Знаци на надеж по големата катастрофа на Мауи
14 август 2023Состојбата со разорните шумски пожари во американската сојузна држава Хаваи малку се смирува. Властите во областа Мауи во неделата попладне (по локално време) известија дека сè поголеми делови од пожарите се под контрола. Посебно катастрофалниот пожар околу малиот град Лахаина на западниот дел на островот сега е 85 отсто локализиран.
Бројот на потврдени смртни случаи во шумските пожари во Мауи сега изнесува 93, што го прави најсмртоносен шумски пожар во САД по повеќе од сто години. Џош Грин, гувернерот на Хаваи, смета дека бројот на мртви би можел значително да се зголеми како што минува времето.
Размерите на штетите станаа појасни во текот на викендот, бидејќи тимовите за потрага со кучиња за трупови ги пребаруваа урнатините на Лахаина, четири дена откако пожарот го срамни со земја историското одморалиште, уништувајќи згради и топејќи автомобили.
Во засолништето за итни случаи во Воениот меморијален комплекс на Мауи, стотици евакуирани продолжија да се собираат, добивајќи храна и медицинска помош од постојано растечкиот број волонтери.
Трошоците за повторна изградба на Лахаина се проценуваат на 5,5 милијарди долари, соопшти Федералната агенција за управување со вонредни состојби, додавајжи дека повеќе од 2.200 објекти се оштетени или уништени и изгорени се повеќе од 850 хектари.
Официјалните лица ветија дека ќе ги испитаат државните системи за итни случаи откако некои жители прашаа дали можело да се направи повеќе за да се предупредат луѓето пред пожарот да ги зафати нивните домови. Некои биле принудени да влезат во Тихиот Океан за да избегаат од пожарите.
Сирените поставени околу островот - наменети за предупредување за претстојните природни катастрофи - воопшто не се огласиле, а распространетите прекини на струја и на мобилните мрежи ги попречуваа другите форми на предупредување.
Државната обвинителка Ен Лопез рече дека ќе започне истрага за донесувањето одлуки пред и за време на пожарот.