1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Зошто Македонија гласаше воздржано за резолуцијата за Газа?

ДТЗ
30 октомври 2023

Одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме, но не и терористичкиот акт што Хамас го направи на 7 октомври, вели премиерот Димитар Ковачевски.

https://p.dw.com/p/4YC7s
Димитар Ковачевски
Зошто Северна Македонија гласаше воздржано за резолуцијата на ОН за Газа?Фотографија: Boris Grdanoski/AP/picture alliance

Северна Македонија пред неколку дена гласаше воздржано за Резолуцијата која што ја усвои Генералното собрание на Обединетите нации, а со која се повикува на итно хуманитарно примирје во Појасот Газа. Ваквата одлука отвори бројни дилеми во јавноста. Премиерот Димитар Ковачевски вели дека земјата гласала воздржано за резолуцијата за Газа, бидејќи не е спомнат терористичкиот напад на Хамас.

Одлуката не беше лесна 

„Одлуката за гласање на Резолуцијата на ОН не беше лесна. Одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме и ги поддржуваме, но не и терористичкиот акт што Хамас го направи на 7 октомври“, изјави денеска (30.10) премиерот Димитар Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања на заедничката прес-конференција со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Според него, Северна Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на Јорданската резолуција, непходноста од заштита на цивилите и нивен пристап до основните животни потреби – струја, вода и лекови. Од друга страна, голема слабост на резолуцијата е неспомнувањето на терористичкиот акт на Хамас од 7 октомври кој земјата веднаш најостро го осуди, како и правото на Израел да се брани.

Зошто се гласаше воздржано? 

„Затоа и гласавме за канадскиот амандман на резолуцијата. Одлучивме да гласаме воздржано затоа што резолуцијата од една страна ги адресира хуманитарните прашања со што се согласуваме и ги поддржуваме, но отсуството на спомнувањето на она што Хамас го направи на 7 октомври не остава простор за поинаков пристап во однос на гласањето. Во секој случај треба да продолжат активностите на меѓународната заедница за обезбедување долгорочен мир и стабилност на Блискиот Исток“, рече Ковачевски. 

Газа
Северна Македонија го поддржува хуманитарниот аспект на Јорданската резолуција, непходноста од заштита на цивилите и нивен пристап до основните животни потреби – струја, вода и лековиФотографија: Ali Mahmoud/AP Photo/picture alliance

Канадскиот амандман, појасни тој, бил поднесен со цел резолуцијата да биде комплетна, но тој не бил прифатен пред финалното гласање на резолуцијата и затоа голем број држави постапиле така како што постапи и Северна Македонија.  

Повик за примирје 

Резолуцијата на Генералното собрание на ОН која беше поднесена од Јордан, беше донесена со 120 гласа „за“, 45 држави беа воздржани, меѓу нив и Северна Македонија, а 14 гласаа против, вклучувајќи ги Израел и САД, а од Европа - Австрија, Чешка, Хрватска и Унгарија. Резолуцијата на ГС на ОН која не е обврзувачка, но има политичка тежина поради поддршката од големото мнозинство членки на ОН, повикува на „итно, трајно и одржливо хуманитарно примирје“ меѓу Израел и Хамас и побара непречен пристап на помош до опколениот Појас Газа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема