраниеФотографија: Ludovic MARIN/AFP

Во Германија вонредни избори за Бундестагот не може да распише ниту канцеларот ниту претседателот. Ова не е предвидено во Основниот закон (официјалното име на германскиот устав). Креаторите на германскиот Основен закон, по искуствата од Вајмарската Република, сакале да обезбедат поголема стабилност и затоа се можни вонредни парламентарни избори само откако ќе се преземат следните чекори:

Првиот од нив е канцеларот, според член 68 од Основниот закон на СР Германија, да го постави прашањето за доверба на Бундестагот. И само негова одлука е дали ќе го направи тоа или не. Ако потоа добие доверба, се останува како порано. На тој начин тој го обезбедува своето мнозинство во Бундестагот.

Ако загуби, следува уште еден чекор. Тогаш претседателот, на предлог на канцеларот, може да го распушти Бундестагот во рок од 21 ден - освен ако пратениците на Бундестагот не изберат друго лице за канцелар со мнозинство. 

Нови избори во рок од 60 дена по распуштањето на парламентот 

Доколку претседателот го распушти Бундестагот според член 39 од Основниот закон, во рок од 60 дена мора да се одржат нови избори. Во Германија тие нови избори би биле поврзани со мандатот на канцеларот, бидејќи него го избира Бундестагот.

Последен пат се распушти Бундестагот во 2005 година, кога беа одржани вонредни избори. Тогашниот канцелар Герхард Шредер го постави прашањето за доверба по изборите во покраината Северна Рајна-Вестфалија и - тој загуби. Претседателот Хорст Келер потоа го распушти германскиот парламент, што доведе до нови избори.